Култура
„Златен круг на времето“ од Шопов во препев на словенечки: прв двојазичен избор од поезијата на македонски класик во ваков формат
Во Словенија штотуку излезе од печат избор од поезијата на Ацо Шопов на македонски и во препев на словенечки јазик. Под наслов преземен од песна на Шопов – „Златен круг на времето“ –, ова обемно и луксузно издание воспоставува дијалог помеѓу неговата поезија и уметничките дела на академскиот сликар Боге Димовски.
Ова е прв избор од поезијата на македонски класик објавен во странство во ваков формат, којшто ги обединува сите препејувачи, односно преведувачи што во децениите наназад се имаат посветено на пренесување на моќта на македонската поетска реч во кодот на својот мајчин јазик.
Поконкретно, во изборот, со критички пристап се опфатени препеви на поезијата на Шопов на повеќе генерации преведувачи, започнувајќи од првите препеви остварени од Богомил Футур, Иван Минати и Цирил Злобец во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век со критички одглас на Фран Петре, преку препевите на Северин Шали и Јоже Шмит, во седумдесетите години, и заклучно со најновите остварени во 2023 година од Намита Субиото, Маја Ковач и Соња Цекова Стојаноска. Всушност, како што е нагласено и во книгата – „Ацо Шопов е еден од најпреведуваните македонски литературни уметници на словенечки јазик во XX век“, а нови препеви се случија и во ова столетие.
Во овој двојазичен избор од поетското творештво на „вечниот поет“ како што е наречен Шопов од Драги Стефанија се застапени песни од сите збирки на македонскиот класик, распоредени во неколку циклуси. Изданието содржи и обемна студија за словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов и за рецепцијата за неа во словенечката културна средина, од истакнатата македонистка и славистка, проф. д-р Намита Субиото, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.
Изборот е објавен од Сојузот на македонските културни друштва во Република Словенија, а е резултат на комплексен проект за истражување на присуството и рецепцијата на поезијата на Шопов во Словенија. Проектот е инициран од Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и остварен е во текот на 2023. – годината во чест на Ацо Шопов, кога меѓу другото, по речиси половина век се остварија и нови препеви на неговата поезија на словенечки.
Цитирајќи интервју на Шопов дадено во Словенија во 1977 година, во предговорот на „Златен круг на времето“, Намита Субиото нагласува:
„Од ова интервју и од последната антологија со песните на Шопов на словенечки помина скоро половина век. Во јануари 2023 г. во рамките на 3-та Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во групата за литература, во инспиративна атмосфера поттикната од лекторот Иван Антоновски, конечно започнаа да се создаваат и нови словенечки препеви на поезијата на Шопов: препеани се сите песни од последната збирка „Дрво на ридот“, потоа неколку значајни, но дотогаш непрепеани песни од претходните збирки, како и нови препеви на веќе препеаните песни […] голем дел од нив се поместени и во овој репрезентативен двојазичен избор“.
Изданието „Златен круг на времето“ е влог и на словенечката академска и културна средина во минатогодишното чествување на стогодишнината од раѓањето на Шопов, но истовремено и на половина век творештво на академскиот сликар Боге Димовски. Но, како исклучително критичко издание е објавено во годината кога се навршуваат осум децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во современата македонска држава и од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија – „Песни“ од Шопов, како прилог кон чествувањето и на овие јубилеи.
Инаку, Шопов е прв македонски автор објавен во Словенија – избор од неговата поезија под наслов „Слеј се со тишината“ е објавен на словенечки во 1957 година –, а како културен деец и како препејувач дал значителен придонес во развивањето на македонско-словенечките културни врски. Меѓу другото, негов е и препевот на македонски јазик на познатата поетска книга за деца „Цицибан“ од словенечкиот поет Отон Жупанчич, објавен уште во 1951 година, којшто неколку децении беше и лектирно издание.
Изборот „Златен круг на времето“ е објавен со финансиска поддршка од спонзори и од Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија. Во Словенија веќе се закажани и првите промоции на книгата, и тоа во Љубљана, во организација на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија и на македонската амбасада, и во Крањ во организација на МКД „Св. Кирил и Метoдиј“ од Крањ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

