Македонија
Предложени мерки за 39-годишник осомничен за изнуда
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 39-годишник осомничен за кривично дело – Изнуда по член 258 став 1 од Кривичниот законик.
„На 10 август, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, осомничениот со употреба на сериозна закана присилил еден оштетен на штета на својот имот да му даде паричен износ од 7.000 евра.
Откако во текот на јули, две жени со кои оштетениот имал претходни деловни односи во врска со препродажба на опрема за копање на криптовалута, го запознале осомничениот со оштетениот и му ги дале неговите контакти, тој закажал средба со него и започнал да му се заканува дека ќе го загрози неговиот живот и тело како и на неговите блиски доколку не му ги исплати парите за наводен долг од 16.500 евра кон двете жени.
Му се заканувал дека ако не соработува ќе му влезе дома и ќе му го нападне семејството и децата, а во една прилика и директно физички го нападнал на паркинг пред работното место, удирајќи го со тупаници. Откако се договориле за време и место за првата рата од исплатата, оштетениот го пријавил и осомничениот бил затекнат при приемот на парите од изнудата“, соопшти Обвинителството.
Бидејќи има околности што укажуваат дека постојат условите за определување на мерките на претпазливост кои се неопходни за непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи на осомничениот да му бидат определени: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патните или други исправи за преминување на државна граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица, додаваат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.
Македонија
УКИМ: 82 студенти ја завршија Програмата за изучување на холокаустот
На 26 јануари 2026 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) се одржа Комеморативниот настан „УКИМ се сеќава“ со кој се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
На Комеморативниот настан се обратија амбасадорката на Израел, Вивиен Ајсен, пратеничката Рашела Мизрахи, директорот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикаријо и раководителот на Универзитетската програма за изучување на холокаустот, проф. д-р Мишо Докмановиќ. На настанот и зборуваше и Ефрат Барух Алтарац, снаа на последната преживеана Еврејка од Штип.
Во рамките на настанот беа доделени и сертификатите за завршените универзитетски курсеви за изучување на холокаустот на 82 студент на УКИМ, кои во изминатиот семестар ја следеа програмата организирана на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Со тоа бројот на студентите кои ја следеле оваа програма во изминатите три години се искачи на вкупно 375 студентите.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е еден од двата европски универзитети кои во 2023 година го добија престижниот грант на Конференцијата на еврејските материјални побарувања од Германија од Њујорк, што овозможува реализација на програмата на курсеви за изучување на холокаустот до 2027 година.

