Македонија
(Видео) „Бисера Антоанета со народни пари вечерала бизонско филе, телешко карпачо и школки за 400 евра во луксузен ресторан во Виена“, вели Лефков

„Денес продолжуваме да ги обелоденуваме раскошните трошења на Бисера Антоанета со народни пари во Виена. Покрај лускузниот трособен стан за 4 ноќи, платен 1200 евра, Антоанета јадела луксузно. На една од сметките кои Бисера Антоанета ги доставила до Министерството за култура и за која земала државни пари се гледа дека истата за една вечера потрошила 403 евра, таа вечера ја платиле граѓаните“, изјави Миле Лефков, пратеник, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Антоанета вечерала во луксузниот виенски ресторан Дистрикт, а на нејзината маса се нашле школки, бизонско филе, телешко карпачо, сето тоа платено од народот.
Бисера Антоанета не штедела ниту во ресторанот Соле, каде за еден ручек платила 249 евра, а за вечера во истиот ресторан 212 евра. Овде на менито на Антоанета била италијанска храна.
Само за овие три ресторански посети Бисера Антоанета платила 846 евра или 53.136 илјади денари.
Да добро слушате, Бисера Антоанета за еден ручек и две вечери со народни пари платила колку што изнесува месечна потрошувачка кошничка за цело семејство.
Ја прашуваме Бисера Антоанета дали овие трошоци биле нужни? Дали можело поевтино? Зошто ги одбрала овие ресторани? Како правда 3000 евра трошок за 4 дневно патување во Виена“, прашува Миле Лефков, пратеник, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.