Македонија
Средба Лимани – Шчекич: Само обединети како регион можеме да одиме напред и да му се приклучиме на глобалниот економски пазар
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, во рамки на работната посета на Берлин, заради учеството на Форумот за млади од Западен Балкан, оствари билатерална средба и со министерот за спорт и млади на Црна Гора, Драгослав Шчекич.
На средбата стана збор за тоа дека покрај регионалното поврзување на младите кое го прави Регионалната канцеларија за младинска соработка- RYCO, потребно е да се работи на зајакнување на меѓусебната соработка преку заедничко учество на меѓудржавни проекти.
Од страна на црногорскиот министер, беше упатена и директна покана за посета на Црна Гора во насока на продлабочување на досегашната соработка.
Соговорниците зборуваа за тоа дека Европската Унија треба да стане пофлексибилна кон државите на Западен Балкан, без условувања, туку со целосна поддршка. Затоа што Европа не е целосна без државите од Западен Балкан.
Заклучоците на крајот од средбата беа дека само обединети како регион можеме да одиме напред и да се приклучиме на глобалниот економски пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Засилените контроли на Секторот за инспекциски работи на Општина Центар продолжуваат
Во заедничка акција инспекторите за животна средина на Општина Центар, хигиеничарите од ПОЦ и Министерството за внатрешни работи исчистија и заградија напуштен објект кој пред извесен период бил диво населен и претворен во дива депонија и кој претставуваше извор на зарази. Објектот се наоѓа во непосредна близина на гимназијата Р.Ј Корчагин, информираат од Општина Центар.
Градоначалникот на општината, Горан Герасимовски ги повикува граѓаните да ги пријавуваат вака запуштените објекти.
„ Овде затекнавме мини депонија која навистина негативно влијае не само на здравјето на околината туку и на здравјето на самите граѓани кои диво се населиле. Нашата цел како општина е да ги исчистиме и обезбедиме сите слични објекти и поради заштита на здравјето на граѓаните кои живеат во нивна околина и поради безбедносни причини. За таа цел ги повикувам сите жители на Центар да ги пријавуваат ваквите запуштени места со цел да ги исчистиме, обезбедиме и затвориме од повторно насилно вселување“, потенцира Герасимовски.
Општина Центар, како што се истакнува во соопштението, е решена да воведе ред во напуштените објекти и сите сопственици кои имаат вакви објекти ќе бидат задолжени истите да ги одржуваат, безбедноста на граѓаните и одржувањето на јавната хигиена во општината е на прво место.
Македонија
Средба Филков-Вал: дискутирано за планираните реформи во правосудството
Министерот за правда Игор Филков оствари средба со амбасадорот Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Се дискутираше за планираните реформи и проекти во правосудството во насока на владеење на правото . Посебен осврт беше даден на Предлог законот за кривична постапка за што од страна на амбасадорот Вал беше соопштено дека ОБСЕ финансиски ќе го поддржи преводот.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје во соработка со Министерството за правда ќе биде и натаму активно вклучена во подготовката на Развојната секторска стратегија 2024-2028, како и во работните групи за одредени законски измени, истакнуваат од министерството.
Нагласуваат дека соработката и дијалогот во наредниот период ќе се интензивираат со цел да се реализираат планираните реформи во правосудството.
Македонија
Германската министерка на средбата со Муцунски: Потребна ни е обединета ЕУ, која нема да биде блокирана од одделни земји членки
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денес во Берлин оствари билатерална средба со сојузната министерка за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок, што претставува прва официјална средба на двајцата министри по преземањето на министерската позиција на МНРНТ Муцунски.
Фокусот на разговорите на средбата беше за одличните политички и економски односи помеѓу двете земји и цврстото партнерство во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, за поддршката на Германија на нашиот евроинтегративен пат, како и за други актуелни теми од регионален и европски безбедносен аспект.
Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка и ангажманот на Германија за досега постигнатиот напредок на нашата земја на патот кон ЕУ, како и за посветеноста на Германија за забрзување на целокупниот процес на интегрирање на земјите од Западен Балкан, особено во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес.
“Германија е предводник на европската перспектива на нашата земја и на целиот регион, а силниот фокус на спроведување на реформите останува во центарот на пристапот на новата влада“, нагласи Муцунски.
Министерот Муцунски истакна и дека Германија е клучен политички и економски партнер на нашата земја и еден од најголемите трговски партнери во годините наназад, при што изрази очекување за натамошно јакнење на економското партнерство меѓу двете земји и зголемување на обемот на трговска размена преку нови форми на заемна соработка.
На средбата и во рамките на прес-конференцијата, министерот Муцунски изрази убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во Регионот, туку истиот ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји, притоа тој нагласи дека деблокирањето на нашиот евроинтеграциски процес е прашање од стратешки и безбедносен интерес, како за Регионот, така и за постојаните заложби на ЕУ.
Говорејќи за евроинтеграцијата и европската перспектива на Република Северна Македонија, германската министерка за надворешни работи Ана Бербок истакна дека само обединета Европска Унија која нема да биде блокирана од поединечни земји членки, може во кризни времиња целата своја тежина да ја стави на вагата на глобалната политика.
„На нас како Германија ни е посебно важно, да напредуваме во квалификуваното мнозинство, а не само во едногласното одлучување, што би значело дека во пристапниот процес би можеле да одлучуваме со мнозинско, а не едногласно одлучување“, нагласи таа во својата изјава.
Потенцирајќи ја силната поддршка од Германија и фактот дека македонската влада посветено напредува во реформскиот процес, германската министерка Бербок ја спомена важноста на реформите во правосудството, борбата против корупција и зајакнување на правната држава.
Бербок ја нагласи и нашата улога во регионалните иницијативи и притоа додаде дека Република Северна Македонија до сега преземала сериозна одговорност, пред се во рамки на „Берлинскиот процес“, а потоа и во мултилатералните иницијативи на меѓународната сцена, односно во Советот за човекови права на Обединетите Нации и Извршниот совет на организацијата за забрана на хемиско оружје.