Култура
Изведбата на моќното ремек-дело „Набуко“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и Балет
Моќното ремек-дело од Џузепе Верди, операта „Набуко“, ќе се изведе на сцената на Националната опера и Балет на 21 септември со почеток во 20 часот. Под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а светло-дизајн – Милчо Александров.
Насловната улога ќе ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле ќе настапи Злата Тошевска-Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров ќе настапи како Исмаил, а во улогата на Захарие ќе настапи Игор Дурловски. Во другите улоги ќе настапат Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, хорот, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет и ученици при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
„Набуко“е лирско-драматична опера во четири чина, едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди и е омилено кај публиката. Својата праизведба оваа опера ја имала во 1842 година во миланската „Скала“. Тоа е третата опера на Верди за која се смета дека трајно ја воспоставила неговата репутација како композитор. Темата на операта е тешката историја на еврејскиот народ, нападнати и поразени, протерани од својата татковина, иако историските настани се користат само како заднина на романтичниот и политички заплет. Верди во една ноќ ја напишал надалеку познатата хорска арија, која станала драматуршки и музички столб на делото Va, pensiero, sull’ali dorate („Летај на златести крилја“).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со наградената претстава „Мојот маж“, Драмски театар ја отвора новата сезона
Новата сезона во Драмски започнува утре со претставата „Мојот маж“. Ансамблот на Драмски неодамна учествуваше на меѓународниот театарскиот фестивал Пургаторије 2024 во Тиват, Црна Гора каде за претставата „Мојот маж“ ја доби награда за „Актерска бравура”.
Во образложението на жирито е истакнато: „Неспорна работа е дека актерската уметност има свој автентичен простор во однос на режисерско-драматуршкиот концепт, но дека актерската подела во една претстава функционира како еден организам, еден комплексен ум, една добро организирана машинерија, која умее во целина темелно да ја разбере и преболи современата сурова стварност, меѓучовечката бездна што се отвора меѓу најблиските, е врвно мајсторство што се гледа сѐ помалку и помалку во театарот денес. Актерите во оваа претстава се сами по себе доволна критична маса за одличен театар, свесно поврзани со сопствената психолошка слоевитост, наелектризирани од личните неволји, подготвени да се поништат и повторно да се преродат одвнатре, откривајќи му ја на гледачот старо-новата терапевтска вистина за човечката совест“.
Режисер на претставата „Мојот маж“ е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф е Роза Трајчевска-Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Сања Арсовска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.
По премиерата во 2020 година претставата “Мојот маж” е веќе пет сезони на редовниот репертоар на матичната сцена.
На фестивалот Војдан Чернодрински во 2021 година претставата доби 4 награди и тоа: „Награда за костимографија“ на Роза Трајчевска–Ристоска за костимите во претставата, „Награда за современа сценска драматизација“ на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова–Петровска за драматизација на колажот од раскази на Румена Бужаровска и авторските монолози, „Награда за главна женска улога“ на Наталија Теодосиева за улогите во претставата „Мојот маж“ и „Награда за севкупен уметнички ангажман и резултат на авторот и актерите“.
Драмски театар Скопје со оваа претстава имаше повеќе гостувања со извонреден прием од публиката. Се играше во Словенија на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана, во Црна Гора на сцената на „Градско позориште“ во Подгорица и минатата година на летната сцена на Бриони на хрватското издание на фестивалот „РУТА“.
Култура
MINТ Fintech Group – сребрен партнер на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“
MINТ Fintech Group со гордост објавува дека е сребрен партнер на 45-то издание на престижниот Интернационален фестивал на филмската камера Браќа Манаки. Овој значаен настан, кој ја слави уметноста и визионерството во светот на кинематографијата, претставува платформа на која креативноста и иновациите одат рака под рака.
Како компанија што ја става иновацијата и технолошкиот развој во фокус, MINТ Fintech Group верува во поддршката на културните и уметничките иницијативи што го збогатуваат општеството. Нашата посветеност на финансиските иновации и современите технолошки решенија се одразува и во нашето партнерство со фестивалот, кој ја истакнува важноста на инспирацијата зад секој филмски кадар.
MINТ Fintech Group гордо го поддржува креативниот процес на филмската индустрија и продолжува да гради мостови меѓу финансиските иновации и уметноста.
ПР
Култура
„Бизнисот на задоволството“ почнува со прикажување во кината во целата држава
Политичкиот трилер „Бизнисот на задоволството“, на режисерот Гоце Цветановски, од четврток, 19 септември, почнува да се прикажува во киносалите во Македонија.
Македонската кинопремиера ќе биде во „Синеплекс“ по што филмот ќе стане дел од редовниот репертоар за скопската публика. Од следната недела ќе се прикажува и во киното „Киноверзум“ во Кисела Вода.
На 19 септември проекции ќе има и во домовите на културата во Пробиштип, Богданци и во Свети Николе, како и во киното „Мис Стон“ во Прилеп. В сабота, 21.9., ќе стигне и во Домот на културата во Кочани, во присуство на дел од екипата, а на 22, в недела, ќе биде прикажан во „Киноверзум“ во Штип и во Велес.
Термините за другите градови ќе бидат дополнително објавени и можете да ги следите на фејсбук-страницата на „Бизнисот на задоволството“.
Филмот во својата меѓународна фестивалска година заобиколи пет континенти, се закити со 32 селекции и доби 10 награди, од кои пет за најдобар филм.
Трилерот на Цветановски ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на најдобрата пријателка подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.