Македонија
Ќе сториме се’ да се најде начин за побрз проток на патници, и’ рече Тошковски на амбасадорката на Грција
Во Министерството за внатрешни работи денес се одржа работна средба помеѓу министерот Панче Тошковски и амбасадорката на Грција, Софија Филипиду.
На средбата двете страни изразија задоволство од досегашната одлична соработка, со акцент на партнерството помеѓу двете министерства, кое изминативе години посебно за време на миграциската криза, но и периодот после се покажа дека е од голема важност.
„Добрососедските односи со сите соседи се од исклучителна важност, особено со јужниот сосед. На јужната граница имаме зголемена фреквенција на луѓе и стока, со оглед на тоа што огромен број од нашите граѓани во овој летен период од годината се упатуваат кон соседна Грција. Ќе сториме се да се најде начин за побрз проток на патници, запазувајќи ги притоа сите безбедносни проверки“, истакна министерот Тошковски, додавајќи дека е неопходно да се потпишат нови протоколи за соработка меѓу двете министерства.
Од страна на амбасадорка на Елинската Република, Филипиду беше реафирмирана поддршката што Елинската Република и ја дава на нашата земја во сите домени особено во евроинтегративниот процес и беше изразена подготвеност за нејзино натамошно интензивирање и продлабочување особено во делот на безбедноста и соработката против криминалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од две скопски населби без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, известува дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа без напојување со електрична енергија ќе останат:
• од 09:00 до 12:00 часот Сеизмологија, Пржино, Институт за земјотресно инженерство, Француска амбасада и ул.Милан Мијалковиќ. (Општина Центар)
• од 08:00 до 15:30 часот Дел од улица Регионален пат R1102 Скопје – Катланово на потегот од бензинска Мак Петрол до исклучок кон с. Огњанци, улица 3, дел од улица 7 и дел од улица 2. (Општина Петровец)
Македонија
Поради водоводен приклучок: дел од Центар без вода за пиење
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, соопшти дека денеска- петок, поради изведување на водоводен приклучок од Ф-80мм на ул.Македонија ( спроти Спомен куќата на Мајка Тереза ) во населба Центар, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од Димитрие Чуповски до Даме Груев и дел од Луј Пастер , од 08:30 часот до завршување.(општина Центар)
Македонија
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни и поројни, проследени со појава на грмежи.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 15, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, попладне пообилни проследени со грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 22 степени.
Во сабота во западните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Потоа во следните денови времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен благ пораст.