Свет
Јапонија: По 56 години, ослободен човекот што најдолго во светот ја чекаше смртната казна
Човекот што најдолго беше осуден на смрт во светот беше ослободен по 56 години кога беше утврдено дека доказите против него се лажни.
Ивао Хакамада, кој сега има 88 години, беше осуден на смрт пред повеќе од половина век кога беше прогласен за виновен за убиство на својот работодавец и неговото семејство во фабрика за супа во Токио во 1966 година.
Пред една година почна повторното судење поради сомнежи дека истражителите можеби подметнале докази што доведоа до тоа да биде осуден на најтешката казна за четирикратното убиство.
Случајот „Хакамада“ е една од најдолгите и најпознати правни саги во Јапонија.
На повторното судење беше утврдено дека ДНК пронајдена на облеката на жртвите не е на Хакамадин.
Поранешниот професионален боксер го признал убиството во 1968 година по 20 дена испрашување за време на кое бил претепан, но подоцна за време на судењето го повлекол признанието.
Организациите за човекови права го критикуваа потпирањето на јапонското Обвинителство на признанијата во истрагата за кои велат дека се принудени од полицијата.
Последниот ден од судењето во четвртокот привлече огромно внимание на јавноста во Јапонија, при што приближно 500 луѓе чекаа во редици за да ги заземат своите места во судницата во Токио.
Кога беше објавена пресудата, поддржувачите на Хакамада пред судот скандираа „банзаи“, што на јапонски значи „ура“.
Тој е само петтиот осуденик на смрт кому му е одобрено повторно судење во Јапонија од Втората светска војна.
Хакамада не беше во судницата поради неговата долгорочно влошена психичка состојба.
Од 2014 година, кога излезе од затвор и му беше одобрено повторно судење, за него се грижеше неговата 91-годишна сестра.

Хакамада работел во фабриката во 1966 година кога телата на неговиот работодавец, неговата сопруга и двете деца биле извлечени од пожар во нивниот дом во Шизуока, западно од Токио.
Сите четворица претходно биле избодени до смрт.
Властите го обвинија Хакамада дека го убил семејството, ја запалил нивната куќа и украл пари.
Хакамада првично негира дека ги ограбил и ги убил жртвите, но подоцна го признал делото.
Се верува дека признанието било изнудено бидејќи сослушувањата, на кои му давале седативи, траеле по 12 часа дневно.
Тој беше осуден на смрт во 1968 година за повеќекратни убиства и подметнување пожар.
Обвинителите како главен доказ против него ја наведоа облеката со крв пронајдена во фабриката, но адвокатите на Хакамада го оспорија тоа.
Тие тврдеа дека ДНК пронајдена на облеката не се совпаѓа со Хакамадин и сугерираа дека полицијата можела да подметне докази против него.
Нивниот аргумент беше доволен да го убеди судијата Хироаки Мурајама да закаже ново судење.
„Неправедно е обвинетиот да се држи во притвор бидејќи во разумен степен стана јасна можноста за негова невиност“, рече тогаш судијата.
Хакамада беше ослободен од затвор во 2014 година и до сега ја чекаше правосилната судска пресуда.
Освен што го прогласи Хакамада невин, судијата заклучи и дека доказите биле фабрикувани.
Деценискиот притвор, главно во самица, со постојана закана од егзекуција, му го наруши менталното здравје на Хакамада.
Неговата 91-годишна сестра Хидеко долго време се залагаше за негово ослободување.
Минатата година, кога почна повторното судење, таа изрази олеснување.
„Го чекав овој ден 57 години и конечно е тука“, рече тогаш таа.
Таа повеќе од половина век бара правда за својот брат.
„Конечно, каменот падна од моето срце.
Јапонија е една од двете водечки високоразвиени демократии, кои не ја укинале смртната казна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

