Македонија
(Видео) Мицкоски: Имаме потенцијал да станеме економски лидер во регионот со конкурентна економија и систем на бескомпромисна борба против корупцијата

Премиерот Христијан Мицкоски во својство на Претседател на Националниот совет за развој ја отвори втората седница на Националниот совет за развој.
„Овој совет е одлична платформа да се учествува во визијата и во реализација на она што претставува стратешка цел на државата и за тоа е потребно да се создаде патоказ и визија за чекорите во периодот 2024 – 2044 година. Сериозните држави создаваат документи кои се плод на заедништво, меѓусебна солидарност и вклучување на сите засегнати страни во тој процес.
Оваа стратегија не е само на Владата, туку таа треба да биде заеднички документ, точка на поврзување на сите одлучувачки фактори кои сакаат да се вградат во создавањето на иднината важна за сите граѓани. И тука треба активно да се вклучи и власта и опозицијата, и кога е во прашање напредокот на државата треба да се премостат и надраснат сите наши бариери и меѓусебни разлики во корист на заедничката иднина за оваа и за сите наредни генерации“, рече Мицкоски.
„Мене ми е жал што одредени поединци од опозицијата ја пропуштаат оваа шанса и не можат да ги надраснуваат заедничките разлики, но тоа е нивниот начин на гледање на работите кој е спротивен со нашиот каде подаваме рака за заедништво за прашањата кои се подеднакво важни за сите. Но, воедно оваа стратегија треба да даде одговор на многу суштински прашања во наредните неколку декади.
И пред се овие прашања се последица на нашето минато и искуство со проблемите со кои како држава сме се соочиле, но и проблемите кои денес се акутно присутни. Мораме да бидеме објективи и да кажеме дека постои огромно разочарување од постапките и колективните политики изминатите повеќе од 30 години.
Системот е деградиран и премногу пати во минатото злоупотребуван, додека администрацијата во државните институции демотивирана и силно деградирана преку лоши примери кои се прикажуваа како колективна приказна во која паѓа духот и заедничкиот мотив на нацијата.
Но она на што мораме да посветиме внимание и што претставува еден од најсериозните проблеми е корупцијата и борбата против криминалот.
Предолго државата е соочена со распространета корупција која не е санкционирана, и на некој начин системот создава култура на корумпираност. Наследивме институции каде е нормално да се нудат суми во четири очи, мито, и да се корумпираат службениците или барем да се направи обид за корупција на службениците. И изненадени се кога ќе ги одбиете, кога ќе ги пријавите, кога ќе дојдат луѓе на позиции кои се некорумпирани. Ваквите неславни наследства од минатото се реликвија на една тажна реалност која мораме да ја промениме“, изјави Мицкоски.
„И воедно мораме да воспоставивме мерит систем каде точката за единствениот критериум по кој ќе се напредува се способностите, стекнато знаење и квалитетот на визијата кој се нуди. Мора оние кои учеле, вложиле труд и стекнале знаење да ја имаат својата шанса.
За сето ова што до сега го зборев, да имаме држава без корупција, држава со систем кој функционира, држава со изграден мерит систем треба да постојат механизми и цели кои мораме да ги искреираме и воспоставиме и да се дел од оваа стратегија.
Квалитетното образование е клучот на напредокот. Мора да се постават цели кои ќе бидат храбри, но и кои што ќе се реализираат.
А најважната тема на која мораме да посветиме внимание е економијата и економскиот развој. А тоа зависи од сите нас. Индустријата, повеќето пари е клучот за благосостојбата на сите. Повеќе пари за подобар живот и напредно општество. И за тоа се потребни годишни растови на БДП кои ќе дадат драматични скокови во стандардите во повеќе полиња.
Нашата визија за иднината вклучува и силен ангажман на сите за економски раст и развој кој ќе обезбеди подобар животен стандард буквално за сите граѓани.
Имаме потенцијал да станеме економски лидер во регионот, со модерна инфраструктура, со конкурентна економија и со иновации кои ќе ги поддржат младите и претприемачите.
Ние ќе продолжиме со реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата и ќе овозможат нови инвестиции и работни места.
Со заеднички напори ќе создадеме услови каде што младите гледаат иднина, каде што ќе можат да ги остварат своите соништа и сакаат да останат и да придонесуваат за општеството.
Треба помалку да се внимава да не се падне во замките на етничките теми и конфликти кои се само параванот на лукративните интереси на поединците кои градат кариери врз овие прашања, додека за жал народот се дели.
Економијата и економските дострели мора да бидат заедничко достигнување кое мора да се оствари.
Целта на оваа влада и на секоја наредна е и мора да биде членство во Европската Унија, не само поради тоа што како држава природно припаѓа таму, туку и затоа што нам ни се тие критериуми потребни за да имаме и подобар стандард и подобар живот.
Исто така факт е дека предолго чекаме пред портите на ЕУ и се чувствува оправдано резигнирање и разочараност на граѓаните.
Не може колективната цел да страда поради поединечни интереси и субјективни критериуми. Затоа наша цел овој период мора да биде и да остане членството во Европската Унија.
Како Влада посветуваме внимание на човечкото знаење и даваме шанса за младите, и така ќе продолжиме. Како Влада мора да го мобилизираме буквално секој аспект од човечкото знаење и потенцијал и да го градиме нашето општество врз основа на заедништво, солидарност и визии.
Ви зборувам за големи растови, квалитетно образование и иновации кои ја менуваат реалноста. И тоа можеме да го постигнеме“, кажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Рекет во Скопје: Изнудувале пари со закани за убиство, организаторот од Дубаи

