Македонија
ЗНМ: Правда за новинарката Душица Мрѓа за „27 април“: значаен чекор напред во борбата против заканите врз медиумските работници
Симболот на неказнивност на нападите кон новинарите, на слободата на говорот и правото на информирање на граѓаните, денот што во јавноста е познат како црниот четврток, 27 април 2017 година, конечно, по седум години, добива делумна правда за новинарите.
Во еден од случаите за слободата на медиумите и правата на новинарите, Основниот граѓански суд – Скопје донесе пресуда во корист на новинарката Душица Мрѓа, која беше нападната за време на своето извршување на работните обврски на 27 април 2017 година во Собранието во Скопје. Од ЗНМ оценија дека оваа пресуда испраќа јасна порака дека насилството врз новинарите не треба да се толерира и дека правдата мора да биде задоволена.
„Судот преку оваа пресуда ги признава важноста на заштитата на новинарите и слободата на изразување како основни темели на демократското општество. Пресудата е значаен чекор напред во борбата против заканите и притисоците врз медиумските работници“, велат од ЗНМ.
Изминатите седум години, наместо правосудните органи да си ја вршат својата работа, некои од новинарите, фоторепортерите и снимателите беа тие што сами ја бараа правдата низ судските ходници помогнати од адвокатите на ЗНМ.
Денеска, правдата ја виде светлината на денот. Имено, во Основниот граѓански суд Скопје, случајот со Душица Мрѓа, која беше една од нападнатите новинарки за време на упадот во Собранието, доби разрешница.
Во пресудата стои дека се задолжува тужената Република Северна Македонија да ја обесштети по основ на надомест на нематеријална штета поради претрпен страв, како и по основ на повреда на правото на слобода на изразување.
По нападот, колешката Мрѓа беше првата новинарка што даде исказ во Јавното обвинителство по што напаѓачот не беше идентификуван, а немаше ниту постапка за него. За да биде иронијата поголема, некои од напаѓачите на пратениците не само што беа идентификувани туку дел од нив беше осуден, а дел амнестиран.
Други новинари исто така имаат тековни постапки за овој случај за кои ЗНМ со внимателност ги следи.
„За потсетување, некои од фактите за овој случај се следните:
На 27 април 2017 година повеќе од 20 новинари беа под закана и напад и им беше забрането да известуваат од местото на настанот.
Во периодот од 2017 до 2018 година беа поднесени првите тужби од страна на новинари и медиумски работници против непознати лица и против државата барајќи правда за физичките и вербалните напади врз нив за време на настаните во Собранието. Овие тужби беа насочени кон откривање на идентитетот на напаѓачите, барање компензација за нанесените повреди и оштетена опрема, како и барање одговорност од страна на државата за пропусти во безбедносниот протокол
Од 2018 до 2019 година се случија првите судски одлуки, кои не беа во корист на новинарите, поточно судовите ги одбиваа тужбите, често поради недоволни докази или неможност да се идентификуваат директно одговорните лица за нападите.
Во 2020 година судот ги одби тужбите од страна на новинарките Душица Мрѓа и Наташа Стојановска со образложение дека немале докази оти имало упад и немале телесни повреди.
Во 2023 година Апелациониот суд Скопје ја одби жалбата на Горан Трпеноски против Основниот граѓански суд – Скопје, кој претходно му ја отфрли тужбата против државата за „27 април 2017 година“.
Уставниот суд во јули 2023 година утврди повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарот Влатко Стојановски од „Фокус“ за време на настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Според судот, во две пресуди – една од Граѓанскиот суд – Скопје од 2021 година и една од Апелациониот суд Скопје, исто од 2021 година, е пропуштено да се утврди и повреда на слободата на изразување.
Во јануари 2024 Уставниот суд донесе одлука со која се потврдува дека на колешката Душица Мрѓа, новинарка од „ТВ 24“, ѝ e прекршенa слободата на изразување, а со тоа и повреденo е правoтo на граѓаните да бидат информирани за случувањата на тој 27 април во Собранието.
Здружението на новинарите на Македонија со години ги повикува надлежните институции сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади на новинарите и одговорните да бидат казнети. Битката за правото на информирање и правото на слободно вршење на новинарската работа нема да застане тука. Оние што ги повредуваат правата на новинарите потребно е да разберат дека напад на новинар во исто време е и напад врз слободата на говорот, правото на граѓаните да се информираат и на демократијата воопшто“, велат од ЗНМ.
Со измените на Кривичниот закон казните за напаѓачите се зголемени, а Обвинителството постапува по службена должност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
За првпат во Македонија е изведена хируршка интервенција кај дете со ретка конгенитална деформација
На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за прв пат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај 4-годишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет (Sprengel deformity), во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција.
Интервенцијата претставува значаен чекор во јакнење на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби во детската возраст, преку тимска работа, пренос на знаење и примена на современи оперативни техники.
„Оваа интервенција е резултат на врвна мултидисциплинарна координација – ортопедски тим, анестезија, интензивна нега и ургентна поддршка – со јасен фокус на сигурноста и квалитетот на самата постапка. Благодарение на соработката со проф. д-р Уфук Ајдинли, направивме значаен исчекор во третманот на ретки конгенитални деформации кај деца. Нашата цел е овој тип процедури да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, со континуирана едукација и развој на домашните тимови,“ вели директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски.
Според министерот за здравство, Азир Алиу градењето доверба во здравствениот систем се прави со ваков вид на резултати, со знаење, со тимска работа и со создавање услови најсложените интервенции да се изведуваат во државата.
„Ова е пример како меѓународната соработка, размената на експертиза и знаење директно се претвораат во подобра грижа за пациентите. Министерството ќе продолжи да ја поддржува модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат модерен, функционален и одржлив здравствен систем“, вели министерот Алиу.
Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради неуспешна надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Ова најчесто предизвикува видлива „испакнатина“ и ограничување на движењето на рамото. Состојбата неретко е поврзана и со други придружни наоди, како синдромот Клипел-Фил, сколиоза, а понекогаш и дополнителна коскена/влакнеста врска со ’рбетот (омовертебрална лента), поради што за прецизна дијагностика и планирање се користат снимања како КТ и/или МРИ. Оперативниот третман најчесто се резервира за потешки случаи во возраст од 3 до 8 години, со цел подобрување на функцијата и изгледот.

