Свет
Илон Маск го нарече австралискиот премиер фашист, стигна одговор

Австралискиот премиер, Ентони Албанес, ги отфрли тврдењата на милијардерот, Илон Маск, дека неговата лабуристичка влада е фашистичка, велејќи дека американскиот милијардер треба да признае дека „Икс“ (поранешен Твитер) во сопственост на Маск „има општествена одговорност“.
„Ако г-дин Маск не го разбира тоа, тоа кажува повеќе за него отколку за мојата влада“, изјави денеска австралискиот премиер. Тој претходно го нарече Маск „арогантен милијардер кој мисли дека е над законот“, пренесува Гардијан.
Маск претходно го коментираше новиот австралиски закон кој има за цел да се бори против лажните вести што се шират на социјалните мрежи, според кој компаниите како „Икс“ може да бидат казнети со 5 отсто од нивниот годишен промет.
Маск одговори на објавата за мерките на Австралија пишувајќи на „Икс“: „Фашисти“.
Маск се судри со австралиската влада неколку пати во текот на изминатата година, вклучително и барањата од владата „Икс“ да ги отстрани снимките од прободувањето на бискуп во Сиднеј.
Во април, комесарот за е-безбедност му нареди на „Икс“ да ја отстрани содржината и поведе постапка пред федералниот суд за отстранување на материјалот. Во јуни, комесарот за е-безбедност ја суспендираше постапката, но во октомври се очекува да расправа посебен административен апелационен суд за ова прашање.
За време на повеќемесечната сага, Маск ја обвини владата дека ја задушува слободата на говорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израел со одговор на Британија: Промената на ставот го наградува Хамас и им штети на мировните напори

Министерството за надворешни работи на Израел реагираше на најавата на Велика Британија дека ќе ја признае Палестина доколку Израел не преземе конкретни чекори кон прекин на конфликтот во Газа и обновување на мировниот процес што води кон решение за две држави.
„Промената на ставот на британската влада во овој момент, по францускиот потег и внатрешниот политички притисок, претставува награда за Хамас и им штети на напорите за постигнување прекин на огнот во Газа и рамка за ослободување на заложниците“, се вели во соопштението на израелското Министерство за надворешни работи на X.
Британскиот премиер Кир Стармер го објави потенцијалниот потег неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Париз ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации во септември.
Во официјалното соопштение од Даунинг стрит се наведува дека признавањето на Палестина е „неотуѓиво право на палестинскиот народ“ и дека ставот на британската влада отсекогаш бил дека признавањето ќе биде дел од поширокиот мировен процес, според медиумите.
Сепак, се наведува дека поради „сè понеподносливата ситуација во Газа и намалената надеж за мировен процес“, сегашниот контекст бара порешителна акција.
Стармер истакна дека признавањето ќе следи ако израелската влада не се согласи на итен и траен прекин на огнот, јасна посветеност на мировен процес што води кон решение за две држави и недвосмислена посветеност дека нема да има анексија на територија на Западниот Брег.
Тој, исто така, повтори дека „нема еквивалентност меѓу Израел и Хамас“ и дека барањата на Велика Британија кон Хамас остануваат: ослободување на сите заложници, прифаќање на прекин на огнот, откажување од каква било политичка улога во идното управување со Газа и целосно разоружување.
Фото: принтскрин
Свет
Велика Британија: Ќе ја признаеме Палестина во септември ако Израел не се согласи со нашите услови

Велика Британија ќе признае палестинска држава во септември ако Израел не се согласи на прекин на огнот во Газа, не дозволи помош од ОН и не преземе други чекори кон долгорочен мир, објави британскиот премиер Кир Стармер, според светските медиуми.
Стармер свика редок летен состанок на кабинетот за да се разговара за ситуацијата во Газа.
Тој им рече дека Велика Британија ќе ја признае државата Палестина пред Генералното собрание на Обединетите нации, „освен ако израелската влада не преземе значајни чекори за да ја заврши ужасната ситуација во Газа, не постигне прекин на огнот, не вети дека нема да има анексија на Западниот Брег и не се обврзе на долгорочен мировен процес што ќе обезбеди решение за две држави“.
Тој исто така рече дека Хамас мора да ги ослободи сите заложници што ги држи, да се согласи на прекин на огнот, „да прифати дека нема да игра никаква улога во владата на Газа и да се обврзе на разоружување“. Во телевизиска изјава, Стармер рече дека неговата влада ќе го процени „степенот до кој страните ги исполниле овие чекори“ во септември пред да донесе конечна одлука за признавање.
Велика Британија долго време ја поддржува идејата за постоење на независна палестинска држава покрај Израел, но верува дека признавањето треба да дојде како дел од договореното решение за конфликтот.
Притисокот за формално признавање на палестинската државност се зголеми откако францускиот претседател Емануел Макрон објави дека неговата земја ќе стане првата голема западна сила што ќе признае палестинска држава.
Повеќе од 250 од вкупно 650 пратеници во Долниот дом потпишаа писмо со кое ја повикуваат британската влада да признае палестинска држава. Стармер истакна дека и покрај условите што ги поставил, Велика Британија верува дека „државноста е неотуѓиво право на палестинскиот народ“, пренесуваат агенциите.
Фото: принтскрин
Регион
Млад човек се удави во Улцињ: трагедија во Црна Гора

Млад човек се удави во Улцињ денеска, во попладневните часови, јавуваат медиумите во регионот.
Според написите, давењето се случило на „Големата плажа“.
Засега нема информации за идентитетот на загинатиот.
Според последните извештаи било подигнато црвено знаме бидејќи имало големи бранови во морето.