Економија
Одржана седница на Советот на Народната банка: усвоен е кварталниот извештај за ризиците во банкарскиот сектор, задржана е стабилноста и подобрена е солвентноста

Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Извештај за ризиците во банкарскиот сектор за второто тримесечје од 2024 година.
Во Извештајот се наведува дека во вториот квартал од 2024 година, банките работеа во поповолно домашно макроекономско окружување, во време кога геополитичкиот контекст сѐ уште е нестабилен и создава неизвесност и зголемени ризици за следниот период. Притоа, во овој квартал растот на депозитите на банките беше поумерен, но тој и натаму е солиден и овозможува одржување на кредитниот раст, којшто малку забрза во вториот квартал од годината.
Солвентноста на банкарскиот систем и натаму бележи тренд на подобрување. Стапката на адекватност на капиталот достигна ниво од 19%, коешто е највисоко од 2006 година наваму. Задржувањето на добивките остварени во минатата година овозможи натамошно зајакнување на капиталните позиции на банките, додека без малку 40% од сопствените средства на банкарскиот систем отпаѓаат на заштитните слоеви на капиталот или се „слободни“ над потребното минимално ниво и може да се употребат за покривање на неочекуваните шокови и загуби. Повисоките показатели за солвентноста главно се темелат на распределбата на добивкaта од минатата година, а во голема мера се поддржани и од повисоките регулаторни и супервизорски барања за одржување повисок капитал од страна на банките, што пред сѐ е поврзано со заштитните слоеви на капиталот и капиталниот додаток утврден врз основа на супервизорска оцена. Имајќи предвид дека Народната банка во неколку наврати најави зголемување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што ќе почне да се применува во наредниот период, се очекува дека солвентноста на банкарскиот систем и натаму ќе се подобрува.
Ликвидноста на банкарскиот систем и натаму е на задоволително ниво, профитабилноста се подобри, но побавно од лани, додека кредитното портфолио на банките го задржа квалитетот. Спроведените стрес-тестирања покажуваат отпорност на банкарскиот систем на симулираните шокови.
Општо земено, и во вториот квартал од 2024 година банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност, со подобрена солвентност, добра ликвидност и задржан квалитет на кредитното портфолио. Сепак, условите и натаму се неизвесни, а ризиците за светската и домашната економија на краток и на среден рок сѐ уште постојат. Оттука, потребна е натамошна претпазливост во управувањето со ризиците и во водењето на политиките, а Народната банка е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, ценовните нивоа и на банкарскиот сектор.
На Советот на Народната банка беа разгледани и други точки од редовното работење на централната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Манасиевски: Македонија ќе стане транзитен центар за гас и нето извозник на струја

„Од држава што увезуваше струја и беше енергетски слепо црево, сега стануваме транзитен центар за гас и иднина на извоз на енергија – ова е енергетиката со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача денеска Валентин Манасиевски.
Манасиевски го презентираше прегледот на првата година работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика, потенцирајќи дека е направен радикален пресврт по, како што рече, „седум години застој и злоупотреби“.
Тој најави дека преку новите гасни интерконектори со Грција и Србија, Македонија ќе стане клучна транзитна точка за пренос на природен гас кон Србија и Средна Европа. Станува збор за гас од ТАП гасоводот и од терминалот во Александропулис, кој ќе поминува низ земјава со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.
„Ова значи гаранција за енергетска диверзификација на целиот регион и значително зголемување на употребата на неруски гас – американски, азербејџански и друг“, изјави Манасиевски.
„Само за една година поставивме темели за Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Следуваат големи проекти за производство на струја – фотоволтаици, хидро, ветро и нови инвестиции,“ рече Манасиевски.
Тој посочи дека новиот Закон за енергетика го поставува секторот на стабилни нозе, а новиот услов за батериски системи кај фотоволтаичните централи ќе овозможи поефикасна и стабилна мрежа.
Дополнително, тој информираше дека е инсталиран нов 400kV трансформатор во Битола 2, со што се гарантира стабилноста на југозападниот дел од државата. Концесискиот надомест за рудниците, пак, е зголемен два и пол пати, што директно го полни буџетот на државата.
„Одговорна власт значи повеќе пари за државата, не за партиски џебови“, истакна Манасиевски.
Економија
Трет ден хаос со „МојДДВ“, граѓаните револтирани, не можат да скенираат фискални сметки

Апликацијата „МојДДВ“ не функционира веќе трет ден, а револтирани граѓани масовно пријавуваат дека не можат да ги скенираат фискалните сметки и да го остварат своето право на поврат на ДДВ.
Проблемите со апликацијата започнаа уште пред неколку дена, а Управата за јавни приходи (УЈП) вчера официјално потврди дека станува збор за технички проблем и увери дека се работи на негово отстранување.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција“, велат од УЈП.
Од институцијата не прецизираат кога „МојДДВ“ ќе проработи, а засега корисниците се оставени да чекаат, со надеж дека нема да изгубат право на поврат на средства.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавуваат реакции од граѓани кои се жалат дека изгубиле време обидувајќи се безуспешно да ја користат апликацијата. Многумина бараат одговорност и транспарентност од институциите, но и посочуваат дека слични прекини во работата на апликацијата се случуваат сè почесто.
Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.