Македонија
„Ревизија: Иднината е сега“ – меѓународна конференција за актуелните случувања и како подобро да се подготвиме за иднината

На 16 и 17 септември 2024 година во Струга се одржа уште една успешна Годишна меѓународна конференција под наслов „Ревизија: Иднината е сега“ (Audit: The Future is Now).
Конференцијата ја организираа Институтот на овластени ревизори на РСМ (ИОРРСМ) и Здружението на внатрешни ревизори на Република Северна Македонија (ЗВРРСМ), со поддршка од Институтот за внатрешни ревизори на Црна Гора. На настанот учествуваа реномирани предавачи, панелисти и гости од земјата и од странство кои произлегуваат од друштва за ревизии, банки, осигурителни компании, регулаторни тела, инвестициски и пензиски фондови, како и институти за внатрешна ревизија од регионот.
Поради големата заинтересираност, меѓународните учесници кои не можеа физички да присуствуваат го следеа настанот онлајн. Учесниците беа од различни земји: Црна Гора, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Латвија, Полска и Естонија.
Конференцијата беше отворена со поздравни говори од страна на претседателката на Здружението на внатрешни ревизори на РСМ, Билјана Секуловска, и претседателот на Институтот на овластени ревизори на РСМ, Ненад Тортевски.
„Ревизија: Иднината е сега“ откри нови хоризонти и перспективи за актуелните случувања и како подобро да се подготвиме за иднината. Опфатени беа различни теми, како:
• сигурносна безбедност и вештачката интелигенција,
• ревизијата на културата,
• дали етиката е благослов или проклетство,
• како да го препознаеме нашиот потенцијал и да се брендираме себеси,
• како да се справиме со новите генерации на работното место,
• стратегијата на внатрешната ревизија согласно глобалните нови стандарди,
• значењето на животното осигурување,
• алатки за подобрување на ефикасноста на ревизијата,
• корпоративното известување за одржливост,
• и ESG (Екологија, Социјална одговорност и Управување) како модел за одржливо и одговорно работење на компаниите, земајќи ги предвид краткорочните и долгорочните ефекти.
Според најавите од ЗВРРСМ и ИОРРСМ, на настанот присуствувале 250 учесници, меѓу кои претставници од Министерство за финансии и регулаторни тела.
Учесниците изјавија дека конференцијата била многу успешна, а програмата за двата дена била исклучително интересна, одржувајќи ја публиката ангажирана во текот на целиот настан.
Настанот беше подржан од следниве спонзори: Алкалоид, Жито Лукс, ASEE, PCES, Прва Живот АД Скопје, Стопанска Банка АД Скопје, Кожувчанка и Тиквеш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.