Култура
Драмскиот театар – Скопје гостува во Црна Гора на театарски фестивал во Тиват

Со претставата „Мојот маж“, Драмски театар Скопје ќе учествува во натпреварувачката програма на „Фестивалот на медитеранскиот театар Пургаторије 2024“ во Тиват, Црна Гора. Претставата ќе се игра на Летната сцена во Тиват в недела на 25 август со почеток во 21 часот.
При претставувањето на годинешната програма на „Пургаторије“, Горан Божовиќ директор на Центарот за култура Тиват, истакна дека во програмската селекција на реномираниот театарски режисер и професор на Академијата на уметностите во Нови Сад, Борис Лијешевиќ се наоѓаат 10 претстави што со огромен успех се играат на своите матични сцени во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Р.С. Македонија и Црна Гора.
Од оваа година организаторот најави дека покрај наградите за најдобра претстава, најдобра машка и женска улога, награда за актерско остварување и визуелно техничка иновација се водедува и награда за најдобра режија „Јагош Марковиќ“, во чест на починатиот театарски режисер кој оставил длабока трага во театарската уметност во регионот.
Селекторот на фестивалот, Борис Лијешевиќ, истакна дека претставата „Мојот маж“, работена според колажот од расказите на Румена Бужаровска и авторските монолози е претстава што говори за проблемите на брачната структура на Балканот каде се’ се менува. Тој вели: „Од фирми, продавници, држави, градови, се’ се менува, единствено односот кон жената е непроменет“. Лијешевиќ потсети дека според книгата на Бужаровска се направени неколку претстави во продукции на театрите од регионот, но во селектирањето за фестивалот, тој се одлучил за претставата на Драмски театар Скопје поради нејзината изворност и автентичност.
Режисер на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова – Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова – Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски, а асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања со извонреден прием кај публиката. Претставата се играше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ – Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Концерт на Националниот џез-оркестар и Пјер Миле и Бети Жардан

На 25 април, во Филхармонија со почеток од 20часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт на кој како гости ќе ги има француските уметници Пјер Миле (труба) и Бети Жардан (вокал). Диригент на концертот ќе биде маестро Џијан Емин.
Роден во средината на 1970-тите, Пјер Миле се етаблира како инспиративен инструменталист и композитор кој покрај џез музиката соработува со бројни уметници од областа на рок музиката, како и разни други жанрови, од циркуска музика до шансони. Во својата кариера има настапувано со различни музички ансамбли, почнувајќи од биг-бендот на неговиот татко Jean-François Millet, потоа AB Sextet, Les Elles, и во поново време Surnatural Orchestra, покрај пијанистот Faraj Suleiman. Тој е лидер, ко-лидер и композитор во неколку ансамбли меѓу кои триото Ana Kap, дувачкиот оркестар Chromatic Museum, квартетот Blast, и квинтетите Renza Bô и Décor-um.
Бети Жардан е француска пејачка која живее во Нормандија и во својата кариера често соработува со Пјер Миле. Има студирано џез теорија на Конзерваториумот во Каен, а изучувала и индиска музика во Јужна Индија, каде престојувала повеќе од една деценија. Дел е од биг-бендот Jazz à Montpellier, како и составите Ana Kap и Breath & Breath. Betty e карактеристична по својот уникатен вокален стил и способноста да комбинира различни музички жанрови. Критиката за неа ќе забележи дека е препознатлива по „интеракцијата меѓу џезот и индиската музика кои ѝ даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност“.
„На концертот со Националниот џез оркестар имате можност да уживате во биг-бенд аранжманите на композициите и стиховите на Пјер Миле и Betty Jardine кои истражуваат различни емотивни пејзажи и човечки врски изразени преку музика и поезија, како и широк спектар на чувства, од носталгија и ескапизам до надеж, издржливост и интроспекција. Преку поетските текстови и музичките композиции, овие двајца уметници ја истражуваат убавината на сонот, текот на времето, невиноста на детството и борбата со себичноста и стравот. Секое нивно дело рефлектира длабока врска со културните, личните и универзалните моменти, спојувајќи ја имагинацијата со искрените рефлексии, притоа славејќи ја во целост човечката природа, во сета нејзина убавина и противречности“, се вели во најавата за концертот.
Култура
МНТ со претставата „Народен пратеник“ ќе гостува во Народно позориште – Белград

