Македонија
Тошковски: Нов софтвер за менаџмент на воздухопловни полициски операции, дигитализација на процесите за модерна и ефикасна полиција

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Центарот за обука на МВР во Идризово присуствуваше на презентација на најновиот софтвер за менаџмент на воздухопловни операции специјално дизајниран за потребите на хеликоптерските единици во состав на Министерството за внатрешни работи.
Министерот Тошковски истакна дека операциите со хеликоптери се од клучна важност за МВР било да станува збор за спасување, транспорт, гасење пожари, полициски операции или цивилни задачи и заради тоа се наметнува потребата од висок степен на организација, координација и сигурност при изведувањето на мисиите.
„Сложеноста на операциите во хеликоптерските единици бараат постојана адаптација и брза реакција во секој момент. Креиравме софтвер кој ќе ги обедини сите аспекти, интегрирано управување, автоматизација на процесите, со цел подобра координација и поддршка за носење на брзи одлуки. Ја видовме важноста на хеликоптерските единици во справување со пожарите и колку брзата и професионална реакција е важна за обезбедување на безбедноста на граѓаните и од овој аспект. Еден од стратешките планови на новото раководство на МВР, вклучително и Владата е дигитализација на процесите со цел побрзи и подобри услуги за граѓаните, унапредување на процесите во полицијата кои ќе креираат модерна и ефективна полиција која успешно ќе се бори со сите видови криминал и корупција и ќе ја гарантира безбедноста на секој граѓанин и државата“, потенцираше министерот Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постои сомнеж дека пожарот во Дрисла е подметнат

Скопската противпожарна бригада со сити сили се обидува да го локализира пожарот во депонијата Дрисла. Направен е противпожарен појас за да не се дозволи на огнот да тргне кон блиската трева, грмушки и шума од горната страна на депонијата., информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што додаде, постојат сомненија дека пожарот бил предизвикан намерно.
„Ќе потсетам само дека летово имавме рекордно високи температури но Дрисла не се самозапали“, рече Ангелов.
Противпожарните возила и дополнителните цистерни од „Комунална хигиена“ интервенираат на терен, а пожарот сè уште не е целосно локализиран.
Командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски посочи дека станува збор за посериозен пожар од поголеми размери, при што постоела опасност огнот да се прошири.
Македонија
Филипче од Париз: Потребен е проактивен пристап и политички консензус за напредок кон ЕУ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на еднодневната работна посета оствари повеќе средби со високи француски политички претставници, на кои во фокусот на разговорите беа реформската агенда и предлог Резолуцијата на СДСМ, како гаранција за заштита на националните интереси и решение за деблокирање на преговите со ЕУ.
Филипче одржа работна средба со пратеничката и потпретседателка на групата за пријателство Франција – Северна Македонија во француското Собрание, Лилиана Танги, со шефот на Канцеларијата за соседство, проширување и одбрана при Генералниот секретаријат за европски прашања, Жозеф Жустиниани, како и со директорот за Континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Брис Рокфеј и со специјалниот претставник за Балканот, Рене Троказ.
На состаноците беше истакната поддршката од Франција во процесот на евроинтеграција, но и потребата од брзи резултати во исполнување на обврските и работа на реформите.
Филипче ги презентираше позициите на СДСМ и истакна дека партијата има проактивен пристап и работи на решенија за деблокирање на евроинтеграцискиот процес. Тој нагласи дека во завршна фаза е подготовката на Резолуцијата, со која ќе се потврдат националните црвени линии – македонскиот јазик, култура и идентитет, како и механизми за справување со евентуални непринципиелни барања што излегуваат надвор од Преговарачката рамка.
Во разговорите беше потенцирано дека во Европската Унија постои јасен консензус за проширувањето, и дека тоа е можност која Македонија мора да ја искористи. Француските претставници пренесоа очекувања дека нашата земја треба да направи напредок во евроинтеграцискиот процес, како што тоа веќе го прават државите од регионот, особено Албанија и Црна Гора.
Македонија
Пожар на депонијата Дрисла, Ангелов смирува дека не е алармантно, но е сложено поради хемиските процеси

Пожар избувна на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, рече дека пожарот не е алармантен, а скопската противпожарна бригада работи на негово гаснење.
Сепак, како што објаснува Ангелов, гаснењето на било која депонија е сложен процес поради хемиските и биолошките процеси кои се одвиваат во внатрешноста на депонијата како резултат на кои се создаваат запаливи гасови.
(Фото: илустрација, архива)