Македонија
Филипче до Гир: Се сомневам во намерите на Владата воопшто да го продолжи европскиот пат

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се сретна со Дејвид Гир чиј мандат како амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија завршува.
Филипче и Гир разговараа за теми поврзани со досегашниот мандат на евроамбасадорот и случувањата во земјата. Во разговорот, Филипче истакна дека е загрижен за насоката во која новата Влада ја води земјата, особено за иднината на евроинтеграциските процеси.
„Загрижен сум дека политиките на новата Влада може да предизвикаат трајно блокирање на евроинтеграциските процеси. Владата на ВМРО-ДПМНЕ во само неколку недели целосно ги наруши позициите на Северна Македонија, отворајќи веќе затворени спорови со што шансите за продолжување на евроинтеграциите драматично се влошија“, истакна Филипче на средбата со Гир.
Претседателот на СДСМ пред евроамбасадорот го истакна и неговиот сомнеж, како што рече, околу намерите на Владата воопшто да го продолжи стратешкиот правец кон ЕУ и потенцираше дека уште на почетокот на работата на новата Влада земјата има нејасната иднина.
Во таа насока, Филипче го информираше Гир дека СДСМ како опозиција ќе се залага за реформи и јасни перспективи.
„Европската интеграција е стратешка цел на државата и СДСМ ќе продолжи да се залага за негување демократските вредности и заштитата на националните интереси. СДСМ како опозиција ќе се залага за реформи од страна на сите чинители во македонското општество. Напредокот во интеграцијата на нашата држава позитивно ќе се одрази на регионалната соработка, стабилноста и напредокот на земјата“, рече Филипче.
Филипче му се заблагодари на Гир за неговата посветеност и работа во земјава ангажирајќи се како вистински пријател на Северна Македонија кој даде голема поддршка во остварување на државните стратешки цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судот оваа недела ја завршува оценката на обвинението за „Пулс“

Скопскиот Кривичен суд најави дека до петок ќе ја донесе одлуката дали обвинението за пожарот во кочанската дискотека ќе биде прифатено. Судиите треба да утврдат дали актот е јасен, правно издржан и поткрепен со доволно докази.
Постапката се одолговлекуваше поради тоа што дел од адвокатите на обвинетите не биле достапни за прием на документацијата, но сега, според судот, сите рокови истекуваат на 3 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство од начинот на кој обвинителството ја води постапката и порача дека сите поврзани со случајот мора да одговараат. Од опозициската СДСМ, пак, обвинија дека власта ги штити своите функционери кои биле чести гости во дискотеката.
Во пожарот загинаа 62 млади луѓе. Паралелно се води и истрага за 29 полициски службеници, за кои сè уште се анализираат доказите.
Македонија
Можност за воведување на нови авиолинии, тема на средбата меѓу вицепремиерот Николоски и шведскиот амбасадор Солстром

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
На средбата, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот со владината програма во делот на капиталните проекти и вклученоста на Македонија во регионалните инфраструктурни проекти со што сe дава придонес во развој и промоција на регионалната соработка.
Се разговараше и за можностите и услови за инвестирање што ги нуди Македонија и јакнење на економската соработка.
Исто така, вицепремиерот Николоски ја отвори и темата за поквалитетна поврзаност меѓу двете земји и можностите за зголемување на авиолиниите меѓу Македонија и Шведска.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Шведска кои традиционалнo се пријателски. Двајцата соговорници ја нагласија потребата од интензивирање на соработката во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Македонија
Нова програма за Тетово на Касами: бесплатен јавен превоз, 100 евра за првачиња, нови училишта, жичница

Кандидатот за градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, денес одржа прес-конференција на која ја претстави својата изборна програма за следниот четиригодишен мандат.
Касами истакна дека изминатите четири години биле посветени на итни интервенции и решавање на основните проблеми со инфраструктурата, финансиската стабилизација и редот во општината.
– „Тетово денес е многу подобро отколку што беше пред 4 години. Успеавме да реализираме стотици проекти и да вратиме долг од 9 милиони евра. Сега сме подготвени да преминеме на ново поглавје – развој и модернизација на градот“, истакна Касами.
Во својата програма за 2025–2029 година, тој предвидува целосно решавање на проблемите со водоснабдување и отпадни води, модерна канализациона и улична инфраструктура, електрични автобуси и бесплатен јавен превоз, дигитализирани јавни услуги и стратегија за паркирање.
Посебен фокус е ставен на образованието со целодневна настава, нови лаборатории, подобрени услови во училиштата и субвенции од 100 евра за секое дете запишано во прво одделение.
Програмата предвидува и урбанистичка трансформација на Тетово со нов Генерален урбанистички план, изградба на Плоштад со подземен паркинг, катни гаражи, пешачки подвозници и жичница Тетово–Лисец–Попова Шапка.
„Вториот мандат ќе биде мандат за брз развој, за европски стандарди во секоја сфера, за заживување на културата, спортот и туризмот, но и за грижа за најранливите категории“, нагласи Касами, додавајќи дека сите проекти се базирани на конкретни стратегии и финансиски планови.
Тој порача дека Тетово не смее да се врати назад во „ерата на хаос, анархија и корупција“ и дека новата програма е „договор за работа“ кој ќе се реализира доследно.