Свет
Шојгу замина во Иран, неколку дена по посетата на Северна Кореја
Високиот руски безбедносен функционер, Сергеј Шојгу, денеска во Техеран разговарал со својот ирански колега, јавуваат руските и иранските медиуми, неколку дена по средбата со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Пјонгјанг.
Русија ги продлабочи односите со Иран и Северна Кореја, двете нации непријателски настроени кон САД, од почетокот на нејзината војна во Украина.
Соединетите Држави гледаат на овие растечки пријателства со загриженост, забележувајќи дека и двете земји ја снабдуваат Русија со балистички ракети за употреба во војна, што Москва го негира.
Двете патувања на Шојгу доаѓаат во клучен момент во двегодишната војна, бидејќи Киев ги притиска Соединетите Држави и нивните сојузници да им дозволат да користат западно оружје со долг дострел за да напаѓаат цели како што се воените аеродроми длабоко во руската територија.
Претседателот Владимир Путин минатата недела изјави дека западните земји ќе бидат во директна војна со Русија доколку дадат зелено светло за употреба на такво оружје и дека Москва ќе одговори.
Новинската агенција Нур, поврзана со Врховниот совет за национална безбедност на Иран, објави дека Шојгу се сретнал со неговиот ирански колега Али Акбар Ахмадијан. Не беа споделени информации за исходот од таа средба.
Покрај средбата со Ким во Северна Кореја, Шојгу разговараше и со кинеската шефица на дипломатијата минатата недела.
Русија неколку пати изјави дека е блиску до потпишување голем договор со Иран, кој би го запечатил стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Шојгу беше министер за одбрана на Русија до мај оваа година, кога беше назначен за секретар на Советот за безбедност, кој ги собира војската на претседателот Владимир Путин, шефовите на разузнавањето и други високи функционери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

