Македонија
Движењето ЗНАМ: „Вреди“ се обидува да ја копира ДУИ и продолжува по истиот терк демонстрирајќи моќ од позиција на власт преку прекршување на законите
„Во целост го разбираме однесувањето на колегите од Вреди кога е во прашање спроведувањето на законите во Македонија. Понесени од досегашното самовластие на функционерите на ДУИ во институциите на македонската држава, овозможени од вазалската и неспособна власт на СДСМ, а исто така и во периодот на владеењето на владата на Груевски, со што создадоа слика за ДУИ дека се незаменливи и можат се’. Вреди се обидуваат да ги копираат ДУИ и продолжуваат по истиот терк, демонстрирајќи моќ од позиција на власт преку прекршување на законите и Уставот на Македонија. Движењето ЗНАМ-За наша Македонија јасно ги искажа своите политички ставови во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за составување на владиното мнозинство преку дефинирање на принципите за функционирање на владата“, велат од Движењето ЗНАМ.
„Првиот принцип е функционирање врз основа на почитување на Уставот и законите и секогаш јавно ќе реагира кога ќе има прекршување на истите.
Во врска со прашањата со етничките заедници во Македонија, тие се апсолвирани преку целосната имплементација на Охридскиот Рамковен договор. Треба да престане наративот од коалицијата ВРЕДИ дека Македонија е бинационална држава во која живеат две мнозинства и повеќе малцинства, како и тенденцијата на креирање на паралелни квази институции.
Движењето ЗНАМ-За наша Македонија секогаш ќе ги потсетува коалиционите партнери во владата дека Македонија е држава на македонскиот народ и сите граѓани од етничките заедници што живеат во неа, врз рамноправна основа со еднакви права и обврски кон државата. Деновиве сме сведоци на изјави на претседатели на македонски партии претставници на албанската етничка заедница во однос на опстанокот на македонската држава и народ“, соопшти Движењето ЗНАМ.
„Како прво, еден од најголемите соработници на КОС во бивша Југославија, Али Ахмети, да не се секира за опстанокот на македонскиот народ, најголем гарант за тоа се Македонците каде и да се’. Наместо да отвара навредувачки и националистички теми денеска кога државата се стреми кон ЕУ, а новата власт се обидува да го поправи сето тоа што тие го срушија со дваесет и две годишното владеење, нека се потруди да си го исчисти дворот во партијата од корупција и криминалот на својата фамилија.
Второ, во јавниот настап на потпретседателот на владата Изет Меџити и неговата изјава со квалификации дека Движењето ЗНАМ-За наша Македонија е националистичка партија, која има антиалбанска доктрина ја сметаме како обид за спинување и манипулација со цел избегнување одговорност за спроведување на законите.
Господинот Меџити предолг период беше во редовите на ДУИ, време е да излезе од таа матрица. Очигледно е дека идол му е Али Ахмети, наша препорака е да си остане само Изет. Истакнувањето на знамињата на етничките заедници е уредено со закон и никој не е над законот вклучувајќи го и Вицепремиерот Меџити, или пак за него е навредливо државното, македонското знаме да биде со поголема големина од останатите иако е пропишано со закон?! Знамињата на сите етнички заедници кои живеат во Куманово, а се истакнати во кабинетот на Димитриевски се согласно законот и од почит кон сите нив иако не е законска обврска, не служат за да навредат некој, туку да ги испочитуваат сите етнички заедници.
Тоа е мултиетницизам и взаемно почитување кое ние од движењето ЗНАМ го практикуваме и негуваме. На господата од ВРЕДИ сакаме да им укажеме дека колку побрзо сфатат дека нивна држава е Македонија, а не Косово, толку подобро за нив, во спротивно ќе завршат и пред да почнат, ќе разочараат многумина кои очекуваат да се различни од нивните предходници, а тоа ќе се потврди на следните локални избори. Нека се договорат кој од претседателите на партиите во Вреди го кажува официјалниот став на нивната коалиција, затоа што вака делуваат како раштимуван оркестар без диригент.
На крајот, една порака и до Вреди и до ДУИ. Никогаш повеќе Македонците нема да се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава! Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија е гарантот за тоа“, се наведува во соопштението на Движењето ЗНАМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот се шири брзо, раст од над 31 проценти за една недела
Во периодот од 8 до 14 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат најновите податоци од здравствените власти.
Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а веднаш потоа следи Македонски Брод (18). Во Скопје се пријавени 15 случаи. Иако по број на пријави не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 заболени на 100.000 жители.
Според старосната распределба, најзасегната е групата 15–64 години со 97 случаи. Кај лицата над 65 години регистрирани се 16 случаи, додека кај децата бројките се пониски: 7 случаи кај групата 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле тестирани 24 материјали, при што се детектирани 4 позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е и еден случај на RSV тип B, додека SARS-CoV-2 не е детектиран.
Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи на грип/заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2% во однос на истиот период минатата сезона.
Најголем број пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), а Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.
Вакцинацијата против грип останува најсигурна заштита, посочуваат здравствените власти. За сезоната 2025/2026 обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи:
-
лица над 65 години,
-
деца од 6 до 59 месеци,
-
лица со хронични болести,
-
бремени жени,
-
здравствени работници.
Според досегашните податоци, вакцинирани се 78.730 лица (со бесплатни или комерцијални вакцини).
Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што укажува дека сезоната не е во полн интензитет. Сепак, бројот на пријавени случаи постојано расте, па се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи.
Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат:
-
често миење раце,
-
избегнување големи гужви,
-
топло облекување, доволен одмор и внес на течности/витамини,
-
доколку се разболите: останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска при контакт со блиски.
Македонија
Доктор Беќаровски советува: Како да се заштитиме во денови на екстремно загадување
Во денови кога концентрациите на ПМ 2.5 и ПМ 10 честичките се енормно високи, а загадениот воздух станува сериозна закана по здравјето, лекарот Нико Беќаровски преку објава на социјалните мрежи сподели едноставен совет и план за тоа како да се минимизира нивното негативно, потенцијално канцерогено дејство врз организмот.
Според Беќаровски, изложеноста на овие честички не може целосно да се избегне, но може да се ублажи нивното влијание преку секојдневни навики кои го поддржуваат организмот. Тој препорачува денот да започне со чај од диво оригано, во комбинација со додатокот G-132+ Natural.
Пред ручек, како што наведува, корисно е да се консумира зелен чај заедно со витамин Д во доза од 1.000 И.Е., додека навечер советува чај од ѓумбир и куркума, или бел слез, повторно во комбинација со G-132+ Natural.
Дополнително, Беќаровски нагласува дека во текот на денот е важно да се внесуваат најмалку два литра млака вода со парче лимон, а кај лицата без висок крвен притисок може да се додаде и уште една шолја зелен чај.
„Ако не може да се спречи, барем благовремено да се лечи“, порачува Беќаровски, потенцирајќи дека грижата за здравјето е особено важна во периоди на екстремно аерозагадување, кога последиците од вдишувањето на штетните честички може да бидат долгорочни.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.

