Свет
Путин ги отстрани талибанците од листата на терористи
Министерството за надворешни работи на Русија соопшти дека одлуката за бришење на талибанците од листата на терористички организации „е донесена на највисоко ниво“, јави државната новинска агенција ТАСС. Одлуката треба да биде придружена со правни процедури за да стане валидна, изјави Замир Кабулов, специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за Авганистан.
Путин во јули рече дека Русија го смета движењето на авганистанските талибанци за сојузник во борбата против тероризмот. Русија полека гради врски со талибанците откако тие ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, откако силите предводени од САД се повлекоа по 20 години војна, но движењето сè уште е официјално забрането во Русија.
Ниту една земја формално не ги призна Талибанците како легитимно раководство на земјата, иако Кина и Обединетите Арапски Емирати ги прифатија нивните амбасадори. Русија ги додаде Талибанците на својата листа на терористички организации во 2003 година. Нивното отстранување би било важен чекор за Москва кон нормализација на односите со Авганистан.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва е убедена во потребата од одржување на „прагматичен дијалог“ со актуелната авганистанска влада. „Очигледно е дека е невозможно да се решат проблемите, па дури и да се разговара за авганистанското решение без Кабул“, рече Лавров.
„Москва ќе продолжи со својот курс на развивање политички, трговски и економски врски со Кабул“, додаде тој, говорејќи во Москва на состанокот со неговиот авганистански колега Амир Кан Мутаки и претставници на соседните земји.
Иако не ги спомна талибанците отворено, тој го пофали сегашното авганистанско раководство за напорите да се потисне производството на дрога и борбата против Исламската држава, која е забранета во Русија. Тој рече дека САД треба да ги вратат запленетите средства во Авганистан и дека Западот треба да ја прифати одговорноста за обнова на земјата во постконфликтната ера.
Лавров повика и на зголемување на хуманитарната помош за Авганистан и најави дека Русија ќе продолжи да испраќа храна и основни добра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Босна и Херцеговина, се почувствува и низ цела Хрватска
Земјотрес со јачина од 3,5 степени според Рихтеровата скала ја погоди Босна и Херцеговина утрово околу 9:15 часот. Епицентарот на земјотресот бил на 31 километар северозападно од Мостар или 11 километар југозападно од Јабланица, јавува Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
– Наеднаш посилно се тресеше, кратко траеше – пишува човек од Широки Бријег на апликацијата EMSC. Коментари имаше и од југот на Хрватска. Тие наведуваат дека земјотресот бил силно почувствуван на Имотски, Макарска и други места.
– Се почувствува силна бучава и потреси – наведуваат граѓаните на Босна и Херцеговина.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.
Свет
Орбан рече дека ќе го покани Нетанјаху да ја посети Унгарија: Налогот за неговото апсење е погрешен
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека ќе го покани израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја посети Унгарија, велејќи дека налогот за апсење на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за Нетанјаху „воопшто нема да биде разгледан“.
Во четвртокот, МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и водачот на Хамас Ибрахим Ал-Масри за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото.
Орбан, чија земја претседава со ЕУ до крајот на годината, изјави за државното радио дека налогот за апсење на МКС е погрешен.