Македонија
Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со нерезидентни амбасадори со седиште во Софија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими нерезидентните амбасадори на Кралството Мароко – Закија ел-Мидауи, на Арапската Република Египет – Надер Саад, на Државата Кувајт – Гази Хамед Алфадли, на Монголија – Сајанаа Лхагвасурен, на Грузија – Отар Бердзенишвили, на Република Молдавија – Анатол Чебук, на Република Куба – Мариета Гарсија Хордан, на Република Индија – Санџај Рана и на Исламската Република Пакистан – Модсар Чаудaри, кои се со седиште во Софија.
На средбата претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна посветеноста од македонската страна за зајакнување на дипломатските односи со секоја од државите како на билатерален така и на мултилатерален план.
„Нашите врати се секогаш отворени за дијалог и со нетрпение очекуваме тесно да соработуваме со вас за да го истражиме целосниот потенцијал на нашите дипломатски и економски односи. Во таа насока, се надевам дека поблиските билатерални односи и почестите средби ќе го отворат патот за отворање амбасади на вашите почитувани земји овде во Скопје“, рече претседателката Сиљановска-Давкова посочувајќи на огромниот потенцијал за развој на економска соработка и претставувајќи го атрактивното инвестициско опкружување на земјата, кое се карактеризира со стратешка географска локација, стабилна монетарна политика, поволни даночни услови и квалификувана работна сила.

Таа ги претстави актуелните состојби во државата по одржаните претседателски и парламентарни избори, приоритетите по однос на реформскиот процес, економскиот развој и надворешнополитичките односи.
Во тој контекст, претседателката Сиљановска-Давкова посочи на членството во НАТО и европската интеграција како клучни аспекти во надворешната политика на државата.
„Како членка на НАТО, нашата земја сериозно и одговорно ја прифати својата улога. Нашето членство не само што ја зајакнува нашата национална безбедност туку и ни овозможува значително да придонесеме за регионалната и глобалната стабилност. Активно учествуваме во операциите на НАТО, воените вежби и процесите на донесување одлуки демонстрирајќи ја нашата заложба за принципите и целите на алијансата“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
Во однос на процесот на интеграција во Европската Унија, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека нашата земја продолжува да презема значајни чекори кон полноправно членство во ЕУ и дека тоа останува стратешки приоритет за земјата оценувајќи дека нашата интеграција кон ЕУ е сложена и вклучува разни аспекти.

„Очекуваме јасна потврда од Европската Унија за нејзината посветеност на проширувањето кон Западен Балкан, слично на ставот искажан на самитот во Солун. Мислам дека билатерализацијата на европскиот процес никому нема да му биде од корист и ќе им служи на интересите на трети земји со разни цели на Западен Балкан“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

