Македонија
Директорот на Царинската управа од Софија: Силно сме посветени во остварување на заедничките цели во борбата со нелегалната трговија со дрога
Царинските управи имаат важна водечка улога за националната безбедност, но и меѓународната безбедност. Легалните аеродроми во моментов се таргет за криминалците, при што целта им е забранетите супстанци да стигнат на таргетираните аеродроми и потоа да ја дистрибуираат на разни пазари. Наша задача е преку зголемена соработка, размена на искуства и вложување во зајакнување на институционалните капацитети да ги сузбиеме криминалните мрежи.
Притоа фокус треба да ни бидат карго пратките земајќи ги предвид количините кои подлежат на контрола, како и повеќекратните чекори во синџирот на снабдување, истакна директорот Бобан Николовски на дводневниот настан за зголемување на регионална соработка и борба со трговијата со дрога по воздушен пат во организација на Групацијата за меѓународна соработка на Советот на Европа за дроги и зависности и националната Царинска агенција на Бугарија позната како Помпиду групација. Настанот беше организиран како дел од 10тиот состанок на Организацијата за соработка на аеродроми во Југоисточна Европа во рамки на Помпиду Групацијата (AIRSEE). На настанот учествуваа високи претставници на царински управи, гранични полиции, министерства за внатрешни работи, СЕЛЕК, како високи претставници од Групацијата за меѓународна соработка на Советот на Европа за дроги и зависности.
„Силно сме посветени во остварување на заедничките цели во борбата со нелегалната трговија со дрога преку зголемување на соработката, размена на знаења и искуства, заеднички обуки како и размена на разузнавачки информации во реално време“, рече Николовски истакнувајќи дека Царинската управа оди чекор напред при што имплементира системи со високо интелигентни аналитички функции, а како дел од определбата и цврстата решеност за побрза интеграција кон единствениот пазар на ЕУ.
Во рамки на настанот учесниците разменија искуства во делот на утврдување на процена на ризик и користење на интелигентни системи за сузбивање на криминалот.
Oд аспект на преземените активности како дел од постојаната борба со трговијата со дрога и други забранети супстанци по воздушен пат, Николовски го истакна случајот во кој царинските службеници на царинска испостава Меѓународен Аеродром Скопје спречија меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди за што беше добиено и признание од Светската антидопинг агенција.
Во рамки на настанот учесниците во Организацијата за соработка на аеродроми во Југоисточна Европа ја усвоија заедничката декларација со што се согласија да ја зајакнат улогата на Организацијата како регионална платформа за начин на дејствување, да се работи на развој на и усогласување на алатки и системи за подобрување на откривањето дрога на аеродромите во Југоисточна Европа, да се подобруваат оперативните капацитети преку специфични технички состаноци како и оперативните резултати поврзани со борбата против недозволена трговија со дрога преку навремена размена на информации, да се продолжи со спроведувањето на заедничките операции насочени кон недозволено снабдување со дрога и забранети супстанци, како и да се воспостават заеднички индикатори за идентификување на трендовите и ризиците на регионално ниво.
На маргините на настанот директорот оствари средби со директори и заменици директори на Царински управи од Југоисточна Европа, на коишто беше истакната потребата од зголемување на меѓусебната соработка со цел олеснување на легалната трговија и сузбивање на криминалот, но и унапредување на царинските постапки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски избран за потпретседател на ЗЕЛС
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на конститутивната седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) едногласно е избран за нов потпретседател на организацијата.
Герасимовски се заблагодари на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС за укажаната доверба и ја потврди својата заложба функцијата да ја извршува во интерес на граѓаните.
„Очекувам новиот состав на ЗЕЛС да биде на висина на својата задача и да воспоставиме конструктивна и конкретна меѓуопштинска соработка, без политизација и со целосна посветеност на граѓаните. Во следните четири години пред нас е сериозна задача: зајакнување на процесот на децентрализација, поголема фискална самостојност и пошироки ингеренции, со една единствена цел, да обезбедиме подобри проекти и услуги во нашите општини“, рече Герасимовски.
На седницата за претседател на ЗЕЛС е реизбран градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, а покрај Герасимовски за потпретседател е избран и Изет Меџити.
Делегатите дискутираа за предлог-стратегијата на ЗЕЛС за 2026–2030 година, како и за актуелните предизвици во локалната власт, со цел унапредување на работењето на општините и зајакнување на соработката меѓу локалните самоуправи.
Македонија
СДСМ: Уште еден доказ, Мицкоски го зеде судството во свои раце па се фали со добиени пресуди
Христијан Мицкоски го зеде судството и обвинителството во свои раце па сега се фали со добиени судски пресуди против СДСМ, реагираат од опозициската партија.
„Па нормално дека Мицкоски добил пресуда. Но баш чудно, зошто токму денес го објавува овој голем „успех“ на судството на Мицкоски? Токму кога најавивме иницијатива до Уставниот суд за неуставната Резолуција со која сакаат да ја замолчат опозицијата да не зборува за договорот мигранти за пари! Дали и во Уставниот суд Мицкоски планира да прави притисок за да одлучува „брзо“ за иницијативата на СДСМ? СДСМ нема да дозволи задушување на демократијата и слободата на медиуми. Со сите демократски механизми ќе се бориме за Макеоднија дури и пред меѓународните институции“, пишува во реакцијата на СДСМ, по објавата на пресуда од Апелациониот суд од страна на Мицкоски.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски реизбран за претседател на ЗЕЛС
Со едногласна одлука на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски повторно ја доби довербата да ја извршува функцијата претседател на ЗЕЛС. За потпретседатели се избрани Изет Меџити и Горан Герасимовски.
„Уверен сум дека пред нас е успешен мандат кој ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на децентрализацијата“, рече Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека ЗЕЛС претставува стабилна и инклузивна заедница во која сите општини настапуваат рамноправно, без разлика на политичка, етничка или верска припадност.
„Преку документот „Систематизирани ставови на ЗЕЛС“ и новата Стратегија за периодот 2026-2030 година, јасно ги дефинираме приоритетите и подготвено настапуваме во дијалогот со централната власт. Во изминатиот период активно учествувавме во подготовката на измените на Законот за локална самоуправа, при што беше прифатено и нашето долгогодишно барање за воспоставување општинска комунална полиција“, рече тој.
Ѓорѓиевски најави дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на посериозна децентрализација, особено во областа на социјалната заштита, како и на обезбедување поголема финансиска стабилност на општините.
„Ќе продолжиме со лобирање за поголем удел на општините во јавните приходи, подобра наплата на сопствените извори и понатамошен развој на електронските услуги. Пред нас стојат уште многу важни прашања, но уверен сум дека со заеднички пристап и јасна визија ќе постигнеме конкретни резултати“, рече тој.