Македонскиот народен театар со претставата „Народен пратеник“ ќе гостува во Народно позориште – Белград.
„Со особена радост и официјално ја примивме веста од Народно позориште во Белград, за гостувањето со претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин. Претставата која е од најсвежата продукција на МНТ, го доживува својот успех и надвор од границите. Овојпат, директорот Никола Кимовски со особена чест го прифати ова гостување да се случи на 4 јуни 2025 година. Претставата со фантастичната актерска екипа ќе се одигра на сцената „Раша Плаовиќ“.“, соопштија од МНТ.
Од таму велат дека ова е едно позитивно надополнување во патувачката агенда и организираната турнеја на Македонскиот народен театар, кое дава посебна динамика, ги обединува уметничките изрази, културните разлики и емоционалните искуства на различните сцени.
„За актерите, продукцискиот тим, пред сѐ за публиката, тоа е исполнување на инспиративни, креативни предизвици. Секој нов град и секоја нова публика носи нови искуства и возбуда кои го трансформираат и го осветлуваат доживувањето на уметноста. Таа е мост меѓу различни култури и традиции, овозможувајќи размена на идеи“, се наведува во соопштението.
Култура
МНТ со две претстави гостуваше во Црногорското народно позориште

Реализирањето на меморандумот за продолжување на соработката меѓу Црногорско народно позориште (ЦНП) и Македонскиот народен театар (МНТ), започна со гостување на две претстави од Македонија.
Изминатите две вечери на големата сцена на ЦНП публиката ги гледаше претставите „Народниот пратеник“ од Бранислав Нушиќ во режија на Егон Савин и „12“ според Реџиналд Роуз во режија на Синиша Евтимов.
Директорот на ЦНП, Илија Суботиќ, го изрази своето задоволство од почетокот на реализацијата на договорот, како и од фактот што публиката во Подгорица виде исклучителни изведби од најновата продукција на МНТ во годината кога го слави својот голем јубилеј – 80 години од своето постоење и работа.
„Меморандумот за продолжување на соработката меѓу националните театри на Црна Гора и Република Северна Македонија, потпишан кон крајот на минатата година во Скопје, покрај меѓусебните гостувања, отвора можност и за реализација на заеднички проекти, за што особено може да придонесе членството на двата театри во Европската театарска конвенција“, истакна Суботиќ и го честиташе престојното учество на Македонскиот народен театар на Стериино позорје, во чија натпреварувачка селекција е претставата „Наличје“ од Борис Лијешевиќ од актуелната театарска сезона на нашиот национален театар.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека по потпишаниот меморандум за соработка меѓу Црногорско народно позориште и Македонскиот народен театар, по речиси изминати десет години, повторно се случува меѓународна соработка.
„Посебно ме радува што меморандумот за соработка на овие две големи театарски куќи почна да се реализира со гостувањето на Македонски народен театар во Црногорско народно позориште и тоа со најактуелните претстави од големата и од малата сцена. Тоа се претставите: „12“ по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов, која се одигра на 9 април и „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин, која се одигра на 8 април. Двете претстави се прикажаа пред преполна сала, а црногорската публика со долгостоечкиот аплауз и овации ги награди извонредните изведби на претставите.
Претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, а во продукција на МНТ, на 31 мај 2023 година беше одиграна на сцената на Црногорското народно позориште во Подгорица – пред потпишување на меѓународната соработка.
Нашата цел е и понатаму да се стремиме кон зацврснување, унапредување и развој помеѓу нашата заедничка соработка, со збогатување на културолошката програма, а на публиката со тоа ќе ѝ дадеме можност и посебна привилегија да доживее различни уметнички пристапи и креативност.“
Да потсетиме, со одлука на членовите на Генералното собрание минатиот петок во Атина, Македонскиот народен театар стана членка на Европската театарска конвенција – најзначајната паневропска театарска асоцијација, каде што Црногорско народно позориште учествува од 2023 година.