Македонија
ЦУК: Осум активни пожари, еден под контрола, изгаснати се шест

Во текот на денешниот ден понеделник, до 14:00 часот, има вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои активни се 8, под контрола е 1 и изгаснати се 6, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во општина Чашка: Планина Мукос – село Степанци, м.в.Кадиица – село Оморани, село Ораов Дол (гори мешана шума); Општина Прилеп: село Пештани – село Кокре – село Кален (нискостеблеста вегетација);
Општина Штип: село Хаџи Хамзали – село Едеклерци – село Топлик – село Драгоево, полигон Криволак (гори нискостеблеста шума, смреки и сува трева); Општина Чучер-Сандево: село Танушевци, м.в.Рамно (гори мешана шума);
Општина Прилеп: село Радобил (гори шума); Општина Теарце 1: село Глоѓи (ѓубриште); Општина Теарце 2: село Теарце (гори стрниште); Општина Сопиште: село Јаболци, м.в.Краста (камион и ниска вегетација).
Под контрола е пожарот во општина Долнени, Планина Мукос, село Десово – село Дреновци (гори мешана нискостеблеста шума и сува трева).
Како што информираше ЦУК изгаснати се шест пожари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата на СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата изнесени од страна на политичката партија СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“.
„Потенцираме дека станува збор за редовно обновување на лиценци за специјализиран форензички софтвер, кој Министерството веќе повеќе од една деценија го користи за екстракција и анализа на дигитални податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, во рамки на истраги што се водат исклучиво врз основа на наредби и во согласност со законските процедури.
Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушкување, туку претставуваат стандардна опрема за дигитална форензика, каква што се користи и од други безбедносни институции ширум светот.
Напоменуваме дека ист софтвер бил набавен и во 2021 година, во време кога Министерството било раководено од министер од политичката партија СДСМ, што како факт сам по себе ја нагласува противречноста на денешните обвинувања.
Набавката е спроведена транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки и има единствена цел да го засили капацитетот на Одделот за форензички испитувања во откривање и докажување на кривични дела.
Министерството апелира до сите политички чинители да се воздржат од пласирање на дезинформации кои ја поткопуваат довербата во институциите. Очекуваме поддршка за професионалното и законито постапување на службите во интерес на јавната безбедност.
Борбата против криминалот мора да биде заеднички приоритет, а не повод за политички конструкции што одговараат само на оние кои се плашат од функционални институции и владеење на правото“, пишува во демантот на МВР.
Македонија
Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство утре пред пратениците, Владата од него очекува макотрпна работа и посветеност

Собранието утре треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство.
Во биографијата пишува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година.
Алиу е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
Владата од Алиу очекува макотрпна работа, посветеност и реализација на Програмата во делот на здравството.
„Можам да кажам дека Предлогот ќе биде утре во Собранието и дека ќе наиде на поддршка. Очекувам Алиу да биде посветен на ресорот здравсто, да направи добра реорганизација и да ги спороведе сите политики што се наш приоритет“, рече денеска владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
На утрешната собраниска седница, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во неговата биографија се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наодите на СДС дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се брутална лага, очекуваме извинување од СДС

Наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушкување во МВР се невистина и брутална лага, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Очекуваме СДС да се извинат.
Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт.
Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот.
Да потсетиме дека СДС е партија која многупати до сега е осудена за клевети и партија која нена никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.