Македонија
Силјановска-Тајани: Членството во Европската Унија е наш стратешки приоритет

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го прими министерот за надворешни работи на Италијанската Република, Антонио Тајани.
На средбата беше разговарано за можностите за унапредување на соработката на билатерален и меѓународен план, за тековните состојби во однос на македонскиот пристапен процес за членство во Европската Унија, како и за актуелните случувања во регионот.
Соговорниците изразија задоволство од активниот и континуиран политички дијалог, којшто е потврда на традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји.
Истакнувајќи дека членството во Европската Унија е наш стратешки приоритет, претседателката изрази благодарност за континуираната поддршка од Италија на македонските евроинтеграции и доследното застапување на политиката на проширување на Европската Унија.
Во интерес на стабилноста, просперитетот и економскиот раст, претседателката Сиљановска Давкова ја потенцираше неопходноста од забрзување на пристапувањето кон ЕУ и изрази очекување дека со помош и силна поддршка од нашите вистински пријатели, земјава ќе успее полесно да го изоди европскиот пат.
Во таа насока, претседателката ја потврди посветеноста на исполнување на реформската агенда, одржување на добрососедските односи и активна регионална соработка.
Потенцирајќи дека Италија е наш важен политички и економски партнер, претседателката Сиљановска Давкова изрази очекување за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји и натамошно дополнително јакнење на безбедносната соработка во рамки на НАТО Алијансата.
Претседателката ја истакна подготвеноста и за унапредување на соработката преку културната и јавната дипломатија и ја посочи можноста за соработка со италијанските региони во областите на туризмот, младите и спортот, како и во областа на креативните индустрии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Транспарент со натпис „Правда за Крешник“ поставен на автопатот Скопје – Гостивар

Транспарент на кој пишува „Правда за Крешник“ е испишан на македонски и албански јазик.
Тој е поставен на надвозник на автопатот Скопје-Тетово-Гостивар. Ова го објави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска.
„Да ги оставиме институциите да си ја завршат работата. Обвинителството и судот да работат по словото на законот.Правда за Кочани мора да има“, напиша Стојановска.
Бектеши стана осомничен за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, како поранешен министер за економија и му беше определен притвор од 30 дена.
Дискотеката во минтото работела со легална дозвола издадена од Економија, иако не исполнувала никакви услови.
Македонија
Во телефонот на Кешишев, Палевски бил запишан „царот“: „Го видов Палчо со пиштол и се слушна тап истрел“

По барање на одбраната на Влатко Кешишев, обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо беше отстранет од судницата оти му било страв да зборува пред него.
Кешишев потоа одговараше на прашањата на одбраната и обвинителството за случаите со грабнувањата и убиствата на Вања и Панче, тврдејќи не бил свесен за она што се случува.
Палевски му бил мемориран во телефонот како „Царот“. Потврди дека присуствувал на копањето на дупката во Велес, каде што беше пронајдено телото на Панче. Палевски го испратил да му помогне на Велибор Манев, па заедно ја копале дупката без да разговараат и без изустен збор се вратиле назад. Вели дека копале во близина на Велес, но не знаел за што се работи и мислел дека бараат злато. По некое време го прашал Манев за што е дупката, по што дознал дека е за киднапирање.
Сведочеше и дека кога се зборувало за грабнувања, никогаш не станало збор за убиства. Не ги познавал убиените, ниту пак, таткото на Вања. Тврди дека во моментот на убиството на Вања чувал стража. Бил оддалечен. Кога се светел, Палчо држел пиштол во раката, по што следел истрел, тапо пукање. Го викнале за да го закопаат телото, а исто како што сведочеше Манев, и Кешишев потврди дека Палчо потоа криел траги бришејќи ги лопатата и копачот. Алатот го фрлиле покрај патот.
Кешишев тврди и дека не видел кој и како го убил Панче, а откако дознал дека е мртов, не пријавил оти бил збунет и Палевски му забранил да ги напушти просториите на партијата.
Судењето продолжува в петок.
Македонија
Давкова благодарна до сите земји кои ни помогнаа по трагедијата, објави листа на државите кои пружија помош

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во име на македонските граѓани и во свое лично име, изразува најискрена благодарност до сите пријателски држави што во моментите на национална трагедија и шок, предизвикани од кочанската апокалипса, пружија и сè уште пружаат навремена и несебична помош, водени од принципите на солидарност и хуманост.
„Ангажманот на нивните медицински тимови, подготвеноста на авионите и хеликоптерите за итна интервенција, отворањето на здравствените установи за повредените граѓани, како и активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, испратија недвосмислена и силна порака дека во најтешките моменти не сме сами. Тие ја делеа болката со нас, а нивната грижа стана наш заеднички лек“, вели Давкова.
Во нејзината порака со благодарност се наведува дека ја почувствувавме силата на вистинското пријателство преку нивната присутност и поддршка, којашто ќе остане врежана во колективната меморија на нашиот народ.
Тажно е, додава Давкова, што низ болката и ненадоместливата загуба ја спознавме суштинската поврзаност со светот и длабокото чувство на припадност, нешто што не требаше да биде плод на трагедија. Од срце сме им благодарни, никогаш нема да ја заборавиме помошта од:
Република Србија
Република Бугарија
Република Турција
Хеленската Република
Кралството Шпанија
Република Австрија
Унгарија
Република Хрватска
Кралството Белгија
Италијанската Република
Република Литванија
Република Словенија
Кралството Шведска
Република Полска
Државата Израел
Република Чешка
Обединетото Кралство
Сојузна Република Германија
Големото Војводство Луксембург
Кралството Норвешка
Романија
Република Албанија
Босна и Херцеговина
Кралството Холандија
Република Финска
Француската Република
ЕУ