Македонија
Поднесено обвинение против татко и двата сина за намерното предизвикување пожар кај Патишка Река

Откако спроведе претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против три лица – татко и неговите два сина, кои се товарат дека заедно сториле кривично дело – Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. За сите тројца е доставен и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор.
Тројцата соизвршители, на 9 август предизвикале пожар на шумско земјиште во државна сопственост, во месноста викана Дупки, во атарот на селото Патишка Река, општина Сопиште. Со запалива течност – моторно масло и бензин полеале и запалиле нискостеблеста шума и суви треви, предизвикувајќи општа опасност за животот и телото на луѓето и за имот од големи размери, соопшти Обвинителството.
Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидец, додаваат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Најновите економски податоци се алармантни, денеска ќе ги објавам за граѓаните да ја знаат вистината

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во објава на социјалните мрежи најави дека на прес-конференција во 12 часот ќе ги објави најновите економски индикатори кои, како што вели, не се само загрижувачки, туку навистина алармантни.
„Денес ги добив најновите економски индикатори – и тие не се само загрижувачки, туку навистина алармантни. На денешната прес-конференција во 12:00 часот ќе ги објавам, граѓаните да ја знаат вистинската состојба со економијата. Бројките се фрапантни и јасно укажуваат на сериозни ризици за буџетот и економската стабилност на државата“, стои во објавата на претседателот Филипче.
Македонија
Салиу: Промена во Шуто Оризари мора да има

Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари, Шабан Салиу, во предизборно видео обраќање повикува за промена и за враќање на локалната власт во Шуто Оризари кон реални резултати и отчетност.
„Осум години слушаме едно исто: големи зборови, мали дела“, порачува Салиу.
Осврнувајќи се на политичката недоследност на актуелното раководство, тој додава дека „Курто Дудуш денес не знае ни од која партија е. Те СДСМ, те ЛДП, те ДОМ, те ДУИ и која уште не.“
Во видео пораката, Салиу нагласува дека промена во Шуто Оризари мора да има, промена за подобра инфраструктура и урбан развој.
„Промена за подобро образование, култура и идентитет. Промена за подобро здравје и социјална заштита. Промена за подобра локална економија и нови работни места. Промена за зелено и транспарентно Шуто Оризари“, додава Салиу.
Салиу нагласи дека неговата кампања е заснована на мерливи цели и институционална одговорност.
„Нашата понуда е едноставна — работа што се гледа и отчетност што се чувствува. Општината мора да стане сервис на граѓаните, а не приватна сцена на поединци“, порачува Салиу.
Завршувајќи ја видео пораката со повик за граѓанска мобилизација на изборниот ден, Салиу апелира: „На 19-ти октомври заокружете го бројот 24 – НЕ ВЕТУВАМЕ, ОСТВАРУВАМЕ.“
Македонија
Венецијанската комисија преглага јавниот обвинител да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието

Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права на Советот на Европа препорачуваат јавниот обвинител да се избира и разрешува со квалификувано мнозинство во Собранието, а Уставот да се измени за да се ограничи неговиот реизбор.
Во мислењето се нагласува потребата при изборот да се вреднуваат и менаџерските и организациските способности.
Комисијата препорачува и поголема транспарентност при изборот на членовите на Советот на јавни обвинители, суспендирање на функцијата на обвинителите додека се членови на Советот, како и дополнителни заштитни мерки за автономијата на обвинителството.
Актуелните членови, според предлогот, би ја завршиле својата функција до истекот на мандатот.