Обвинителството отвори истрага против тројца турски државјани за кои постојат сомненија за изнуда.
Тројцата осомничени во група, со сериозна закана по живот, присилиле еден оштетен, исто така државјанин на Република Турција, да им исплати 40.000 евра.
Оштетениот на 6 септември дошол во државава со намера да отвори фирма за градежништво и ИТ, а првоосомничениот, кој според досегашните сознанија се наоѓа во Дубаи, го контактирал телефонски преку мобилна апликација. Му се заканувал и му барал различни суми во износ до 70 илјади евра. Му испраќал и пораки со заканувачка содржина дека ќе го најде и во Македонија и ќе го убие доколку не продолжи да му плаќа рекет.
На 28 септември во земјава пристигнале другите двајца осомничени, од кои едниот внук на првоосомничениот и веднаш го контактирале оштетениот со намера да ги земат парите.
Се договориле да се сретнат со жртвата во еден трговски центар, па кога тој им го предал ковертот во кој се наоѓале обележани парични средства веднаш биле лишени од слобода.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги прикријат трагите или да влијаат врз сведоците, како и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, јавниот обвинител предложи на двајцата уапсени осомничени да им биде определена мерка притвор. Во однос на првоосомничениот, се преземаат дејствија за негово лоцирање со цел обезбедување за натамошната постапка.
Македонија
Мицкоски: Со црвените линии за Бугарија, Филипче подготвува ново предавство и нов бонбона бизнис

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Вевчани порача дека на овие локални избори, Социјалдемократскиот сојуз го очекува уште еден изборен дебакл.
Посочи дека лицемерие е кога Венко Филипче вели, дека нема да води негативна кампања, а веќе во наредната реченица ја злоупотребува големата човечка трагедија која се случи во Кочани, а истиот тој, како што дополни Мицксоки, спрема и ново предавство и поклон за нашиот источен сосед, Бугарија преку нивните т.н. црвени линии.
„Тоа е всушност реалното лице на опозицијата која во најновите пазарџиски трикови сака и да спакува нов поклон за нашиот источен сосед. Тоа е подарок којшто тие го нарекоа Резолуција или црвени линии, после кој СДСМ сака, нормално, да изроди некоја нова отстапка на грбот на македонскиот народ, на грбот на македонските граѓани. Сосема сигурно оттука може да се заклучи ако францускиот т.н. предлог беше толку прекрасен и Венко ни велеше дека идентитетот бил заштитен, тогаш прашањето ни е зошто, тогаш, ни требаат овие црвени линии, коишто се дел од т.н. резолуција на СДСМ. Одговорот лежи во тоа дека СДСМ, повторно, со трикови сака да направи некој нов бонбона бизнис, познат за нив како карактерна особина од минатото“, истакна Мицкоски.
Затоа порача Мицкоски на овие избори мора да се излезе масовно и во огромен број и да се изрази волјата јасно, дека народот владее во оваа држава а не, како што рече, тесните клики кои владеењето го гледаат само преку призмата на наместени тендери.
Македонија
Извештај на Стејт департментот: Македонија отворена за инвестиции, корупцијата кочница за бизнисот

Водењето бизнис во Македонија е генерално лесно, а законската рамка е во голема мера усогласена со меѓународните стандарди, иако корупцијата останува постојан предизвик, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима за 2025 година.
„Големите странски компании што работат во Технолошките индустриски развојни зони генерално пријавуваат позитивни инвестициски искуства и одржуваат добри односи со владини претставници,“ се вели во документот.
Извештајот посочува дека земјата е кандидат за ЕУ од 2005 година и членка на НАТО од март 2020 година, и дека останува отворена за американски комерцијални инвестиции.
„Целокупната регулаторна средина во земјата останува комплексна, а честите регулаторни и законски промени, заедно со недоследното толкување на правилата, создаваат непредвидлива деловна средина погодна за корупција,“ стои во извештајот.
Транспаренси Интернешнл ја рангираше Македонија на 88 место од 180 земји во Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година, со резултат 40 од 100.
Се посочува дека во 2024 година беа забележани ограничени напори за привлекување нови инвестиции, а Владата беше фокусирана на енергетска ефикасност, поддршка за ранливи домаќинства и ублажување на инфлацијата. Истовремено, ангажирани беа странски компании за јавни проекти во транспортната и енергетската инфраструктура.
Во извештајот се наведува дека Државната комисија за спречување на корупција отвори неколку истраги, вклучувајќи и против високи функционери, „иако само неколку резултираа со кривично гонење“.
Дигитализацијата и зелената енергија се наведени како области со потенцијал за американски инвестиции, поради посветеноста на Владата да ги поддржи овие сектори.
Како предност се наведува геостратешката положба на земјата на коридорите VIII и X, што овозможува поблиска поврзаност со потрошувачките центри во Европа.
„И покрај владините мерки за поддршка, БДП во 2024 година порасна за 2,2 проценти, при што реалниот БДП се проценува на 12 милијарди долари,“ се наведува во извештајот. Во него се посочува и дека стапката на невработеност во вториот квартал од 2024 изнесувала 12,5 проценти.
Според извештајот, во „Планот за забрзување на растот“ Владата постави цел просечната стапка на раст на БДП да се зголеми на 5 проценти во периодот 2022–2026, со создавање 156.000 нови работни места и намалување на невработеноста на 8,6 проценти.