Свет
Израел: Испраќаме пешадија и оклопни единици во јужен Либан
Израелската армија денеска објави дека пешадиските и оклопните единици им се приклучуваат на копнените операции во јужен Либан, но повтори дека операцијата ќе биде ограничена.
Израел еден ден претходно објави дека неговите командоси и падобранци ја преминале границата, што беше прво јавно признание за копнените операции во Либан.
Војската подоцна објави дека нејзините специјални сили со месеци спроведувале прекугранични рации на цели на Хезболах откривајќи тунели и складишта за оружје под куќите.
Приклучувањето на пешадијата и вооружените единици на 36. дивизија, вклучително и бригадата „Голан“, 188. оклопна бригада и 6. пешадиска бригада, покажува дека операцијата е проширена надвор од тие командоски извидувања.
Израелската армија тврди дека целта на копнените операции е првенствено да се уништат тунелите и другата инфраструктура во близина на границата и дека нема планови за поширока операција, чија цел би бил Бејрут или поголемите градови во јужен Либан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ураганот Хелена опустоши делови од Америка: една од најсмртоносните бури однесе најмалку 160 животи
Ураганот Хелена стана вториот најсмртоносниот ураган во САД во последните 55 години со број на загинати над 160, објави „Фокс њуз“.
Повеќе од 160 луѓе загинаа во шест држави – Флорида, Џорџија, Јужна Каролина, Северна Каролина, Вирџинија и Тенеси.
Стотици луѓе сè уште се водат за исчезнати по ураганот поради прекини на струјата и тешкотии во комуникацијата.
Тешко погодените региони, вклучително и делови од западна Северна Каролина, добиваат помош од разни држави, а екипите за итни случаи продолжуваат да се обидуваат да стигнат до изолираните заедници уништени од поплавите.
Сцените од малите градови, како што се Чимни Рок, Свананоа и селото Билтмор, ги прикажуваат опустошените делови од регионот.
Според гореспоменатата медиумска компанија, првиот најсмртоносниот ураган што ги погодил САД бил ураганот Катрина во 2005 година, кој бил дури и поголем од ураганот Камил, кој го погоди брегот на Мексиканскиот Залив во август 1969 година.
Бајден најави дека денеска ќе отпатува во Ешвил, Северна Каролина, а треба да ги посети и Флорида и Џорџија.
Свет
Три лица уапсени по експлозиите во близина на израелската амбасада во Данска
Полицијата уапсила тројца мажи, наводно поврзани со две експлозии што утринава се случиле во близина на израелската амбасада северно од Копенхаген, пишува „Њујорк тајмс“.
Двајца од мажите се уапсени на централната станица во Копенхаген, а третиот на друго место во градот, се вели во соопштението на полицијата. Не се соопштуваат повеќе детали за осомничените.
Експлозиите, кои се случиле околу 3.20 часот, според полицискиот оддел во Копенхаген, биле пријавени во Хелеруп, приморско предградие северно од Копенхаген, каде што се сместени неколку амбасади.
Мајкл Рахлин, портпарол на еврејската заедница во Данска, рече дека единственото еврејско училиште во Копенхаген е затворено бидејќи се наоѓало во близина на областа.
Експлозиите се случија еден ден откога полицијата во Стокхолм соопшти дека таму имало пукање во израелската амбасада. Полицијата во Шведска го истражува наводното пукање, но соопшти дека никој не е повреден.
Свет
На Гутереш му е забрането да стапне во Израел: шефот на дипломатијата го прогласи персона нон грата
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, денеска изјави дека му забранува влез во земјата на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, бидејќи не го осудил недвосмислено иранскиот ракетен напад врз Израел.
„Секој што не може недвосмислено да го осуди грозоморниот напад на Иран врз Израел, како што тоа го направи речиси секоја земја во светот, не заслужува да стапне на израелска почва“, рече Кац, пренесе „Ројтерс“. Кац додаде дека Израел ќе продолжи да ги брани своите граѓани и да го штити своето национално достоинство, со или без Антонио Гутереш.
Бидејќи не зборуваше против Иран, Гутереш е непожелна личност во Израел, заклучи израелскиот министер. Иран вчера лансира повеќе од 180 балистички проектили врз Израел додека ескалираа судирите меѓу Израел и либанската група Хезболах, поддржана од Иран.
По нападот, Гутереш даде куса изјава, во која зборува само за најновите напади на Блискиот Исток и го осуди конфликтот што ескалира.