Македонија
Митева: Никој не ѝ верува на ДУИ дека е искрена во намерите за ветинг

Сметаме дека ДУИ сѐ уште живее во меурот од сапуница создаден поради нивната корумпираност и нивните подложни на корупција партнери од СДС и дека не се свесни дека на ваков начин и со вакви површни и очигледно очајни обиди на сите им е кристално јасно дека сакаат да си го кријат криминалот, но нема да успеат. Ниту, пак, некој ќе им верува дека намерите им се искрени ниту, пак тие самите си веруваат. Ова го истакна портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Повторуваме дека ова е маневар на ДУИ и СДС за да можат секоја постапка која би се отворила против член на нивното раководство да ја претстават како партиска пресметка и да убедуваат луѓе, нивни симпатизери да протестираат поради тоа што тие се наводно репресирани.
Затоа наместо вакви детски игри, кои им поминувале кај нивмите измеќари од СДС, ние велиме дека оваа држава има закони за сѐ: за ветинг, за потекло на имот, за злоупотреба на службената положба, за перење пари и трговија со влијание и за се што во една демократска држава треба да има закони.
Законите треба да се почитуваат, а не се почитувале до сега односно токму ДУИ и СДС ги злоупотребувале не само за партиски пресметки туку и со изигрување за нивно богатење.
Не треба да се измислува топла вода туку да се почитуваат законите вклучително кривичниот кој ДУИ и СДС за да се спасат сакаа, но не целосно го изменија.
Правда доаѓа. За сите.
Без разлика на партиска, етничка или верска припадност. А кој се огрешил пред законот и ги излажал и ограбил граѓаните има право да се плаши иако тоа нема да помогне многу“, рече Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собрани повеќе од 2 милиона евра за настраданите од пожарот во Кочани

Црвениот крст денеска соопшти дека на апелот за помош на повредените и за семејствата на настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се случи на 16 март, а во кој загинаа 62 лица, а повеќе од 100 беа повредени, се собрани над два милиона евра.
„Во апелот на Црвениот крст на РСМ, заклучно со 17.4.2025 година, собрани се 128.011.651,00 денар за настраданите од пожарот во Кочани“, соопштија од таму.
Денес, Црвенот крст изврши трансфер на средства на 62 семејства на починатите лица. Досега на настраданите семејства вкупно се исплатени 86.100.000 денари.
Црвениот крст заедно со партнерите продолжува со испораката на психосоцијална и друга поддршка на населението.
Македонија
Димитровски: Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски денеска во Софија учествуваше на форумот „ЕУ го среќава Балканот“, во организација на Атлантскиот клуб од Бугарија и АЛДЕ групацијата од Европскиот парламент.
Во дебатата со министри и заменици министри за надворешни работи или за Европа на земјите од Западен Балкан, Романија и Турција, заменик министерот Димитровски истакна дека Македонија е шампион во Европа според заштитата на етничките права и дека уставните измени за внесување на Бугарите во уставот сами за себе не претставуваат проблем.
„Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Ако интегрирањето на Македонија во ЕУ зависи од резултатите од работата на заедничката македонско-бугарска Комисија за образовни и историски прашања, тогаш тоа може многу да се оддолжи. Ваквите меѓудржавни историски комисии по Втората светска војна, како помеѓу Германија и Франција или Германија и Полска може да работат повеќе децении додека дадат резултати. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес“, рече Димитровски.
На форумот свои обраќања имаа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Македонија
Македонија мора да биде подготвена како Исланд за членство, а ЕУ да биде искрена и брза во поддршката, ѝ порача Кос на Зајкова

„Македонија мора да ја направиме подготвена како Исланд за членство, да бидеме со усогласено законодавство и европски стандарди дома, а Европската Унија да биде искрена, брза и креативна во поддршката на нашиот европски пат, вреднувајќи го напредокот на земјите според исполнетоста на стандардите и вредностите на ЕУ односно согласно Копенхашките критериуми“, беше пораката на претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, на средба со еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, утрово во рамки на Форумот ЕУ-Западен Балкан.
Зајкова и Кос разменија мислења за европската перспектива на Северна Македонија и итноста од забрзување на евроинтегративниот процес. Во разговорот Зајкова истакна дека Македонија не смее да биде изоставена на европскиот пат, кој треба да се темели исклучиво врз основа на критериумите од Копенхаген.
На средбата беше договорена и скорешна официјална посета на Брисел на претседателката на ЛДП, Зајкова, која е воедно и претседателка на либералите од југоисточна Европа – ЛИБСЕН. Во пријателски позитивниот разговор беше постигната заедничка согласност дека кредибилна европска перспектива за Западен Балкан е клучна за стабилност и развој на регионот.
Зајкова уште еднаш се заблагодари на ЕУ за итната реакција по трагедијата во Кочани, посочувајќи ја вклученоста на Македонија во Европскиот систем за справување со кризи како одличен пример дека целосната европска интеграција има огромно значење за секојдневниот живот на македонските граѓани.