Македонија
Не смее политиката да биде извор на уназадување на државата, рече Филипче по повод Илинден

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска во чест на 2 Август, положи свежо цвеќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, пред споменикот на АСНОМ и пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, „Методија Андонов Ченто“ на плоштадот „Македонија“.
Филипче во изјава за медиумите ги честиташе двата Илиндена, истакнувајќи дека исполнувањето на аманетот на државотворците од Илинден и АСНОМ е нашата денешна борба за Македонија.
,,Овие два Илиндени сами по себе говорат за опстојноста на идејата за слобода, за соживот, за надминување на поделбите, национализмот, пропагандите и за сплотеност околу идејата за еднаквост и рамноправност на сите, независно од различноста и уверувањата. Слободарскиот дух, на илинденците и на асномците ги сплоти сите кои сакаат слобода, правда и социјална еднаквост, независно дали таа нивна борба се водела во епоха на монархии или во време на фашистичка окупација” – рече Филипче во изјава за медиумите.
Филипче, истакна дека Македонија денес е членка на НАТО, меѓународно афирмирана држава.
,,Нашата татковина е земја на вредни луѓе, изминативе години се изборивме за меѓународно признавање и афирмација на нашата земја, влеговме во НАТО, покажавме дека во оваа земја живеат граѓани со голема жилавост, подготвени да ги остварат сопствените цели, за демократска, слободна, праведна европска држава” – рече претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Тој додаде дека политиката не смее да биде пречка за обединување околу илинденските и асномските идеали.
,,Не смее политиката да биде извор на подеми и падови, уназадување на државата и причина за нови внатрешни кризи и поделби. Ова е време во која борбата е за подобар живот на младите, создавање на демократски институции и владеење на правото, почитување на различностите и создавање општество во кое сите граѓани ќе бидат рамноправни“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Охридската полиција спаси четири лица заглавени во езерото откако силниот ветер им скрши дел од едрилицата

Четири лица беа спасени синоќа од водите на Охридското Езеро откако нивната едрилица останала без управување поради механичко оштетување. Брзата реакција на полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ спречи трагедија.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, на 28 јуни 2025 година, во 19:30 часот, било пријавено дека од пловен објект, кој се наоѓал на околу 2,5 километри од езерскиот брег спроти авто-кампот „Извиднички“, е упатен повик за помош.
„Наши полициски службеници веднаш излегоа на терен со службен глисер и ги лоцираа четирите лица на едрилица кои се наоѓаа во неволја. Сите четворица се успешно и безбедно извлечени и пренесени до станицата кај каналот Студенчишта“, соопштија од МВР.
Од полицијата појаснуваат дека поради силен ветар и бранови дошло до кршење на крмениот лист на едрилицата, по што лицето кое управувало со пловилото ја изгубило контролата.
„Благодарение на навремената интервенција, случајот заврши без повредени. Безбедно е извлечена и едрилицата“, додаваат од полицијата.
МВР уште еднаш апелира до сите граѓани и туристи да внимаваат при користење на пловни објекти и да ги следат временските услови, особено кога се работи за едрилици и објекти без моторен погон.
Македонија
ДУИ со остра реакција до Мицкоски: Сака да ни го избрише идентитетот со електронски попис

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска жестоко реагираше на најавите од премиерот Христијан Мицкоски и Владата за спроведување на електронски попис во 2026 година, обвинувајќи дека станува збор за националистичка агенда со цел исклучување на Албанците од институциите и системот.
Во реакцијата, ДУИ потсетува дека уште во 2022 година, Мицкоски јавно ги оспори резултатите од пописот на населението, каде беше утврдено дека Албанците сочинуваат 29,5% од вкупната популација.
„Тој тогаш вети дека штом ќе дојде на власт ќе организира електронски попис за да ги ‘коригира’ резултатите. Тоа не беше техничка изјава, туку политичка порака – дел од серија ветувања со слоганот ‘да им се покаже местото на Албанците’“, стои во реакцијата на партијата.
ДУИ обвинува дека новата власт го спроведува овој план преку институциите кои ги има ставено под своја контрола.
„Уставниот суд, Јавното обвинителство и други тела активно работат во служба на оваа агенда – укинување на Балансерот, уривање на механизмите за заштита од мајоризација, исклучување на албанскиот јазик, систематско маргинализирање на Албанците во администрацијата, безбедносните служби и армијата“, наведуваат од партијата.
ДУИ не ја штеди ниту коалицијата Вреди, која според нив, со својата тишина и поддршка, ја легитимира политиката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Уценети и заробени, тие создаваат лажна слика за мултиетничност на владата. Албанците не се наивни и никогаш нема да прифатат да бидат предмет на ‘дигитален инженеринг’, дури и ако во тој процес учествуваат Албанци од Вреди“, велат од ДУИ.
На крајот, од партијата испратија порака до граѓаните:
„Овие обиди нема да поминат. Ќе се спротивставиме со сите демократски средства, а Албанците ќе знаат да го заштитат својот глас, своето место и своето достоинство во оваа држава“.
Скопје
Центарот на Скопје блокиран два дена поради средба на високи гости

Поради најавената средба на лидерите од Западен Балкан која ќе се одржи во Скопје, Секторот за внатрешни работи информира дека во понеделник (30 јуни) и вторник (1 јули) во главниот град ќе биде воспоставен посебен режим на сообраќајот.
Од СВР Скопје соопштуваат дека мерките ќе се однесуваат на поширокото централно подрачје на градот, при што дел од улиците и булеварите ќе бидат затворени во различни временски интервали, во зависност од движењето на делегациите.
„Станува збор за највисоко ниво на безбедносна организација, и апелираме до сите граѓани да покажат разбирање и трпение. Полициските службеници ќе бидат распоредени на клучни локации и ќе ја координираат обиколката на возилата“, изјави за медиумите полициски службеник од Единицата за безбедност на патниот сообраќај.
Од СВР додаваат дека сите учесници во сообраќајот треба строго да ги почитуваат наредбите и знаците кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел да не се создаваат дополнителни метежи или проблеми.
„Сите неопходни информации за затворените улици и алтернативните правци ќе бидат достапни преку медиумите и социјалните мрежи. Апелираме возачите да планираат алтернативни рути и да тргнуваат порано од дома“, велат од полицијата.
Граѓаните кои живеат или работат во централното градско подрачје се советуваат да користат јавен превоз или алтернативни средства за движење за време на двете критични деноноќија.