Свет
Шерифот на округ на Флорида: Никогаш не сум видел ваква поплава, луѓето тука изгубија се’

Истражувајќи ја штетата во силно поплавената област во округот Хилсборо, Флорида, веднаш е видливо дека првите катови од станбените згради се под вода, а автомобилите се потопени на улица.
Поплавите беа предизвикани од обилните дождови од ураганот Милтон, а не од брановите на невремето.
Шерифот на округот Хилсборо, Чад Кронистер, кој ја обиколи областа со новинар на „Си-ен-ен“, вели дека никогаш не видел нешто слично.
Шерифот истакна дека оваа поплавена заедница требаше да биде прибежиште за луѓето кои бегаат од невремето од други области.
„Никогаш не сум видел ваква поплава. Имавме луѓе евакуирани тука за да бидат безбедни. Тие слушаа, дојдоа овде“, рече Хронистер.
Шерифот додаде дека помогнале да се спасат 135 стари лица и инвалиди кои претходно биле евакуирани од Брадентон заради безбедност.
„Ова е населба што нема многу. Тие имаат многу малку, а што малку имаа – изгубија сè. Имаме 1,2 метри вода до нивниот прв кат овде. Ова е претежно латино заедница, нивната црква ја нема, нивните автомобили ги нема. Не живеат од плата за плата, туку од ден за ден, и немаат ништо#, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шпанија со закон го забранува извозот на оружје во Израел: „Сакаме да се стави крај на геноцидот во Газа“

Шпанските пратеници денес гласаа за закон со кој се воведува ембарго за извоз на оружје во Израел, мерка што долго време ја заговараше социјалистичкиот премиер Педро Санчез за „запирање на геноцидот“ во Газа.
„За“ гласаа 178 пратеници, а 169 беа против. Малцинската влада на социјалистичкиот премиер конечно ја доби поддршката од четири пратеници од крајно левичарската партија Подемос, која не откри како ќе гласа до денеска наутро.
Шпанското ембарго е на сила од октомври 2023 година, но социјалистичката влада сакаше да ја „зацврсти правно“ одлуката.
Санчез го објави тоа на 8 септември, по што израелската влада реагираше жестоко, но Израел го повлече својот амбасадор од Шпанија во 2024 година, откако Мадрид ја призна Палестина.
Регион
Вучиќ: Турција сонува повторно да ја обнови Отоманската Империја

По пристигнувањето на турските беспилотни летала во Приштина, имаше остра реакција од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој ја обвини Турција дека сонува за обнова на Отоманската Империја. Со овој потег, Србија премина од „златно доба“ во односите со Турција и пријателството со Ердоган на отворени политички тензии за само една година, пишува N1.
Косовскиот премиер Албин Курти претходно објави на Фејсбук дека пристигнале беспилотните летала, додавајќи дека десетици безбедносни сили веќе се обучени да ги користат.
Курти објасни дека договорот со турската компанија Бајкар бил потпишан во декември минатата година, а дроновите биле испорачани три месеци пред предвидениот рок. Тој нагласи дека Косово „продолжува да ја зајакнува ударната моќ на својата армија“ со модерна технологија.
Реагирајќи на веста, Вучиќ остро го осуди потегот на Турција, велејќи дека е „ужасен“ и дека тоа „јасно покажува дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан“.
„Згрозен сум од однесувањето на Турција и грубото кршење на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина. Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека сонува за оживување на Отоманската империја. Србија е мала земја, но ние добро ја разбравме пораката“, рече Александар Вучиќ.
Реагираше и владината Канцеларија за Косово и Метохија, а нејзиниот директор Петар Петковиќ ја повтори оценката на Вучиќ дека Србија „ја разбрала пораката“ и дека „не е случајно“ што беспилотните летала биле доставени во Косово три месеци пред предвиденото.
Турција го направи ова, смета Петковиќ, „само неколку дена пред локалните избори“, со цел да му ја обезбеди на премиерот на Приштина „потребната поддршка пред изборите на 12 октомври, за да може да продолжи да го тероризира српскиот народ“.
Петковиќ рече дека Белград „ќе продолжи одговорно да го зачувува мирот и стабилноста, и покрај вооружените сојузи што се создаваат на штета на мирот и претставуваат директна закана“.
Фото: ЕПА
Свет
Белорусија испраќа рекордни количини бензин во Русија

Белорускиот железнички извоз на бензин во Русија се зголеми за четири пати во септември во однос на претходниот месец, бидејќи Москва се справува со недостиг на гориво предизвикан од украинските напади врз нејзината енергетска инфраструктура, објавија извори од индустријата синоќа, објави „Ројтерс“.
Неколку руски региони беа принудени да воведат мерки за штедење и привремено да ги замрзнат цените на горивата во последните недели. Причината е недостигот на популарни видови бензин предизвикан од напади со беспилотни летала насочени кон рафинерии и други енергетски објекти.
Како одговор, Москва, исто така, го ограничи извозот на бензин и дизел. Ова не е првпат Русија да се потпира на соседна Белорусија, таа, исто така, го зголеми увозот на гориво минатата година за да го покрие недостигот на пазарот.
Според извори, пратките на бензин со железница од белоруските рафинерии до рускиот домашен пазар минатиот месец достигнаа 49.000 метрички тони, што е еквивалентно на 14.500 барели дневно. Заедно со бензинот, испораките на дизел во септември изнесуваа 33.000 тони.