Култура
„Копање емоции низ времето“ – од 15 август почнува Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“
Јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи од 15 до 22 август во традиционалните простори на Куршумли ан, Музејот на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи со мото „Копање емоции низ времето“.
Главната прес-конференција за фестивалот се одржа на 8 август во МКЦ, а фестивалската програма ја претставија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, програмски координатор на „Македокс“, и Сара Феро, раководител на индустри-програмата на „Македокс“.
„Среќни сме дека оваа година на 15-тото издание на ‘Македокс’, кога славиме еден наш мал јубилеј посветен на кинотечната дејност и архивските материјали, на нивното чување, реставрирање и дигитализирање, како и на нивната креативна употреба во документарниот филм, ќе имаме можност да копаме и ловиме емоции низ времето, да ги пресоздаваме сеќавањата и да реконструираме состојби… Токму поради ова, ќе прикажеме разновидна програма од документарни филмови, како нови така и постари, кои во себе изобилуваат со архивска граѓа, со посебен акцент на документарните филмови, кои веќе се дигитализирани во поширокиот Балкански Регион и грижливо се чуваат во кинотеките и архивите сѐ со цел да создадеме една одважна и фестивалска атмосфера, во која ќе ја славиме кинотечната дејност, која многумина од нас (филмаџиите, авторите од кој било вид, па и публиката) ја препознава како дејност која е мошне значајна не само за зачувување на аудиовизуелното културно наследство и идентитетот на една земја туку и нејзините фундуси и како огромно богатство со неисцрпен креативен потенцијал, кој инспирира на создавање нови идеи и сѐ подобри креативни документарни филмови“, истакна Петрула Вељановска, програмски координатор на „Македокс“.
Тематскиот сегмент „Земја во фокус“ годинава е фокусиран на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Северна Македонија.
– Бројните филмски наслови што годинава ги донесуваме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души – посочи Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Филмската програма на 15. „Македокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Фестивалот ќе биде отворен на 15 август со проекција на документарните филмови „Како се мери годината?“ на Џеј Розенблат и „Целулоидно подземје“ на иранскиот автор Ехсан Кошбахт, а ќе биде затворен на 22 август со македонската премиера на „Патување пеш“ на Тамара Котевска. Во рамките на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ на 22 август концерт ќе одржи Дуке Бојаџиев, кој е автор на музиката на филмот на Тамара Котевска. На фестивалот ќе бидат прикажани 92 филмски остварувања, од кои десет се од македонски автори. На фестивалот ќе бидат присутни стотина гости од странство.
Меѓу насловите што ќе бидат прикажани на фестивалот се новиот филм на значајниот филмски автор Виктор Косаковски, кој ќе биде претставен со „Архитектон“. Во програмата е и победникот на годинашното Берлинале – документарниот филм „Дахомеј“ на режисерката Мати Диоп. Филмот „Холивудгејт“ на режисерот Ибрахим Наша’ат, чиј монтажер е Атанас Георгиев, ќе биде прикажан во програмата „Нови автори“. Македонска премиера ќе има филмот „Градина“ на Бојан Тантуровски, додека во студентската програма ќе биде прикажан филмот „Живот на даската“ на младата авторка Леона Јариќ. На фестивалот премиерно ќе бидат прикажани и три документарци произведени од школата за млади филмаџии „Докуникулци“.
На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Надвор од селекцијата за награди на 17 и 18 август во МКЦ ќе бидат прикажани анимирани приказни за деца од 5 до 55 години.
Во програмата на фестивалот ќе се одржат два мастеркласа. На 17 август во „Лабораториум“ ќе се одржи мастерклас со филмскиот режисер Столе Попов со наслов „Бекни бе, ќе ми снема лента“, кој ќе го модерира филмологот Илинденка Петрушева. Вториот мастерклас ќе се одржи на 18 август во „Лабораториум“ со наслов „Звуци и слики од втора рака“ и ќе ги открие методите на филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут за реупотребата на архивски звуци и слики.
