Свет
Израелската армија изведува десетици напади врз Либан по атентатот на моќниот лидер на Хезболах
Израелската армија денеска соопшти дека извршува десетици напади врз Хезболах во Либан, два дена по убиството на моќниот лидер на таа проиранска организација Хасан Насрала во воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут.
Израелската авијација „нападна десетици терористички цели на либанска територија во изминатите неколку часа“, изјави воениот портпарол на Телеграм.
Од саботата, израелската војска „погоди стотици терористички цели низ Либан“, додаде портпаролот.
Тој наведе дека во тие напади на мета биле местата од кои се истрелуваат ракети кон Израел, воени постројки и магацини за оружје.
Шиитската организација Хезболах, сојузник на палестинскиот Хамас кој војува против Израел во Газа, ја потврди смртта на водачот Насрала во саботата во невиден израелски напад врз упориштето на групата.
Смртта на човекот кој важеше за најмоќен во Либан е голема победа на Израел против Иран и неговите сојузници, а премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху оцени дека се расчистени сметките со лицето одговорно за убиството на безброј Израелци и многу граѓани на други земји.
Нетанјаху тврди дека Израел стигнал до она што се чини дека е историска пресвртница во борбата против своите непријатели.
Либан, Сирија и Иран прогласија неколкудневна национална жалост по смртта на Насрала, пишува Франс прес.
Првиот потпретседател Мухамед Реза Ареф се закани дека убиството на Насрала ќе доведе до уништување на Израел.
Во саботата Техеран го повика состанокот на Советот за безбедност на ОН да преземе итни и решителни мерки за да се запре израелската агресија и да се спречи вовлекување на регионот во општа војна.
Според соопштението на израелската војска, командантот на јужниот фронт на Хезболах Али Караке и други функционери биле убиени заедно со Насрала во операцијата наречена „Нов поредок“. Извор близок до Хезболах ја потврди смртта на Караке.
Иранската новинска агенција ИРНА објави дека Абас Нилфорушан, заменик-лидерот на иранската револуционерна гарда, исто така бил убиен во нападот во петокот.
Шеесет и четиригодишниот Насрала, кој го водеше Хезболах од 1992 година, беше религиозен човек кој живееше криејќи се и ретко се појавуваше во јавноста.
Неговиот братучед, Хашем Сафидин, истакната личност во Хезболах, се чини дека е негов потенцијален наследник.
Нападот врз Насрала беше многу софистициран и покажува не само огромни технолошки способности, туку и степенот на израелска инфилтрација во Либан, рече Џејмс Дорси, истражувач во Институтот за Блискиот Исток на Националниот универзитет во Сингапур.
„Њујорк тајмс“ пишува дека од крајот на Втората либанска војна во 2006 година, Израел изгради моќен разузнавачки апарат кој длабоко навлезе во Хезболах.
Израел наводно испратил тајни командоси длабоко во Либан за да извршуваат разузнавачки мисии.
Како што изјавија за весникот неименувани официјални лица, Израел се разликува од разузнавачките агенции и единици во другите земји во однос на неговата подготвеност да ги изврши овие смели мисии.
Во нападот на јужните предградија, според фотограф на францускиот печат, биле уништени неколку згради, а илјадници жители биле принудени да избегаат. Според либанските власти, загинале најмалку шест лица.
Во саботата, 33 лица загинаа во Либан. и 195 повредени, соопшти синоќа локалното Министерство за здравство.
И покрај тешките напади на Израел, Хезболах во саботата соопшти дека истрелал ракети на израелска територија, од кои повеќето биле пресретнати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин: Би сакал да се сретнам со Трамп во Будимпешта
За време на средбата во Кремљ, Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан разговараа за ситуацијата околу Украина и билатералните односи.
Претседателот на Русија рече дека идејата Русија и САД да одржат разговори во Унгарија ја предложил Доналд Трамп: „Тој веднаш рече: „Имаме добри односи со Унгарија, вие имате добри односи со Виктор, и јас имам, па затоа ја предлагам оваа опција“. Секако, со задоволство ќе се согласиме.“
Путин истакна дека би сакал средбата да се одржи во Будимпешта, доколку страните се согласат за тоа. Москва, вели тој, ја знае избалансираната позиција на Унгарија за украинското прашање: „Ви благодарам што толку отворено реагиравте на можноста за средба меѓу мене и претседателот на Соединетите Американски Држави токму во вашата земја.“
Од своја страна, Орбан рече дека е подготвен да обезбеди место за преговори:
„Се надеваме дека неодамна презентираните мировни иницијативи на крајот ќе доведат до тој многу посакуван мир.“
Путин нагласи дека односите меѓу Москва и Будимпешта се темелат на прагматичен пристап – земјите соработуваат во енергетиката, а трговијата се зголеми за седум проценти оваа година. Постојат прашања и проблеми што бараат дискусија:
„Многу ми е мило што, и покрај сите предизвици денес, нашите односи преживуваат и продолжуваат да се развиваат“.
