Македонија
Запленети облека, обувки, бижутерија, очила, рачни часовници, камагра
Во текот на минатата недела царинските службеници открија повеќе обиди за шверцување, при што привремено се задржани облека, обувки, бижутерија, чанти, очила, рачни часовници, камагра, жилети, парфеми, техничка стока и друго.
– 113 пара очила и 13 рачни часовници од познати светски марки, откриени на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на багажот на македонски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул. Патникот се упатил кон зелениот канал каде поминуваат патници кои немаат што да пријават за царинска контрола, но при преглед на неговите два куфери со скенер биле пронајдени непријавените производи кои се привремено задржани, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 318 парчиња накит-бижутерија (обетки, синџирчиња, нараквици и прстени), откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, со кој за влез во државата се пријавиле еден македонски државјанин, како возач, и еден српски државјанин како сопатник. Непријавените производи, пронајдени во преградите под предните седишта на автомобилот, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 197 парчиња детска облека (скафандери, јакни, бањарки, пижами и боди) откриенa на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на комбе со македонски регистарски таблички, со кое за влез во државата се пријавил македонски државјанин. Непријавените производи се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 124 парчиња облека (елеци, панталони, џемпери, јакни, здолништа, фустани, фармерки, кошули, блузи, маици и друго), 3 чанти и 20 парчиња накит-бижутерија, откриени од страна на царинските службеници од граничниот премин Дојран, при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата. Непријавените производи биле пронајдени во 8 кеси сместени во багажниот простор и под совозачкото седиште. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка. Покрај тоа, поради сомневање дека дел од производите повредуваат права од интелектуална сопственост, ќе биде поведена и постапка за утврдување на нивната оригиналност.
– 255 разни производи (облека, обувки, постелнина, садови за домаќинство, техничка стока, алат парфеми и монтажни сушарки), откриени при контрола на комбе со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Во товарниот дел на возилото биле пронајдени непријавените производи. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

– 125.684 парчиња разни производи, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички управувано од македонски државјанин. Возилото било сопрено на наплатна станица Романовце, и откако при визуелен преглед било констатирано дека во товарниот дел има стока од трговски карактер за која возачот не поседувал документ за платени царински давачки, извршен е детален преглед и привремено задржани се 120.000 жилети, 1.200 запалки, 1.100 кесички камагра, 23 килограми маџун, 47 килограми мед, 722 парфеми и 89 тоалетни води. За сторениот царински прекршок, против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Производи за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост
– 5.111 играчки со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случи од страна на мобилните царински тимови, при контрола на стока со потекло од Кина, сместена во јавен царински склад, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 3.

Во првиот случај, фирма од Скопје со две царински декларации, пријавила детски играчки за увозно царинење. Мобилен царински тим извршил контрола на пријавената стока, но и на остатокот од стоката која била ставена на привремено чување, при што биле откриени 3.144 играчки за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост.
Во вториот случај, при контрола на детски играчки пријавени за увозно царинење од страна на друга фирма од Скопје, биле откриени 1.967 играчки за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Во двата случаи сомнителните производи се привремено задржани и, согласно законските прописи, ќе бидат започнати постапки за утврдување на нивната оригиналност, известува Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

