Култура
„Охридско лето“ денеска одбележува 64 години со концерт на салса оркестарот „Меркадонегро“
Со салса оркестарот „Мерканонегро“ , „Охридско лето“ вечерва ќе одбележи 64 години успешно постоење.
На денешната прес-конференција по повод роденденскиот концерт, директорката на оваа национална установа, Наташа Поповиќ истакна дека „Охридско лето“ е уникатен македонски подиум на кој се вкрстуваат уметничките креации од целиот свет, а на фестивалската сцена, како што потсети, секоја година се обединуваат различните култури оставајќи неизбришлива трага за идните генерации.
-Огромна е благодарноста до сите оние кои со својот настап го воздигнале фестивалот, славни музичари и актери, реномирани оперски и театарски куќи, бројни љубители на уметноста, но и до сите оние кои неуморно работеле и ја граделе успешната приказна на „Охридско лето“. „Охридско лето“ е врвна културна сцена. Место каде музиката и театарот ја надополнуваат богатата традиција.Фестивалската програма и на ова, 64-то „Охридско лето“ предизвикува воодушевување кај љубителите на врвната уметност а тоа е доказ дека сме доследни на заложбите да ја градиме и надополнуваме магијата која извира од оваа сцена.Денеска ги славиме годините испишани со богата историја, со славни имиња од светската музичка и театарска елита, рече директорката
Поповиќ, изразувајќи благодарност до сите кои се втемелиле во успешната приказна наречена „Охридско лето“.
Селекторката на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“, Бисера Чадловска годинешното фестивалско издание ќе биде испишано како едно од најуспешните токму со настапот на реномираните странски, но и домашни уметници.
-Досега имавме 20 дена исполнети со прекрасни концерти, многу музика, аплаузи и овации за нашите уметници кои учествуваа на фестивалот. Освен странските уметници кои беа многубројни на фестивалот и донесоа огромен квалитет на нашите сцени, во оваа прилика се заблагодарувам и на нашите домашни уметници се кои рамо до рамо со сите странски уметници кои доаѓаат на фестивалот. До крајот на фестивалот нè очекуваат интернационални вечери, но и вечери со домашни изведувачи со што ќе заокружиме уште едно успешно фестивалско издание, рече Чадловска.
Според селекторката на драмската програма на фестивалот, Сања Арсовска, до роденденскиот датум на „Охридско лето“ се реализираа две третини од драмската програма.
-Имавме три театарски премиери на ова фестивалско издание. Поминаа две третини од театарската програма, ја видовме „Имакулата“ во режија на Ливија Пандур а во продукција на СНГ Драма Марибор, ја имавме „Галеб“ на Битолскиот народен театар, ја имавме „Крал Лир“ на Lit Moon Theatre Company од Санта Барбара во режија на Џон Блондел и пред некој ден, ја имавме и извонредната премиера на претставата „Рацин“ во режија на Дејан Пројковски, а во продукција на Велешниот театар. Го имавме и Никола Ѓуричко со неговиот стен-ап кој и тоа како има неверојатна врска со театарот односно претставуваше една мононографија на неговите театарски искуства во Југословенското драмско позориште, рече Арсовска, најавувајќи дека до крајот на ова фестивалско издание остануваат уште две театарски претстави, „Лет над кукавичкото гнездо“ со Драмски театар Белград и „Алиса во земјата на стравовите“ со Југословенскиот драмски театар од Белград која на 20 август ќе ја спушти и завесата на ова фестивалско издание.
Салса оркестарот „Меркадонегро“ е оформен од страна на Армандо Миранда. Неговите членови доаѓаат од различни делови на Латинска Америка и секој од нив носи сопствени традиционални специфики.
-Како водач на бендот, среќен сум што сум што сум првпат во Македонија и што првпат настапуваме на „Охридско лето“. Многу сме возбудени од нашиот настап бидејќи го подготвивме специјално за фестивалската публика. Ќе направиме едно патување низ Латинска Америка токму преку музиката. Сакаме целата публиката да биде дел од нашето музичко патување и да им ги покажеме нашите музички корени, истакна Миранда на денешната прес-конфренција.
Роденденскиот концерт на „Охридско лето“ со салса оркестарот „Меркадонегро“ ќе се одржи на Долни Сарај со почеток во 21 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.