Орбан прецизираше дека Унгарија ја цени стабилноста на снабдувањето со енергија од Русија и е заинтересирана за понатамошен дијалог:
„Ова е четиринаесетти пат како се среќавам со вас. Мислам дека, земајќи го предвид сегашниот историски момент, навистина направивме многу за да ја развиеме соработката меѓу нашите народи. Искрено се надевам дека ќе направиме многу повеќе“.
Премиерот додаде дека Будимпешта не подлегнала на надворешниот притисок и дека продолжува да ги развива односите со Москва.
На состанокот присуствуваа и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, помошникот на претседателот Јуриј Ушаков и вицепремиерот Александар Новак. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно истакна дека лидерите не планираат да се обратат пред медиумите.
Пред летот за Москва, Орбан рече дека сака Унгарија да продолжи да увезува нафта и гас од Русија. Според него, САД ги укинаа санкциите за испораките преку нафтоводи. Премиерот нагласи дека рускиот извоз ѝ обезбедил на Унгарија најниски цени на енергија во Европа.
Фото: ЕПА
Свет
Турската полиција уапси повеќе од 1.000 лица во безбедносна операција во Истанбул
Турската полиција уапси 1.022 лица за време на големата безбедносна операција „Мир Истанбул“ спроведена во Истанбул, објавија властите.
Операцијата почна доцна синоќа со поддршка на полициски хеликоптери и бродови на поморската полиција, објавија турските медиуми.
Речиси 3.000 полицајци се распоредени во целиот град поставувајќи контролни пунктови, проверувајќи јавни места и извршувајќи проверки на идентитетот, пренесува „Танјуг“.
Проверени се повеќе од 363.000 лица, а 528 лица се приведени под сомнение за разни прекршоци. За време на операцијата конфискувано е нелегално огнено оружје, празни пиштоли, пушки, муниција, над еден килограм наркотици и готовина поврзана со продажба на дрога.
Исто така, биле проверени речиси 200 компании и извршени се обемни сообраќајни контроли.
Службениците истакнуваат дека операцијата е дел од континуираните напори за зајакнување на јавната безбедност во најголемиот град во Турција.
Фото: ЕПА
Свет
(Видео) Трамп до американска новинарка: Дали си глупава?
Американскиот претседател Доналд Трамп нарече американска новинарка „глупава“ откако таа му постави прашање за безбедносните проверки на авганистанските бегалци на прес-конференција, јавуваат американските медиуми.
„Дали си глупав човек?“, праша Трамп за време на говорот од неговата резиденција Мар а Лаго во Флорида, објавува „Њујорк пост“.
Инцидентот се случил кога една новинарка го прашала американскиот претседател зошто го обвинува својот претходник Џозеф Бајден, иако токму членови на администрацијата на Трамп тврделе дека Авганистанците што емигрирале во Соединетите Американски Држави биле темелно проверени, вклучувајќи го и Авганистанецот Рахманула Лаканвал, осомничен за пукање врз двајца припадници на Националната гарда во средата.
🚨 HOLY CRAP — Trump just blew up at reporters on live TV.
A journalist pressed him on why he’s blaming Biden for the D.C. National Guard attack, and Trump snapped:
“Are you a STUPID PERSON?”
“They LET HIM IN… they came on a plane with thousands who shouldn’t be here!”
“You’re… pic.twitter.com/p24NOhb1do— Brian Allen (@allenanalysis) November 28, 2025
„Затоа што ги пуштија внатре. Тие бегалци пристигнаа со илјадници други луѓе кои не треба да бидат тука, а вие поставувате такви прашања само затоа што сте глупав човек“, и се обрати Трамп на новинарката.
Во средата, Трамп го критикуваше и „Њујорк тајмс“ за статијата што се фокусираше на неговата возраст и зголемените знаци на замор, нарекувајќи го авторот на статијата „новинар од втор ред кој е грд одвнатре и однадвор“.
Порано овој месец, тој го нарече новинарот на Блумберг „свиња“, а друг „ужасна личност“, потсетуваат медиумите.
Фото: ЕПА

