Култура
Почина оперската првенка Ирена Кавкалевска

Почина оперската првенка Ирена Кавкалевска, мецосопран (1973 – 2024), објави НУ Национална опера и Балет.
Ирена Кавкалевска, мецосопран, добитничка на многу награди, се школувала во Македониіа, Софиjа, Грац, Загреб.
Кавкалевска дебитира на сцената на МОБ во 1996 година со улогата на Мадалена во „Риголето“. Настапувала на многу фестивали и оперски сцени, а незиниот репертоар зборува за успешни креации во „Кармен“, „Аида“, „Набуко“, „Моќта на судбината“, „Сестра Анџелика“, „Лули Цезар во Египет“, „Севилскиот берберин“, „Лилјакот“, „Иван Сусањин“, „Цар Самуил“.
„Уште со својата прва појава Ирена Кавкалевска беше вистинско олицетворение на Кармен, бескрупулозната заводничка. Таа апсолутно пленеше со сценичноста, владееше со целото дејство, очигледно се чувствуваше удобно во улогата што ја толкува. Комотна и самоуверена на сцената, мошне маркантно ja долови фаталната женска привлечност“, зборува музичката критика за креацијата на нашата уметница во познатата опера на Жорж Бизе.
„Нејзината појава беше особено ретка како на сцената така и во приватниот живот. Зрачејќи со својата елеганција, нежност и благородност, остави голема трага во срцата на публиката и колегите. Истовремено, беше и силен борец во сите животни премрежиња.
Прераната смрт на почитуваната и драга Ирена Кавкалевска за Македонската опера и Балет и воопшто за севкупниот културен живот претставува огромна загуба. Таа имаше и можеше да подари уште многу сценски и концертни креации…“, велат од Националната опера и Балет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам со циклусот „Метаморфоза II“

На втори април, среда, во 19.00 часот, во Чифте амам ќе биде отворена самостојна изложба на Љуљзиме Лека Муљаку со наслов „Метаморфоза II“.
Љуљзиме Лека Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години.
Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, интересен циклус со дела изработени во акрилна техника.
Изложбата „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција на овој циклус ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство.
Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик.
Изложбата ќе биде поставена до 13 април 2025, а куратор е Нарона Љума Весели.
Култура
Ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини на 4 април во НОБ

На 4 април со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Марио Меникаљи ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова , во улогата на Каварадоси ќе настапи Зоран Сотиров, во улогата на Скарпија, Maрјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Борко Биџовски, Драган Ампов, Никола Стојчески, Тихомир Јакимовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија.
Култура
Објавена книгата „Лажно време“ со избор од поезијата на Раде Силјан

„Лажно време“ е насловот на книгата со избор од поезијата на Раде Силјан што деновиве се појави во издание на Здружението за уметност и култура „Дијалог“ од Скопје. Овој репрезентативен зборник на творештвото на еден од најзначајните современи македонски поети, е во избор и со предговор на д-р Весна Мојсова – Чепишевска, а се објавува во знак на одбележување на јубилејот 75 години живот и 50 години творечка дејност.
Генералната оценка во предговорот под наслов „Поетот на нашето време – есенцијата на Силјановата песна“, е дека „Лажно време“ од Раде Силјан е проект со впечатливи творечки и креативни достоинства, поетско дело во кое „се чита едно и современо и севремено тагување и тихување над сите болки, над сите болести и сите таги и сите премрежја на својот, но и заради својот народ, јазик, семејство, роден крај.“ Во оваа смисла Весна Мојсова – Чепишевска, сместувајќи го творештвото на Раде Силјан во редот на парадигматичните опуси на најзначајните македонски поети, а во одговор на прашањето „Го разбраа ли доволно поетот Раде Силјан?“ подвлекува: „Еве им можност на сите што немаа досега ниту сили, ниту страст, ниту време, конечно да го откријат големиот лиричар преку ова негово „Лажно време“, да го исчитаат и прочитаат.“
Раде Силјан (1950) е поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на уметноста.
Поезијата на Раде Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Добитник е на високи меѓународни признанија за поезија.