Македонија
УКИМ доделува над 290 целосни стипендии за новозапишаните студенти за учебната 2024/2025 година, како и 720 половични стипендии

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со цел унапредување на образованието на младите во земјата и отворање нови можности за нив, обезбеди над 290 стипендии за сите факултети за новите студенти на прв циклус студии, како и 720 половични стипендии за студенти од секоја студиска програма и од секоја студиска година, а за кои родителското право го врши само еден родител.
„УКИМ ќе додели 240 стипендии, кои се распоредени по 10 стипендии за секој факултет. На овој начин сакаме да ги мотивираме идните студенти да се посветат на студиите, како и да ги олесниме финансиските трошоци за образование на нивните семејства“, истакнаа од Универзитетот.
Имено, и оваа година, како и претходните четири учебни години, единиците на УКИМ стипендираат најмалку по еден студент од секоја студиска програма и од секоја студиска година за кој родителското право го врши само еден родител. На тој начин УКИМ овозможува најмалку 720 студенти да платат половина од износот на уписнината за прв циклус студии, секоја година.
„Дополнително, над 40 редовни студенти, кои ќе се запишат во прв циклус на студии оваа учебна година, ќе имаат можност да добијат стипендии од Фондацијата ‘Атанас Близнакоф’ од САД, како и над 10 стипендии од Фондацијата ‘Константин Стојанов’“, наведоа од УКИМ.
Уписите за учебната 2024/2025 година, за првиот уписен рок, се на 29.8.2024 и на 30.8.2024 година, на 17.9.2024 и 18.9.2024 во вториот уписен рок и на 27.9.2024 година во третиот уписен рок.
Оваа година вкупно 9.921 студент ќе имаат можност да се запишат, од кои 4.761 редовен студент во државна квота, 4.210 редовни студенти со кофинансирање и 950 вонредни студенти. Покрај домашните студенти, Универзитетот нуди и повеќе од 1.000 места за странски државјани на над 180 студиски програми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Воведуваме двосменско работење на градинките до 22 часот

„За првпат воведуваме бесплатно двосменско работење на градинките до 22 часот, за да им излеземе во пресрет на родителите и да им обезбедиме поголема поддршка на семејствата“. Ова денеска го најави кандидатот за градоначалник на Општина Центар и актуелен градоначалник на општината Горан Герасимовски.
Тој потенцираше дека оваа мерка е наменета за родителите на деца од предучилишна возраст кои поради своите работни обврски имаат потреба од подолга грижа и безбедност за своите деца.
Со ова мерка, се обезбедува вистинска поддршка за семејствата, со што ќе им се олесни секојдневието на родителите.
Македонија
Филипче и СДС во ПИОМ не оставија дупка, туку цел кратер, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Филипче и СДС навистина треба да престанат да говорат за економската политика во државата, за да не се срамат. Тие во ПИОМ не оставија дупка, туку цел кратер, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во нивно време, како што нагласуваат од владејачката партија, пензиите се зголемуваа за 150 денари, граѓаните живееја со 150 денари на ден, земјоделците не добиваа субвенции, вработени не земаа плати со месеци, инфлацијата беше над 20%, платите стагнираа, секојдневно имаше протести од синдикати, вработени, пензионери, студенти, кои беа на маргините во тоа време.
„Да не го заборавиме и јавниот долг кој достигна над 60%, невратените еврообврзници, како и делот дека во нивно време се богатеа само функционери, а народот немаше за основни потреби.
Сега имаме вистинска промена, платите се зголемени во здравството, културата, социјалата, образованието, полицијата, администрацијата и други општествени сфери. Земјоделците добиваат навремени субвенции, вработените добиваат навремено плата, инфлацијата е ниска, дури пониска од онаа европската просечна, јавниот долг континуирано се намалува, пензионерите добиваат 7000 денари, се отвораат работни места, нови можности за бизнисите, поддршка на младите и многу други проекти кои се од круцијално значење за граѓаните“.
Изборот, како што истакнуваат од оваа партија е повеќе од јасен на овие избори.
„Или одбираме долгови, ниски плати а висока инфлација, граѓани оставени на маргините, или одбираме вистинска промена со високи плати а ниска инфлација и граѓани кои се вклучени во секој дел од одлучувањето“.
Македонија
Филипче: Пензионерите се нови жртви на лагите на власта, 97 проценти од нив добија само 1.000 денари

„На пензионерите сакам да им порачам: вие сте последната група на граѓани којашто оваа власт ја прелажа,“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој потсети дека и пред пензионерите, излажани беа работниците, лекарите и земјоделците:
„После работниците на коишто платата им се намалува – просечната плата три месеци по ред се намалува. После лекарите кои не гледаат ниту денар зголемување на платата. После земјоделците на кои им се укинаа субвенциите. После социјалната помош која апсолутно никако не се зголемува – сега и пензионерите сфатија дека се излажани.“
Филипче подвлече дека доколку останеше методологијата воведена од СДСМ, пензионерите денес ќе имаа двојно поголемо зголемување:
„Да останеше нашиот систем на методологија за зголемување на пензиите, сега 97% од пензионерите наместо 1.000 ќе земеа 2.000 денари зголемување.“
Претседателот на СДСМ предупреди и на загрозувањето на Пензискиот фонд:
„Со т.н. воведување на линеарно зголемување на пензиите, го загрозија работењето на фондот. Дупката после исплатените 5.000 денари од 30% се зголеми на 50%. Тоа значи дека половина од парите за пензии ги покрива државата. Едноставно нема пари во фондот.“
„Ние таква дупка затекнавме во 2017 година и постепено ја намаливме до 30%. Имавме систем кој го зајакнува фондот и гарантира стабилна исплата,“ рече Филипче.
Тој укажа дека ветеното зголемување е илузија:
„Овие 1.000 денари се веќе изедени од инфлацијата. Пензионерите едноставно нема да почувствуваат ништо. Уште една лажна кампања излезе на виделина.“
„Работата не е да ги прелажеш граѓаните. Работата е да им кажеш како се работи во нивна корист и во интерес на државата,“ подвлече Филипче.