Македонија
(Видео) ДУИ сами прифатија укинување на балансерот, сега наместо да манипулираат, да се реформираат, рече Петрушевски

„ДУИ сами прифатија укинување на балансерот, сега наместо да манипулираат, да се реформираат, заради нив државата ја напуштија стотина илјади граѓани“, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„ДУИ како власт во 2023 ја донесоа Стратегијата за реформи во администрацијата 2023-2030 во која се нотира дека балансерот се злоупотребува и дека е потребно негово укинување.
Тоа беше време кога нивните министри во владата играа фудбалчиња по министерски кабинети, местеа тендери и делеа бизниси во четири очи. Тогаш не само што немаа проблем со укинување на балансерот, туку и сами поддржаа негово укинување.
Што се смени сега? Едноставно е, ДУИ не е власт, нивните министри не местат тендери и не прават матни зделки, па затоа сега бараат само повод за дестабилизација, со единствена мисла нивни функционери кои учествувале во милионски сомнителни теднери да не одговараат
ДУИ многу добро знаат дека укинувањето на балансерот е препорака и на ЕК. Но тоа не ги колеба кога станува збор за наоѓање изговори за дестабилизација.
ДУИ има за цел да ја дестабилизира државата, заради спас на криминалци. ДУИ се одамна прочитани и тоа веќе не поминува“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ по изборите: Oстануваме втора најсилна партија, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат пад на поддршката

По обработени 99 отсто од гласовите, од СДСМ соопштија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицискиот партнер ЗНАМ, забележала голем пад на поддршката во споредба со минатогодишните избори.
Според анализите што ги презентира партијата, ВМРО-ДПМНЕ изгубила околу 135.000 гласа, што претставува пад од 30,8%, додека ЗНАМ има пад од 56.200 на 38.034 гласа, односно околу 33% помалку.
Од СДСМ нагласуваат дека нивниот резултат бележи минимален пад од 18 отсто, што, според нив, речиси не претставува загуба ако се земе предвид пониската излезеност.
Во соопштението се наведува и дека Левица има ист процентуален пад како СДСМ, иако, како што тврдат од СДСМ, нејзиното раководство „лажно се претставува како нов лидер на опозицијата“. Според партијата, Левица има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ.
„Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е значително намалена, што укажува на опаѓање на довербата во власта“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека партијата останува втора најсилна политичка сила во земјата и дека ќе преземе мерки за понатамошно подобрување на резултатот.
Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини. Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце. СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.
Во Скопје градончалник ќе биде избран во вториот круг, пришто ќе се соочат Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Според последните податоци на ДИК, Ѓеорѓиевски има 39,43 отсто, или 91.582 гласа, додека Мециновиќ освои 13,20 проценти, односно 30.659 гласа. Зад нив се кандидатот од „Вреди“, Башким Бакиу со освоени 12 отсто, 27.864 гласа, Каја Шукова од СДСМ со 11,50 отсто, односно 26.714 гласа и Скендер Реџепи од ДУИ со 26.062 гласа.
Во Советот на Град Скопје на вчерашните Локални избори најмногу гласови доби ВМРО-ДПМНЕ 81.649, па Левица 27.479, „Вреди“ е трета партија со 27.337, а ДУИ четврта со 27.045 гласови. СДСМ е петта партија според бројот на гласови во Советот на Град Скопје со освоени 24.587 гласови.
Македонија
Максим Димитриевски оди во втор круг во трката за Куманово

Актуелниот градоначалник на Куманово од редовите на ЗНАМ, Максим Димитриевски во вториот изборен круг ќе се бори за нов мандат.
Според податоците објавени на страницата на Државната изборна комисија, Димитриевски освоил 37,89 отсто од гласовите или 16.183 гласа, додека втор е независниот Горан Стојковски со 13,92 проценти од гласовите, односно 5.946 гласови.
Според досега објавените податоци, третопласиран во Куманово е Селвер Ајдини од ДУИ со 5.905 гласа, а зад него е кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски со 5.793 гласа. Пребројани во оваа општина засега се 98,80 проценти од гласовите.
Димитриевски синоќа изјави дека води убедливо во однос на сите останати шест кандидати, или за споредба, колку што имаат вкупно останатите шест кандидати толку тој како кандидат на ЗНАМ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ има добиено гласови. Ако има втор круг, рече синоќа Димириевски, ЗНАМ ќе биде дефинитивно победник на претстојните избори на локално ниво, а граѓаните го препознаваат континуитетот и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ добива 32 градоначалника во првиот круг, Влен зад нив со победа во пет општини

ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини, покажуваат утрово податоците објавени на страната на Државната изборна комисија, според избројни 99 отсто од гласовите.
Според резултатите, кандидатите на партијата победија во општините Битола, Велес, Струмица, Штип, Охрид, Прилеп, Делчево, Радовиш, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Илинден, Кавадарци, Вевчани, Свети Николе, Новаци, Берово, Бутел, Петровец, Василево, Карбинци, Зелениково, Кратово, Градско, Демир Хисар, Пехчево, Ново Село, Сопиште, Ресен, Јегуновце, Гевгелија и Босилово.
Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце.
СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.
Изборите не успеаја во три општини – Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше – поради недоволен одѕив на гласачите.
ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство и во Скопје, но градончалник ќе биде избран во вториот круг. Тука силите ќе ги соочат Орце Ѓеорѓиевски и Амар Мециновиќ од Левица. Според последните податоци на ДИК, Ѓеорѓиевски има 39,43 отсто, или 91.582 гласа, додека Мециновиќ освои 13,20 проценти, односно 30.659 гласа. Зад нив се кандидатот од „Вреди“, Башким Бакиу со освоени 12 отсто, 27.864 гласа, Каја Шукова од СДСМ со 11,50 отсто, односно 26.714 гласа и Скендер Реџепи од ДУИ со 26.062 гласа.