Македонија
Еден осомничен за убиството кај „Мавровка“, обид за убиство и недозволено поседување оружје

По поднесената кривична пријава од Министерството за внатрешни работи против едно лице, Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против осомничениот за кривично дело убиство по член 123 став 2 во врска со став 1 точка 4, кривично дело убиство по член 123 во врска со член 19 (во обид) и кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи од член 396 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 20 август, со пиштол „глок“, во калибар од 9 милиметри, што го поседувал без дозвола, осомничениот на паркинг-просторот на улицата Филип Втори Македонски во Скопје, зад ТЦ „Мавровка“, со умисла и од користољубие лишил од живот едно лице по што од сопругата на жртвата одзел торба со лаптоп и избегал со автомобил „ауди“, без ргистарски ознаки. На местото пристигнало и второ возило „ситроен“, со белгиски регистарски ознаки, од кое излегло засега непознато лице и од багажникот на автомобилот на жртвата одзело гајба со рачен алат и исто така се оддалечило. Автомобилот „ситроен“ вториот осомничен го оставил во Гази Баба и се качил во автомобилот „ауди“ по што продолжиле да се движат, но на улицата Стојна Стефкова биле пресретнати од полициски службеници. Додека другото лице управувало, сега осомничениот излегол од совозачката врата и пукал обидувајќи се да ги лиши од живот полицајците што сакале да го запрат. Четворицата полициски службеници во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух од службеното оружје, па го совладале и привеле осомничениот. Другото лице се дало во бегство и по него се трага, извести Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: По трагедијата во Кочани целосно се забрани употреба на пиротехника во затворен простор

СДС брутално и очигледно ја злоупотребува трагедијата во Кочани, со очајнички обиди да фрлат песок во очите на јавноста и со нивните лаги да ја засенат вистината, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на обвинувањата од потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„За разлика од претходната власт сега има сеопфатна, темелна истрага за трагедијата во Кочани во која беа опфатени поранешни и сегашни функционери, од кои некои се во притвор, а тоа е доказ дека сега има одговорност и неселективност. Владата на ВМРО-ДПМНЕ за разлика од претходната власт, донесе серија законски, измени со кои тотално се забранува употреба на пиротехнички средства во затворен простор, со цел да нема импровизации кои во иднина би резултирале со несреќи“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека санкциите за прекршување на оваа забрана драстично се зголемени, но исто така утврдена е и строга одговорност за нелегално присуство на малолетници по полноќ во угостителски објекти, со цел заштита на младата популација.
„Ова се ефикасни законски мерки со кои се воведува одговорност и ефективен надзор, мерки кои гарантираат заштита на јавноста во затворени простории. Оваа Влада демонстрира одговорност со максимална сериозност и законски механизми ја брани јавната безбедност, води транспарентна и структурирана одговорност кон сите виновници без исклучок“, велат од партијата.
Македонија
АХВ: Засилени мерки по појавата на ново жариште на чума кај малите преживари во Албанија

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) воведе мерки на засилен надзор на болеста чума кај малите преживари, особено во регионот на Западна Македонија, со цел спречување на внесување и ширење на болеста од соседна Албанија во земјава.
Засилена е контролата на движењето и транспортот на животни од видовите овци и кози по добиеното известување вчера вечер преку европскиот систем за пријава на болести (ADIS) на Светската организација за здравствена заштита на животните – WOAH, дека во Република Албанија во областа Дебар, во место Кастриот, на фарма со 200 кози има појава на ново жариште на болеста, по пријавата на првиот случај неодамна во областа Скадар.
АХВ донесе Решение за забрана за увоз и транзит на живи домашни и диви мали преживари, семе, јајце клетки и емброни од домашни и диви мали преживари, месо од домашни и диви мали праживари, производи и преработки од месо од домашни и диви мали преживари, млеко и производи од млеко од домашни и диви мали преживари, како и нуспроизводи од домашни и диви мали преживари во Република Северна Македонија од РепубликаАлбанија, со цел спречување на можноста за ширење на болеста.
Со оглед на новонастаната состојба, а заради намалување на ризикот од појава и проширување на болеста, АХВ ги извести ветеринарните друштва и официјалните ветеринари за спроведување на засилен надзор на одгледувалиштата со овци и кози и пријавување на секој сомнителен случај на болеста. На сила останува Решението за безбедносни мерки во однос на болеста чума кај мали преживари кое Агенцијата за храна и ветеринарство го донесе на 09.08.2024 година.
Агенцијата за храна и ветеринарство го извести Министерството за внатрешни работи за новонастанатата ситуација со појава на болеста во пограничниот регион со Македонија за преземање на засилени мерки за надзор и спречување на евентуален шверц со живи животни од видовите овци и кози од Албанија во нашата земја.
Македонија
Петрушевски: Струјата со СДС се зголеми затоа што фирми блиски до Заев и Филипче препродавале јаглен на ЕСМ за три пати поскапо од набавното

Венко Филипче трет ден молчи за испумпувањето на десетици милиони евра од ЕСМ од страна на Вице Заев и фирми кои водат и лично до него. Истражувањето на истражувачките новинари, кои го објавија овој скандал всушност покажува зошто ЕСМ е доведена во состојба на милионски долгови, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Вице Заев, Зоран Заев и Венко Филипче се директно виновни што струјата во нивно време се покачи за над 50%. Заев и Филипче се директно виновни што немало инвестиции во енергетиката, а немало за да има повеќе пари за во нивните џебови. За да може да профитираат Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче, биле направени мрежа на фирми и посредници за ископ, транспорт и продажба на јаглен од Грција на ЕСМ. Јагленот кој од Грција се продавал кон мрежата на фирми за 30 евра бил препродаван во Македонија на ЕСМ по цена и до 82.5 евра“, рече тој.
Петрушевски обвини дека Заеви продавале скап јаглен на ЕСМ, а Филипче уживал во придобивките на милионските бизниси низ разни луксузи кои што му ги приуштувале.
„Овој скандал и афера од размери од неколку стотици милиони евра мора да има разрешница и одговорност. Очекуваме ЈО да отвори истрага, а Венко Филипче да излезе и да каже со кое лице излегува повторно во политиката и бара гласови од народот кој тој и Заев го краделе со стотици милиони евра“, рече Петрушевски.