Македонија
Перински: Проектот во Карбинци ги дава очекуваните резултати, потранспарентна општина и зголемено граѓанско учество во носењето одлуки на локално ниво
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска ја посетија општина Карбинци, која е една од општините во која се спроведува проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“. Целта на посетата беше запознавање со имплементираните и тековните активности што се реализираат во општина Карбинци, како и резултатите од проектот, кој во оваа општина е со времетраење од шест месеци и треба да заврши на крајот од месецот.
Во рамките на проектот, Општина Карбинци преку 11 модули изврши обука на советниците и општинската администрација, набави опрема за прикажување во живо на седниците на Општината, а купи и специјално возило за собирање отпад како резултат на одлука на граѓаните преку сесиите од форумите во заедницата.

„За граѓаните беше приоритет набавката на возилото за комунален отпад, со што се очекува да се подобрат услугите кон граѓаните во оваа област проширувајќи ги и на пределот на Плачковица. Со набавката на ова возило, целосно се задоволуваат моменталните потреби на Општината“, истакна градоначалникот Паунов, кој информира дека Општината ја применува и LoGeS-платформата за е-услуги на локално ниво, како и е-таблата за транспарентност на општинските финансии, преку која граѓаните во реално време имаат увид во податоците за задолжување, ликвидност и трошоци на Општината.
Министерот Перински изрази задоволство од имплементацијата на проектот кој веќе резултира со транспарентно, одговорно и квалитетно испорачување на локалните услуги за граѓаните, а истовремено Општината бележи зголемување на процентот на активна транспарентност од 34.8%, што е значителен напредок.
„Ме радува што проектот во Карбинци ги дава очекуваните резултати, а тоа е потранспарентна Општина и зголемено граѓанско учество во носењето одлуки на локално ниво. Комбинацијата на активности е она што го прави овој проект посебен, со оглед на тоа дека повеќе компоненти се надополнуваат и како резултат на тоа се подобруваат низа аспекти на локално ниво, пред сѐ во интерес на граѓаните“, истакна министерот Перински, потенцирајќи дека за транспарентни општини и поефикасни услуги за граѓаните се залага и Министерството за локална самоуправа.

Во таа насока и УНДП е поддржувач и партнер на единиците на локалната самоуправа и во моментов соработува со над 60 општини.
„Нашата соработка со Општина Карбинци е разновидна, од набака на опрема за пренос на седниците во живо, со што работата на Советот е потранспарентна и достапна за граѓаните, преку обуки и пристап до платформа за е-учење, па сѐ до вклучување на граѓаните преку Форумите во заедницата, како резултат на кои е набавен овој камион за комунален отпад“, посочи постојаниот претставник на УНДП, Григорјан.
Според швајцарската амбасадорка Улман, демократијата напредува кога граѓаните се активно вклучени во процесите на донесување одлуки кои влијаат на нивните животи, а тоа е и целта на проектот.
„Зајакнувањето и градењето на капацитетите на општините е од клучно значење за обезбедување на испорака на јавни услуги кои одговараат на потребите на граѓаните. Повеќе од 20 години Швајцарија ги поддржува реформите во управувањето во Северна Македонија, промовирајќи учество, транспарентност и одговорност“, посочи амбасадорката.

На денешната посета на Карбинци присутните разговараа и за потребите и предизвиците на локалната самоуправа, како и за поддршката од централната власт и донаторската заедница во насока на подобрување на функционалноста на единиците на локална самоуправа.
Проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“ е проект што ќе трае до 2027 година, чија вредност изнесува 6.866.670 долари.
Министерството за локална самоуправа кофинансира 1.250.000 долари, швајцарската влада го поддржува проектот со 4.200.000 долари, со 716.670 долари партиципира УНДП, а со речиси 700.000 долари учествуваат партнерските општини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

