Македонија
Љутков од Крушево: Со култура и традиција го чуваме аманетот за слободна и демократска држава

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчеравечер се обрати на отворањето на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, во херојскиот град кој е израз на македонскиот непокор и ризница на македонската култура и традиција.
Пред големиот аудиториум, во духот на идејата за слобода на својата држава на хероите од Илинденското востание и од Народноослободителната борба, министерот Љутков рече: „ Денеска, во пресрет на Илинден, повторно му кажуваме на светот дека Македонија не беше и не ќе биде јалова грутка, за да ја поткршува кој најде и кој ќе стигне. Денеска, на страниците на светското паметење, со гордост запишуваме дека пред сто дваесет и една и пред точно осумдесет години, ние ги избравме и ги испративме најдобрите синови први да ги огрее сонцето на слободата“.
Тој говореше за храброста и за визионерството на војводите и на партизаните додавајќи дека тие, кои биле благословени од Свети Илија, „силно удрија по темнината за да се разбистри погледот пред вечноста и да се види до каде е Македонија“.
„Хероите од Мечкин Камен и од Слива, ни покажаа како се чува слободата, тој најскап идеал на човекот, а ние сме онаа генерација на која ѝ е оставен аманетот – со убавината на сопствената култура и традиција, да ги дочуваме својот идентитет и вековната посебност, како скапоцен влог во мозаикот на светската цивилизација“, рече Љутков, споменувајќи ги сите културни институции што градот Крушево ги има како одек на минатото и потврда за непроценливото богатство на нашата држава.
Честитајќи го Денот на Републиката, министерот Љутков порача: „Силно верувам дека предвидената програма на манифестацијата ’Десет дена Крушевска Република‘ ќе биде нов културен светилник на Балканот, за кој долго ќе се зборува и по кој светот ќе нè препознава, како град и земја што задолжително и со восхит треба да бидат посетени“.
Свеченото отворање на манифестацијата започна традиционално со формирање поворка и доаѓање на коњицата пред столбот на Крушевската Република. Свежо цвеќе беше положено пред бистата на Веле Марков, како и на вечните почивалишта на Питу Гули и на Тоше Проески, пред споменикот на партизанските гробишта и пред Криптата на илинденските востаници.
По церемонијата на читање на Крушевскиот манифест и подигнување на бајракот на Крушевската Република, по свечените обраќања на министерот Љутков, градоначалникот Томе Христоски и пукањето со црешово топче, вечерта продолжи со настапите на „Танец“ и на „Некст тајм“.
Централните настани за празнување на 2 Август се денеска на Мечкин Камен, а манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ ќе трае до 10 август со програма која опфаќа содржини за сите возрасти – претстави и концерти за најмладите, изложби, поетско читање, драмска и филмска програма, концерти од сите жанрови, како и научна конференција со учесници од Институтот за национална историја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јакимовски: Мицкоски сака да им продаде мачка во вреќа на карпошани

Во последните денови сме сведоци на уште еден обид на ВМРО-ДПМНЕ, да им продаде на граѓаните на Карпош, мачка во вреќа, вели актуелниот градоначалник и кандидат за претстојните локални избори Стевчо Јакимовски.
„Наместо вистински соочувања и дебати со граѓаните, нивниот кандидат добил строга забрана да зборува. Не смее да се појави на трибини, не смее да одговара на прашања, не смее да зборува без дозвола.
Наместо идеи – снима клипчиња со проекти кои јас одамна ги имам реализирано. Наместо визија – повторување на туѓи ветувања.
Ова не е фер кон граѓаните на Карпош, кои заслужуваат чесна, отворена и аргументирана кампања.
Карпош не е публика за туѓи сценарија и празни ветувања. Граѓаните сакаат луѓе што знаат што направиле, кога направиле и за кого работат. Јас не ветувам, јас покажувам. Сè што сум кажал – сум реализирал“, вели Јакимовски.
Според него, другите треба да објаснат зошто кријат, кого претставуваат, и зошто се плашат од граѓаните.
Како што истакнува, Карпош не заслужува експерименти и неуспешни приправници во политика.
„Карпош заслужува луѓе со резултати, искуство и почит кон граѓаните.
Македонија
„Криминалот на СДС со нивната омилена компанија Марковски излезе на површина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Она што како партија изминативе години говоревме дека СДС местеше тендери со нивната омилена компанија Марковски, излезе на површина. Финансиската полиција по сомнение за местење на тендер, соодветно постапила и уапсен е Борче Марковски, човекот што ја води компанијата Марковски, кој е осомничен за испумпување на околу 100 милиони денари од Буџетот на државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Инаку, за тоа колку била омилена компанијата Марковски, на СДС и ДУИ, говори фактот што за 2 години, добиле 200 милиони евра од државата.
ВМРО-ДПМНЕ многу пати говореше за сомнежи во работата на Владата на СДС и ДУИ, во однос на компанијата Марковски, но надлежните институции, спиеја на тоа уво.
Полека но сигурно, правдата и одговорноста доаѓа. Никој нема да биде заштитен, без разлика на неговата партиска, политичка, верска или етничка припадност“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Реализирано првото гаѓање со новата артилериска опрема ,,Боран’’ на АП Криволак

Денеска министерот за одбрана, Владо Мисајловски присуствуваше на армискиот полигон „Криволак“ каде беше извршено првото артилериското гаѓање со новите системи „Боран“, кои се дел од процесот на модернизацијата и опремување на македонската Армија, а беше презентирана и новата набавка на воено-теренска униформа за армиските припадници.
На активноста на која што присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал мајор Сашко Лафчиски, амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој и останати високи претставници од Армијата и министерството, министерот Мисајловски истакна дека денешното прво гаѓање и ставање во употреба на овие артилериски орудија значи и зајакнување на борбената готовност на Армијата.
Министерот Мисајловски во рамки на денешната активност дополнително информираше: „набавени се околу 4.000 комплети за воено-теренска униформа, од заедничкиот билатерален договор што го имаме потпишано со Турција, кој преку 2,5 милиони долари директно ќе бидат дадени за Министерството за одбрана, односно директно за Армијата“. Тој уште еднаш упати благодарност за поддршката на сојузничката поддршка од Турција и нагласи дека во тек се и други набавки кои се дел од Договорот за воено-финансиска соработка со Турција.
Хаубиците „Боран 105 мм“ се дел од декларираната батерија на Артилерискиот баталјон која е составен дел од Лесната пешадиска баталјонска група. Набавката на ова средство со кое се исполнува НАТО целта за опрема и муниција за индиректна огнена поддршка, претставува важен чекор во реализацијата на исполнувањето на обврските од пакетот на НАТО цели на способности утврдени во 2021 година и потврдени со новиот пакет за 2025 година.