Македонија
„Јунајтед груп“ и „Еутелсат“ развиваат платформа од следната генерација
- Еутелсат (Eutelsat) станува единствен сателитски оператор на Јунајтед Груп, поддржувајќи ја нејзината стратегија за консолидација.
- Овој потег ги проширува „Директно до дома“ услугите од следната генерација на Групацијата пред публика од 40 милиони на осум пазари.
- Новата платформа користи нови стандарди за пренос и технологии за компресија, ги проширува преносните капацитети, поддржува повеќе канали, го зголемува квалитетот и овозможува иновативни услуги за ТВ претплатниците.
Водечкиот телекомуникациски и медиумски провајдер во Југоисточна Европа – Јунајтед Груп, со задоволство објави дека го постигна следниот чекор во консолидирање на сите „директно до дома“ (DTH) услуги низ регионот. Групацијата Еутелсат е избрана како единствен иден сателитски оператор во оваа консолидација.
Оваа транзиција кон „директно до дома“ платформата од следната генерација, вклучува еден оператор и два сателити на две орбитални позиции, кои се очекува да бидат завршени до крајот на 2025 година. Консолидацијата, исто така, ќе вклучи унифициран STB (Set-Top Box) и CAS (Систем за условен пристап), TVRO со една големина и Телепорт за поврзување на содржината.
Овој потег ќе ги прошири „директно до дома“ услугите на Јунајтед Груп пред публика од 40 милиони луѓе преку Telemach, NOVA, Bulsatcom, VIVACOM, SBB и Total TV во 8 земји (Грција, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Словенија).
Консолидацијата и реорганизацијата на „директно до дома“ услугите на Групацијата ќе ја поттикне Групацијата да користи нови стандарди за пренос и технологии за компресија, да ги прошири капацитетите за пренос, да поддржува повеќе канали, да го зголеми квалитетот и да овозможи иновативни услуги за ТВ претплатниците.
Жељко Батистиќ, потпретседател за технологијата во Јунајтед Груп, изјави: „Горди сме што го подигнуваме високиот квалитет на нашата ТВ понуда на ново ниво. Оваа транзиција е клучна за да го максимизираме досегот на нашата публика низ нашите пазари, да испорачаме незаменливи содржини и да продолжиме да ги развиваме нашите услуги од следната генерација. Среќни сме што ќе соработуваме со Еутелсат, кој го нуди најдоброто и најусогласеното техничко решение за да ги задоволи нашите потреби“.
Лоренс Делпи, претседател на деловната единица за видео на Групацијата Еутелсат додаде: „Почестени сме што Јунајтед Груп ја даде својата доверба на Еутелсат за оваа важна стратешка иницијатива, користејќи две од нашите водечки видео сателити – 16° Исток и ХОТБИРД. Освен што ја зајакнува нашата долгогодишна соработка со еден од нашите клучни клиенти во регионот, овој договор ја покажува важноста на сателитот во справувањето со еволутивните потреби на нашите клиенти и го потврдува Еутелсат како главен оператор кој го покрива регионот, достигнувајќи 7 од 10 сателитски покриени домови“.
Сателитите ХОТБИРД (HOTBIRD) моментално достигнуваат 130 милиони домови низ Европа, вклучувајќи ги речиси сите кабелски мрежи во регионот. Дополнително, сателитот Еутелсат 16A обезбедува преку 600 ТВ канали на различни јазици до над 25 милиони домови во Централна и Источна Европа.
Со оваа консолидација, Јунајтед Груп ја потврдува својата заложба за рационализирана оперативна ефикасност и развој на услугите од следната генерација преку иновативни сателитски можности.
За Јунајтед Груп
Јунајтед Груп е водечка телекомуникациска и медиумска групација во Југоисточна Европа. Работејќи низ осум земји со скоро 15.000 вработени, Групацијата остварува годишен приход од над 3 милијарди евра. Во телекомуникацискиот сектор, повеќе од 5,30 милиони домаќинства и повеќе од 7,30 милиони мобилни претплатници имаат корист од најголемата FTTH (Fiber to the Home) мрежа во Југоисточна Европа, интензивните инвестиции во 5G мрежата и во најсовременото фиксно и мобилно поврзување. Под брендот Јунајтед Фајбер (United Fiber), Групацијата го консолидира своето портфолио на средства со фиксна инфраструктура за дополнително да ги забрза и зајакне своите инвестиции во земјите со седиште во ЕУ преку создавање силни синергии и доведување на своите инвестициски способности на следното ниво. Целокупните инфраструктурни активности на Јунајтед Груп, вклучувајќи гласовни, податочни, активности за мобилни и роаминг, се управувани од UGI Wholesale. Внатрешната технолошка компанија на Групацијата и иновативниот центар Јунајтед Клауд (United Cloud) ја водат регионалната трансформативна промена во забавата и телекомуникациите со производи како што е нејзината видео платформа од следната генерација EON.
Нејзината медиумска група, Јунајтед Медиа произведува и дистрибуира привлечна ТВ содржина, со бројни спортски, информативни и забавни формати, достигнувајќи огромна публика од 40 милиони луѓе преку бесплатните канали, кои се водечки на пазарот и се надополнети со привлечно портфолио на Pay-TV канали. Со моментален капацитет за производство на повеќе од 40.000 часа оригинална локална содржина годишно, Јунајтед Медиа управува со 60 ТВ канали, 40 веб и доверливи портали за вести, 10 печатени изданија и радио станици.