Во рамки на тематската одредница на фестивалот ќе се одржи и Работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август во студиото „Фх3х“ со менторите Кумјана Новакова, режисерка чиешто авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми. Во рамки на главната програма ќе биде прикажан и документарниот филм „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова.
Во индустрискиот сегмент на фестивалот ќе се одржи шестото издание на МакеКоПроДокс форумот, чијашто главна цел е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.
Годинашното издание на МакеКоПроДокс форум ќе се одржи од 19 до 21 август во Скопје. Модератори и ментори на форумот се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.
– Оваа година имаме значајна соработка со Францускиот институт и Француската амбасада, така што ќе имаме панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот ќе се зборува за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Со акцент на документарните архиви директорката на „Док Индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед, ќе ја презентира работата на професионален маркет за архиви. Ќе има презентација и на „Документарница“, која е лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, којашто е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија – истакна Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „Македокс“.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „Македокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација
Партнери на „Македокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.
Петнаесеттото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РСМ, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Министерството за култура на РСМ, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Франција, Францускиот институт, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен центар во Софија, Словенечката амбасада, Грчкиот филмски центар, Гете институт, „Вардар филм“, Младинскиот културен центар, Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј, Факултетот за ликовни уметности, такси „Глобал“, „Лабораториум“.
Медиумски покровители на „Македокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа и Култура Бета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Охридско лето“ добитник на престижна та меѓународна награда „Да за уметноста“
Националната установа „Охридско лето“ е добитник на престижната меѓународна награда „Да за уметноста“ на 11. издание на Интернационалниот театарски фестивал во Истанбул, Република Турција како признание за високо-квалитетната програма на 65. издание на оваа најзначајна музичко-сценска манифестација.
Со оваа награда „Охридско лето“ уште еднаш ја оправда својата репутација како центар на врвната уметност, со програма која ја обедини класичната музика, театарот и современите уметнички форми.
„Голема чест и особена гордост е што токму во периодот додека сум на чело на НУ „Охридско лето“, фестивалот првпат е добитник на оваа престижна меѓународна награда. Ова признание не го доживувам како личен успех, туку како резултат на заедничката посветена работа на целиот тим, уметниците и институциите кои стојат зад фестивалот. Наградата е потврда дека „Охридско лето“ чекори во вистинска насока со јасна визија, висок уметнички квалитет и силна меѓународна афирмација. Ќе продолжиме уште поодлучно да го развиваме фестивалот и да го зацврстуваме неговото место на светската културна мапа“, вели директорот Ѓорѓи Цуцковски.
Цуцковски вели дека наградите се мотив во иднина уште повеќе да се инвестира во содржини со високи уметнички стандарди, со светски реномирани имиња, но и да се даде простор за најдобрите домашни уметници.
„Нашата цел е секое издание на „Охридско лето“ да понуди внимателно концепирана, балансирана и квалитетна програма која ќе ги оправда високите признанија кои ги добиваме од меѓународните институции со цел да ја оправдаме довербата на публиката и меѓународната културна јавност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Култура
Наследството на Томаж Пандур живее: Наградуваната монодрама „Безгрешна“ на сцената на МНТ
На 3 април, на сцената на Македонскиот народен театар, гостува Драмата при Словенечкото народно гледалиште од Марибор (СНГ) со монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata), сценско остварување инспирирано од романот „Маријиниот завет“ на Колм Тојбин и создадено како омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур.
Гостувањето е дел од програмата со која МНТ продолжува со одбележувањето на својот јубилеј – 81 година од постоењето, во рамки на роденденската прослава на театарот.
Претставата ја раскажува приказната за Марија, востоличена како Мајка Божја, која во оваа сценска адаптација добива уште поинтимна, поблиска и покондензирана форма. Во осаменото мапирање на пејзажите на нејзините исповеди, Марија ја раскажува својата вистина за настаните, кои го променија светот, преиспитувајќи ги сите големи идеи. Токму преку тоа преиспитување, тие идеи остануваат живи, како што сугерира и делото, идеите умираат ако не се доведуваат во прашање.
