Култура
„Љубовната соба“ со награда за најдобар документарен филм и 4 нови фестивалски учества во текот на септември и октомври
Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ на режисерката Сузана Диневски беше дел од официјална селекција и е избран за најдобар документарен филм на неодамнешниот филмски фестивал Сербест | SIFF | што се одржа од 5-10 септември, 2024, во Кишинев, Република Молдавија. Во овогодинешната натпреварувачка програма беа вклучени филмови од 42 земји на многу талентирани режисери од целиот свет, особено зашто главната мисија на фестивалот Сербест (SIFF) е да го промени начинот на кој луѓето го гледаат светот преку филмот.
„Љубовната соба“ имаше проекција на 10-ти септември и е победник во категоријата за најдобар документарен филм. Ова е втора награда на „Љубовната соба“ за најдобар документарен филм. Пред тоа, на Меѓународниот документарен филмски фестивал Genesis, што се одржа во Пекинг, НР Кина во мај 2024, на „Љубовната соба“ и беше доделена награда за најдобар документарен филм во категоријата “еден ден во животот”. Инаку, досега долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ е селектиран за учество во официјална категорија на над 20 меѓународни филмски фестивали со бројни номинации и освоени две награди за најдобар документарен филм.
Во текот на септември и октомври, филмот е во официјална селекција и на 19-от Меѓународен фестивал за човекови права (The International Human Rights Film Festival in Albania-IHRFFA), што се одржува во Тирана, Албанија, од 16 до 21 септември. Проекцијата на „Љубовната соба“ е закажана за 19 септември. Натаму, од 3 до 10 октомври, филмот е селeктиран во официјална селекција на филмскиот фестивал АPOX во Вели Лошињ, во Хрватска, а истовремено од 1 до 7 октомври е селектиран во Осмото издание на Меѓународниот фестивал на документарни филмови ,,ДокуБаку“ во Баку, Азербејџан во организација на Министерството за култура и Агенцијата за филм на Азербејџан. Филмот е номиниран во категоријата за најдобар документарен филм, меѓу 72 избрани филмови од 42 земји. Свеченото отворање е закажано на 2-ри октомври во центарот Хејдар Алиев, во едно од најмонументалните изданија – дело на реномирината архитектка Заха Хадид. Режисерката Сузана Диневски ќе биде присутна во Тирана и Баку лично да го презентира филмот на фестивалската публика.
Инаку, филмот раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се двете млади жени чии сопрузи се на отслужување на затворска казна во КПД Идризово. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Северна Македонија – Идризово, и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
„Љубовната соба“ кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, е во режија на Сузана Диневски, која е и продуцент (Сузи Кју продукција), извршен продуцент е Владимир Стојчевски, а филмот е во ко-продукција со Аворд филм и видео. Директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски, и тонски дизајнер е Игор Поповски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
(Видео) „И јас сум Сирма” ја запали Македонија: лектира, историска читанка и „Оче наш“ на секој Македонец“
Најновата книга „И јас сум Сирма” на авторот Зоран Спасов Sоф ги сруши сите стереотипи за промоција не една книга. Издавачот „Арс Ламина” направи своевидна револуција во промовирањето на овој исклучително контроверзен роман.
Горат социјалните мрежи, порталите, брендирани автобуси возат низ градот, дваесетметарски банер осамна спроти влада, на радиостаниците ги слушаме трите реклами со баритонот на Александар Микиќ…
Двоецот Арс Ламина – Sоф ја помести границата за промоција на едно дело од областа на културата. Дури и оние кои не читаат книги го посетуваат вебсајтот www.ijassumSirma.mk за да дознаат повеќе информации за овој роман.
Првиот дел од кампањата заврши со спектакуларната промоција во МКЦ, каде преку илјада книгољупци ја дочекаа Сирма да се појави на бината, придружена од нејзиниот Сирма rock’n’roll бенд кој со еден пинкфлојдовски и седумосмински аранжман ја изведе „Заветна”.
Книгата се продава во салоните на www.literatura.mk. Исто како и пртходно, и овојпат, кога станува збор за Арс Ламина и Зоран Спасов-Sоф, средствата од продажбата ќе бидат наменети во хуманитарни и добротворни цели.
ПР текст
Култура
Претставатата „Земја на штркови“ вечерва гостува во Свети Николе
Вечерва со почеток од 20:00 час. во ДК “Крсте Мисирков” – Св.Николе, гостува Театар Провокација со претставата “ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ” во режија на Роберт Ристов.
Претставата „Земја на штркови“ е претстава која предупредува и отворено говори за причините и последиците од енормниот број иселувања на младите луѓе од татковината, поставувајќи ги прашањата: Дали доколку го гледаме само својот пат, можеме да бидеме среќни? И дали доколку остануваме инертни, можеме да промениме нешто? Дали најлесното и наједноставно решение е да се замине таму некаде во туѓина, барајќи подобро место за живеење, или заминувањето е доживотна болка и непополнета празнина која останува цел живот? Дали овие крици од сцената се последните обиди да нѐ разбудат од летаргичноста, но и од заблудите, и да нѐ натераат да се преиспитаме самите себеси, до каде – тоа сме доведени и дали е крајно време да се преземе одговорност за последицата наречена – бела чума!
Играат: Мирјана П. Ристов, Роберт Ристов, Изабела Јакимова и Радо Алексовски.
Истата оваа претстава на 26.11 гостува во Пробиштип, на 06.12 Велес, на 10.12 по втор пат ќе гостува во Охрид, а на 11.12 ќе ја има и скопската премиера во МКЦ.
Култура
Овации за маестро Дијана Имери-Илкоска во Софија
По неодамнешниот успех во Грузија, нашата реномирана диригентка, маестро Дијана Имери-Илкоска, продолжува со нови меѓународни претставувања. Неодамна настапи со Софиската филхармонија како гостин-диригент на концертот со наслов „Виолините на Бах“, на кој како солистки се претставија реномираните виолинистки Зорница Иларионова и Божидара Кузманова.
Илкоска одново ја покажа својата „енергична, храбра, страствена и уникатна музичка експресија“ во својата работа со овој престижен оркестар, во чија актуелна сезона настапуваат светски реномирани ѕвезди од класичната музичка сцена.
Стручната критика нејзиниот настап го нарече величествен, а дополнителна потврда за тоа беа стоечките овации од многубројната публика присутна во салата „Бугарија“.
Во оваа музичка вечер прозвучеа три капитални дела од творештвото на Јохан Себастијан Бах – Концертите за виолина и оркестар бр. 1 во a-moll и бр. 2 во E-dur, како и Двојниот концерт во d-moll. Во оживувањето на овие партитури маестро Илкоска покажа почитување кон карактеристичниот барокен стил на изразување, особено на Баховиот композиторски печат, кој останува автентичен и препознатлив по речиси три века. Истовремено, таа успеа да внесе сопствена интерпретација на овие дела со карактеристичен звук на оркестарот, кој станува нејзин препознатлив потпис.
Инаку, маестро Илкоска е основач и главен диригент на камерниот оркестар ИД, а во досегашната кариера соработувала со реномирани оркестри, меѓу кои и со: Tbilisi Youth Orchestra, Дубровачкиот симфониски оркестар, Оркестарот и Хорот на БНР, Македонската опера и Балет, Симфонискиот и Камернииот оркестар на ФМУ, Македонската филхармонија…