Култура
Дежуловиќ: Сатирата во суштина е ширење лажни вести за да се каже вистината

Со претставување дел од творештвото и разговор со двајца автори, искусни новинари, уредници и колумнисти синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје почна 12. интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“ во Скопје.
На првата фестивалската вечер публиката имаше задоволство да ја истражи динамиката на Борис Дежуловиќ од Хрватска и домашниот автор Ѕвездан Георгиевски, чие творештво се движи во истите новинарско-авторски води, но со разни пристапи и сензибилитет. На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски, Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски. Поради здравствени причини, најавената авторка од Бугарија, Рене Карабаш, не можеше да присуствува на отворањето.
Борис Дежуловиќ, некогашен соборец на Предраг Луциќ во „Ферал трибјун“, веќе дваесет години е колумнист во хрватските неделници и дневни весници. Со своите колумни со години отвора значајни и чувствителни теми за хрватското општество поради што неговата работа многупати беше напаѓана и критикувана.
За Хрватска денес вели дека кога ќе се гребне под површината, излегува смрдлив гној, кој не е излечен уште од 90-тите години.
„Хрватска лично за мене денес е полоша од тоа што беше во 90-тите. Кога веќе зборуваме за поделбата на ваши и наши, јас никогаш не се согласив да бидам наш, уште во Југославија, а камоли во Хрватска. Тој нашизам е, всушност, новиот фашизам. Сите наши нации се ‘нашистички’ нации оти сите го гледаме само нашето. Како некој не е наш, односно ваш. Во времето на црните 90-те, во екот на војната, никогаш не сум имал проблем да шетам во Сплит, никогаш не сум имал никаква непријатност иако како редакција на ‘Ферал трибјун’ сме доживувале најлоши работи. Денес, по 30 години, секој кретен во Сплит има потреба да задева, да потфрла и фала богу не сме стигнале до тоа физички да ме напаѓа. Но, таа атмосфера во општеството е неспоредливо полоша. Јас побегнав од Сплит зашто тоа е смртоносна комбинација на два најголеми ужаса на мојот живот, а тоа се фашизмот и туризмот. Е, во Сплит тие две се споија во комбинација од која морав да побегнам. Јас го сакам Сплит најмногу на светот, но, за жал, тој веќе не е мојот град“, истакна Дежуловиќ.
Лафазановски рече дека тоа што го одликува како автор сите овие години е сатирата, црната сатира, иронијата, на што Дежуловиќ рече: „Човештвото во таа смисла е во трајна криза. Не постои, ниту било ниту ќе биде совршено општество, кое не би било подложно на сатира и нема да постои“.
Дежуловиќ раскажа и за тоа како завршиле на суд во поранешна Југославија под обвинение за ширење лажни вести. Тогаш судијата донел ослободителна пресуда и во обраќањето на јавниот обвинител му рекол „вие малку сте се зезнале, сатирата по дефиниција е ширење лажни вести“.
„Сатирата е ширење лажни вести како би се кажала вистината. Еве веќе 30 години како тоа го работам и се влечам по судови“, додаде Дежуловиќ.
Sвездан Георгиевски ѝ е добро познат на домашната публика како новинар во повеќе редакции и основач на наградата „Роман на годината“. Од својот деби роман во 2016, објавува и книги есеи, раскази, повторно роман и последната книга записи „Базирано врз речиси вистинити настани“, објавена годинава во издание на „Бегемот“.
„Никогаш не сум се доживувал како литерат или како писател. Сите знаеме каква е состојбата во македонското новинарство. По децении работа, успеав да останам без професионален новинарски ангажман. Не знаев да поправам бојлер, да правам маси, да работам што било друго. Единствено што умеам е со зборови“, рече Георгиевски како почнал да пишува и како тој процес му се допаднал, па продолжил да пишува понатаму и да се изненадува себеси не водејќи сметка дали понатаму ќе излезе како книга.
Георгиевски истакна дека никогаш не работел во политичка рубрика и како сектор никогаш не водел литература.
„Новинарите од културните рубрики се многу поприемливи за колумни. Новинар од културна рубрика може да напише спортски текст, новинар од спортска рубрика тешко може да напише текст од култура. Уредник од културна рубрика може да биде уредник и на политичка, и на економска, и на целиот весник, новинар од економска не може да биде уредник на културна итн.“, дополни Георгиевски.
Денеска, на програмата на фестивалот се неколку настани. Во 13.30 часот во Бугарскиот културно-информативен центар ќе се одржи традиционалната средба на членовите на програмата „Скопје фелоушип“, со претставници на Македонската асоцијација на издавачите. Вечерва, пак, од 20 часот, во „Јуроп хаус Скопје“ ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата како форма на отпор“, на која ќе учествуваат гостите писатели, а ќе ја модерира Владимир Јанковски. Претходно, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи средба на деца со словенечката писателка на книги за деца и адолесценти, Мајда Корен.
Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година се реализира во соработка со КУД „Содобност“ од Словенија, а кофинансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Организатор на фестивалот „Про-За Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медија“ од Скопје. Поддржувачи на фестивалот се Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Амбасадата на Србија, Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, КУД „Содобност“, Францускиот институт во Скопје, Кинотеката, Амбасада на Грција, библиотеката „Браќа Миладиновци“, винарницата „Стоби“, СПОНА, „Умно.мк“ и „Метрика култура“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Затворен 13. „Џифони Македонија“ – избрани најдобрите филмови на фестивалот

Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, што заврши синоќа.
Вообичаено, по изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот кое се состои од сите негови учесници, гласаат за наградите на фестивалот.
Кај јуниорите, најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „„Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“, избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“, видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.
– Ги поздравувам италијанските учесници и поздрав до Дарко Башески, едниот дел е дрвено пиперче што се верува дека носи среќа, а другиот дел е симбол на градот Џифони. Благодарение на финансиската поддршка од Италијанското Министерство за култура, а од оваа година и италијанската агенција за млади, го организираме фестивалот и подобро – рече Русо.
Ви благодарам за целата поддршка и за големата мотивација. Џифони фестивалот е голем извор за мотивација и инспирација. Тие џифонци што ја посетуваат Италија го знаат тоа, истакна Дарко Башески, директор на фестивалот „Џифони Македонија“ во поздравниот говор.
Во изминатите шест дена Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и 30-ина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и Црна Гора. Младите учесници од другите земји се сместени во фамилиите на нивните врсници од Скопје.
Култура
„Танец“ ја заокружи својата балканска турнеја

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, триумфално ја заврши својата Балканска турнеја, оставајќи зад себе трага од воодушевена публика и силни емоции.
Со наслов „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, турнејата го потврди статусот на „Танец“ како ненадминат амбасадор на македонската култура.
Оваа турнеја не беше само серија настапи, туку и културна мисија. Таа успеа да ја премости географската оддалеченост, да поврзе генерации и да ја претстави виталноста и убавината на македонскиот фолклор.
Концертите во Валпово (Хрватска), Крањ (Словенија), Виена (Австрија) и Лакташи (Босна и Херцеговина) „Танец“ ја воодушеви публиката со енергични кореографии и раскошни носии, пренесувајќи ја богатата македонска култура и традиција. Експлозијата на бои и звуци, од нежните звуци на тамбурите до моќните удари на тапаните, создадоа магична атмосфера што ги спои гледачите и изведувачите во еден ритам.
Турнејата претставуваше повеќе од обични концерти-тоа беше културна мисија која ги поврза Балканот и Европа. Играорците, пејачите и оркестарот маестрално пренесоа порака за виталност, убавина и културно богатство кое заслужува светско внимание. Секој настап беше доказ дека традицијата не е само минато, туку жива, пулсирачка сила.
Со овој голем триумф, Ансамблот „Танец“ ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните чувари и промотори на културното наследство на Македонија.
„Срцето на Македонија чука во ритамот на нашите ора и песни. Каде и да одиме, носиме дел од таа душа и таа топлина“.
Култура
Диригентката Дијана Имери-Илкоска била дискриминирана од поранешниот директор Котевски

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека диригентката Дијана Имери Илкоска била жртва на директна дискриминација во областа на работата и работните односи од страна на Александар Котевски, поранешен в.д. директор на НУ Филхармонија.
Случајот датира од почетокот на годинава, кога работниот однос на Илкоска не бил трансформиран од определено на неопределено време иако ги исполнувала условите. Само неколку дена подоцна, таа добила забрана за влез во институцијата, а нејзиниот уметнички профил бил избришан од официјалната веб-страница на Филхармонија.
Во своето мислење, КСЗД утврдила дека Котевски не дал оправдување за прекинот на постапката за трансформација на договорот, ниту за измената на ставот дека постои потреба од вработување на неопределено време. Дополнително, ограничувањето на влезот на Илкоска во институцијата било спроведено без легитимна цел, а бришењето на нејзиниот профил не може да се сведе на техничка грешка, бидејќи било направено токму по нејзината јавна реакција.
Комисијата заклучува дека преземените дејствија биле директно насочени кон Илкоска, ставајќи ја во понеповолна положба во однос на колегите, што претставува дискриминација согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.
КСЗД препорача Котевски во рок од 30 дена јавно да ѝ се извини на диригентката. Доколку не постапи по оваа препорака, Комисијата најавува барање за покренување прекршочна постапка пред надлежен суд.