Македонија
Застарува затворската казна за Груевски за набавката за „мерцедесот“
Експремиерот Никола Груевски се спаси од затворската казна за случајот „Тенк“ бидејќи на 4 октомври поминуваат шест години од правосилната пресуда за Груевски во предметот за набавката на владиниот „мерцедес“.
За истиот предмет поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, ја издржа законската казна од 4 години, а поранешниот заменик-министер Ѓоко Поповски издржа 4,6 години во затвор, потсетува Радио Слободна Европа.
Со измените на Кривичниот законик лани се намалија казните за кривичните дела, како што се злоупотребата на службената положба и овластувањата и злосторничко здружување, што доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери и нивни блиски соработници.
Претходно, на Груевски му застареа предметите ТНТ – за уривањето на комплексот „Космос“ и „Траекторија“.
Груевски веќе шест години живее во Унгарија, каде што доби политички азил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средба со СОНК: Стандардот на вработените ќе го подобруваме преку заеднички дијалог и мерки што ќе дадат резултати
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски заедно со министрите за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, образование и наука Весна Јаневска и економија и труд Бесар Дурмиши остварија средба со раководството на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК.
На средбата се разговараше за унапредување на работничките права, состојбата во образованието, науката и културата, колективните договори како и состојбата со платите и нашата тенденција тие да растат согласно реалните можности на економијата.
„Стандардот на вработените ќе го подобруваме преку заеднички дијалог и мерки кои ќе дадат резултати. Разговараме за сет одлуки и системски мерки кои ќе бидат одржливи на долг рок. Следуваат добри одлуки“, истакна премиерот Мицкоски.
Македонија
Почнува монтирањето на новиот топловод под мостот „Беласица“
АД ЕСМ и „ЕСМ дистрибуција на топлина“ денес ги почнаа активностите на терен за монтирање на новите цевки на топловодот под мостот „Беласица“.
Поставувањето на топловодот ќе се спроведува во наредните месеци со цел комплетно да биде подготвен за ставање во функција во текот на претстојната грејна сезона.
„Новите раководства на ‘ЕСМ дистрибуција на топлина’ и на АД ЕСМ се соочија со предизвикот да преземат ургентни мерки за надминување на пречките што предизвикаа застој во поставување на цевководот, кој се јави како последица на исклучителната неспособност или незаинтересираност на претходните менаџерски тимови на двете компании“, изјави Петар Милетиќ, новиот директор на „ЕСМ дистрибуција на топлинска енергија“, кој присуствуваше и на почетокот на активностите на терен.
До целосната реализација на зафатот, испораката на топлинска енергија кон централниот дел од градот, како и во изминатата грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод А вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ-ТО. Со тоа и понатаму целосно ќе бидат задоволени потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури.
Македонија
Тошковски: Отворен нов регионален К9-центар за обука и сертификација со поддршка од Мисијата на ОБСЕ
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Полицискиот центар Ѓорче Петров се обрати на отворањето на регионалниот К9 центар за обука и сертификација.
Отворањето на овој центар,м како што е соопшено е една од најзначајните активности во рамките на проектот „Поддршка на националните власти на РСМ во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, проект што се имплементира со поддршка од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тошковски на почетокот ја потенцираше одличната соработка помеѓу Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за внатрешни работи, која е од огромно значење за развивање и спроведување на политиките за современ систем на безбедност.
„Овој регионален центар е многу значаен за Македонија, како од аспект на стратешко делување во рамки на министерството така од аспект и на оперативно делување на полицијата. Со овој комплекс реално ќе се зголеми капацитетот и на спроведување на голем број полициски активности кои се изведуваат со употреба на кучиња. Соработката којашто ја имаме со ОБСЕ е круцијална во подобрување на капацитетите на министерството во сите аспекти и преку големиот број заеднички проекти тој капацитет постојано се унапредува,“, нагласи Тошковски.
Тој истакна дека во претходните фази на овој проект е пренесено значително знаење и опрема кон министерството, како специјализирани возила и приколки наменети за службени кучиња, опрема за обука, возила и специјална опрема за деактивирање на огнено оружје, машина за маркирање и сертификати за деактивација на огнено оружје, како и изготвените документи за оперативни процедури, прирачници, упатства и медиумски кампањи.
„Преку великодушната финансиска поддршка од донаторската заедница, а особено од САД, Германија, Европската Унија, Франција, Белгија, Норвешка и Словачка, Проектот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за МАСО ја покажува нашата силна посветеност кон зајакнување на оперативните и капацитетите за детекција на оружје на полициската единица за кучиња трагачи. Мисијата на ОБСЕ е посветена на континуирана професионализација и развој на полициските единици за кучиња трагачи, фокусирајќи се на детекција на мало и лесно оружје”, рече Сусан Пенкса, заменик-амбасадорка на ОБСЕ Мисијата во Скопје.