Македонија
Мицкоски на состанокот на шефови на Влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денес и утре се во посета на Берлин, Сојузна Република Германија каде ќе се одржи состанокот на шефови на Влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес.
Предвидено е учество и заедничка прес-конференција на Канцеларот на Сојузна Република Германија Олаф Шолц и Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија и домаќин на следниот Самит.
Учесници на состанокот традиционално се шесте земји од Западен Балкан, нивните земји-поддржувачи Австрија, Франција, Италија, Словенија, Хрватска, Велика Британија, Полска, а од 2019 година и Грција и Бугарија, како и ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА и Регионалната младинска канцеларија (RYCO).
Предвидени се и повеќе билатерални средби на премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптер од Чешка и 61 пожарникар од Словенија ќе помагаат во гаснење на пожарите

Меѓународна помош ќе пристигне во земјава да помогне во справување со пожарите. Помошта ќе дојде од Чешка и од Словенија.
Чешка испраќа хеликоптер Блек Хок со седумчлен екипаж. Се очекува да пристигнат попладнево.
Утре, пак, во Берово ќе пристигне тим од Словенија составен од 61 пожарникар со 18 возила.
Во текот на измнинатото деноноќие на територијата на државата евидентирани се вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, три се под контрола, а седумнаесет се изгаснати.
Македонија
Граѓаните кои поседуваат легално оружје од сега ќе можат да набавуваат муниција директно во овластените правни субјекти

Согласно измените на Законот за оружје, стапи во сила новиот систем за набавка на муниција.
Со него, граѓаните кои поседуваат оружје ќе можат да ја набавуваат потребната муниција директно во овластените правни субјекти. Повеќе не е потребно претходно одобрение за набавка на муниција.
„Истовремено, преку централен електронски систем, Министерството за внатрешни работи ќе врши континуирана контрола и увид во количините што се набавуваат, во согласност со законски утврдените ограничувања. Со оваа промена, системот станува побрз, пофункционален и посовремен, без да се намали степенот на безбедносен надзор. Ова е уште една потврда дека се движиме во вистинска насока, со конкретни мерки што носат резултати и реално го подобруваат квалитетот на услугите што МВР ги дава на граѓаните“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Македонија
Меџити: Почиста иднина за 18 општини – стигнува новата опрема во вредност од 10.7 милиони евра

Првиот прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска потпиша два договори во вредност од околу 10,7 милиони евра со кои ќе обезбеди и испорача нова опрема за управување со отпад за 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, како дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Со овие два договора, информираше Меџити, е опфатено снабдување на општините Дебар, Струга, Битола, Кичево Прилеп, Долнени и други рурални општини со сеопфатна механизација: контејнери, канти, специјализирани камиони-компактори, скип-лифтови и кипер возила, односно сè што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпадот од страна на комуналните претпријатија во општините, во согласност со европските стандарди.
„Со оваа значајна испорака на опрема која е сериозен чекор напред кон одомаќинување на европските еколошки стандарди, продолжуваме со реализација на нашата стратешка цел – изградба на одржлив и интегриран регионален систем за управување со отпад. Благодарност до сите партнери кои денеска се со нас и сесрдно го поддржуваат овој процес, “ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Финансиската поддршка за оваа набавка е обезбедена преку Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со дополнителна помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Владата на Шведска преку СИДА.