Култура
Вечерва, концерт со уметници од Грција на Охридско лето
ечерва на програмата на „Охридско лето“, во рамките на грчката вечер, ќе се одржи концерт на Христос Гримпас-виолончело и Џорџ – Емануел Лазаридис –пијано. Концертот е со почеток од 21 часот во црквата „Света Софија“.
Христос Гримпас студира на Државниот конзерваториум во Солун (проф. Д. Патрас) како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Пост- дипломските студии ги завршува на Високата школа за музика во Есен во класата на В. Менделсон. Бил член на младинскиот оркестар на Рајнскиот регион, Меѓународниот младински оркестар и Оркестарот на ЕУ. Наградите кои се впишани во неговата биографија ги вклучуваат: Грчкиот натпревар за млади солисти во 1997 година, Меѓународниот натпревар „Хелекспо“ во 1998 година, а добитник е на стипендии од Здружението на љубители на музиката во Атина, од фондацијата „Александра Трианти“ како и од фондацијата „Александрос Оназис“. Како солист настапува со оркестрите во Солун, Карлови Вари, оркестрите во Пазарџик и Софија, како и со оркестарот во Днипро и Харкив. Има остварено снимки со Симфонискиот оркестар на Грчкото радио. Во моментот е член на групата виолончела во Државниот оркестар во Солун, а е еден од основачите на ансамблот „Транскрипции“ со кој настапува на меѓународната сцена во музејот „Тејт“ во Лондон, во музејот „Кралица Софија“ во Мадрид, во „Мегарон“ во Атина и други.
Џорџ – Емануел Лазаридис е роден во Грција во 1978 година. Започнува да настапува на осум годишна возраст и од тогаш е добитник на бројни награди, почесни награди и стипендии. Дипломира на Кралскиот колеџ за музика и на Тринити Лабан Конзерваториумот во Лондон, а негови ментори се: Јонти Соломон, Даглас Финсх и Домна Евнухиду. Тој работи и со Алфренд Брендел, Рут Ние, Паул Бадура Скода и Норета Конци Лич. Неговото константно присуство на сцената, повеќе од 35 години успешната кариера го води во: САД, Мексико, Русија, Украина, Египет, низ Европа и Блискиот Исток. Настапува пред публиката во Ројал Алберт Хол, во Карнеги Хол во Њујорк и во виенскиот „Музикферајн“. Како солист настапува со оркестрите во Санкт Петербург, Хамбург, со Кралската филхармонија во Лондон и др, под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Инго Мецмахер, Јуриј Темирканов и други легендарни диригенти. Како камерен музичар ја дели сцената со квартетот „Медичи“, со квартетот „Изаи“, октетот „Виена“ и др. Снимените изданија на Џорџ-Емануел Лазаридис се високо оценети од стручната меѓународна критика. Еден од основачите е на асоцијацијата АДАП, како и на Меѓународниот фестивал „Музичко село“, а член е и на ансамблот на Четири пијана заедно со Џанис Вакарелис, Ципријан Кацарис и Ахилеас Вастор. Одржува семинари на Конзерваториумот „Тринити Лабан“, на школата за музика „Менхетен“, на универзитетите во Бирмингем и Кастелон и др. Четири години предава на Државниот грчки конзерваториум, а неодамна е назначен за асистент на Универзитетот во Солун. Бил уметнички директор на концертните сали во Солун од 2010-2019 година време во кое го основа детскиот хор „Мегаро“ и младинскиот оркестар „Мојса“. Бил уметнички раководител на фестивалот „Деметриа“ и генерален директор на Државниот конзерваториум во 2019-2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