За Еутелсат Груп
Групацијата Еутелсат е глобален лидер во сателитски комуникации, обезбедувајќи поврзување и емитувачки услуги ширум светот. Групацијата беше формирана преку комбинација на Company и OneWeb во 2023 година, станувајќи првиот целосно интегриран GEO-LEO сателитски оператор со флота од 35 геостационарни сателити и констелација со ниска орбита на Земјата (LEO) од повеќе од 600 сателити.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Соработка со Чешка за обединет и поефикасен систем за справување со кризи
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го прими амбасадорот на Република Чешка во Македонија Н.Е. Јарослав Лудва и директорот на Генерален директорат за противпожарна и спасувачка служба при Министерство за внатрешни работи на Република Чешката, Владимир Влчек, заедно со неколкучлена делегација.
Тема на разговор на средбата во ДЗС беше соработката на полето на заштита и спасувањето и за процесите на трансформација на системот за управување со кризи и за чешките искуствата во оваа област. Притоа, Ангелов посочи дека Македонија е во фаза на темелна реформа, со цел обединување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во единствен, функционален и поефикасен систем. На средбата во ДЗС беа споделени искуства за едукација на пожарникари, а и стручни мислења за заштита и спасување, со можност за заедничко учество на планирани оперативни вежби.
Ангелов, при работната средба, им се заблагодари на високите претставници на Чешка за поддршката на Македонија за справување со кризни ситуации: „не само со давањето на опрема и технички средства, како на пример, вчерашната донација на противпожарно возило „татра” со капацитет oд 10 тони за пожарникарите од Кочани, туку и за директното помагањето со чешки сили, со опрема и со техника при справување со огнените стихии, конкретно со противпожарното дејство на чешкиот хеликоптер ,,блек хок” минатото лето, што беше успешно реализирано во содејство со противпожарни сили од нашата земја и од Словенија.
Македонија
Алиу на онлајн состанок со странските експерти за кардиохируршки интервенции
Денес се одржа онлајн состанок меѓу интерната и странската експертска комисија ангажирана од Министерството за здравство, во рамки на процесот за стручна анализа и испитување на посочените кардиолошки и кардиохируршки интервенции.
Состанокот го отвори министерот за здравство Азир Алиу, кој ги информираше експертите за досегашниот тек на постапувањето, начинот на прибирање и стандардизација на документацијата за пациентите и целта на двостепената стручна проверка.
„Овој процес го водиме за да утврдиме факти засновани на медицина базирана на докази. Очекувам странските експерти да дадат независен стручен увид дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната комисија, како и да помогнат да ги препознаеме можните системски празнини. Наодите треба да го зајакнат нашиот здравствен систем, притоа доколку се идентификува потреба, ќе пристапиме и кон измени на правната регулатива. Целта е подобар перформанс на системот, враќање на довербата на граѓаните и воведување европски стандарди“, рече министерот Алиу.
На состанокот беше усогласена работната методологија по која ќе постапуваат странските експерти во рамки на втората експертска анализа.
Министерството потсетува дека странската експертска група е составена од тројца врвни професионалци – д-р Уголино Ливи, кардиохирург од Италија, д-р Никола Лакиќ, кардиоваскуларен хирург од Словенија и д-р Черчек Миха, интервентен кардиолог од Словенија. Нивниот ангажман има за цел да обезбеди дополнителна медицинска експертска тежина и меѓународно споредливи стандарди во анализата на доставените случаи за извршени операции или непотребно упатени за операција.
Македонија
Забраната на социјалните мрежи за најмладите во Македонија би била радикален чекор, рече министерот Андоновски во Прилеп
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека Владата не размислува за забрана на социјалните медиуми за деца и млади, оценувајќи дека таков потег би бил премногу радикален и би можел да значи мешање во основните слободи.
„Премногу е радикално кога државата се одлучува на чекор да забрани некоја алатка, бидејќи доколку би тргнале да се движиме во таа насока, тогаш можеме да стигнеме и до нарушување на правото на слободен избор и на слободен говор“, изјави Андоновски одговарајќи на новинарско прашање, откако повеќе држави низ светот почнаа да ја воведуваат или разгледуваат оваа мерка.
Сепак, тој додаде дека Владата и Министерството остануваат отворени за дискусија доколку се појави иницијатива за уредување на ова прашање.
Изјавата на министерот доаѓа во рамки на голем настан организиран по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет во ООУ „Кире Гавриловски – Јане“ во Прилеп, во соработка со Општина Прилеп и проектот МКСафеНет.
Андоновски нагласи дека ова е втора година по ред како Министерството го одбележува Денот на побезбеден интернет, со цел подигање на свеста кај најмладите за одговорно и безбедно користење на интернетот. Преку проектот, досега се опфатени над 70 училишта низ државата, а на родителите и наставниците им се доставени алатки и упатства преку Министерството за образование за тоа како да воспостават поголема контрола и заштита врз децата во дигиталниот простор.
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, се заблагодари за соработката и ја истакна поддршката од Министерството за дигитална трансформација, посочувајќи дека Прилеп е меѓу приоритетите на ресорното министерство.
Како пример, го посочи новиот Центар за услуги на Министерството, отворен во просториите на даночната управа, каде граѓаните отсега ќе можат и физички да пристапат до услугите достапни преку порталот uslugi.gov.mk.