Во улогата на Марија настапува Наташа Матјашец Рошкер, а драматизацијата и адаптацијата се потпишани од Ливија Пандур и Томаж Пандур.
Претставата досега има добиено бројни меѓународни признанија, меѓу кои и Наградата за најдобра актерка за Рошкер на фестивалот „Мителфест“ во Чедад, Италија, во 2021 година.
„Страсно верувам во моќта на театарот и сите мои дела се архетипови на ритуал“, велеше Томаж Пандур, режисер чиј уметнички опус остави длабока трага во словенечкиот и светскиот театар.
Исклучително е тешко, ако не и речиси невозможно, да се заокружи неговата биографија. Пандур до самиот крај остана верен на својот уметнички принцип и препознатлив стил, несебично споделувајќи ги своите визии, соништа, осамености, стравови и ентузијазам со соработниците. Седум години го водеше театарот во Марибор, а од својата прва професионална претстава „Шехерезада“, до последната, „Фауст“, експериментираше со квинтесенцијата на театарскиот материјал, поврзувајќи и деконструирајќи митски, архетипски и трансцендентални пејзажи. Неговата работа беше постојан обид за надминување на формите на реалноста и истражување на односите меѓу човечкото и божественото, живите и мртвите, времето и просторот, конечноста и бесконечноста.
„Преку својата глобална визија, Пандур ја артикулираше волјата за остварување на вистината и смислата на животот, каде што, зад тишината, секогаш стојат имагинацијата и убавината“, истакнуваат Ливија Пандур, драматург и театарска авторка и Бранко Јордан, театарски автор и есеист.
Во центарот на „Immaculata“ е жената, која историјата ја претворила во слика, догма и инструмент на верата. Марија, мајката на Исус, трага по смисла во раните, кои никогаш не можат да зараснат, обидувајќи се да се сети на зборови, лица и фрагменти поврзани со смртта на нејзиниот син. Преку оваа исповед, претставата ја прикажува Марија како жена од месо и крв, избришана од историјата и злоупотребена од насилната религија, но и како фигура, која со тишина и сомнеж ги отвора најдлабоките прашања за верата, загубата и човечката болка.
„Ако олтарот е таму каде што клечиме, тогаш мојот олтар е сцената“, вели Ливија Пандур, која „Immaculata“ ја доживува како длабоко личен и театарски чин, посветен на Томаж Пандур.
„Immaculata“ има реализирано значајни меѓународни гостувања, меѓу кои Театро Еспањол во Мадрид (2017), Конхунто де Артес Есценикaс во Гвадалахара, Мексико (2017), Театар А. Ристори во рамки на фестивалот Мителфест во Италија (2020), фестивалот СОЛО во Москва (2021), како и 10. Театарска олимпијада во Будимпешта во 2023 година.
Гостувањето на „Immaculata“ во МНТ е дел од роденденската програма на театарот, кој минатата година одбележа 80 години од постоењето од првата изведена претстава на 3 април 1945 година. Годинава, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување — рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници, како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот.
Билетите за претставата се во продажба онлајн и на билетарницата во МНТ.
Култура
Објавен конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад македонски автор
На веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје објавен е годинашниот Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување нови драмски текстови, НУ Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор, Горан Стефановски. Преку овој Kонкурс, театарот сака да даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма.
Право на учество имаат автори, државјани на Северна Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена согласно со насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од: паричен дел на наградата во износ од 60.000 денари (еднократно); Потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар – Скопје и Продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на Kонкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во НУ Драмски театар – Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
„Со оваа награда, НУ Драмски театар – Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски се поставени 15 негови претстави, од кои 8 се праизведби“, велат од Драмски.
Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот arno.mk со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат AI-моделите во други креативни проекти.

