Култура
Гоце Цветановски го отвори фестивалот „Киненова“; Улрих Зајдл со порака: Кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора да даде отпор
Во времиња како овие, слободата на уметноста е загрозена. Во времиња како овие, загрозена е и слободата на филмската уметност. Но тоа не е сè. Во времиња како овие, следната генерација режисерки и режисерки понекогаш ја обзема страв. Тие не се плашат дека ќе потфрлат како режисерки и режисери, не, не се работи за таков страв. Туку се плашат дека ќе создадат погрешен филм, имено филм што за некого е правилен филм, а кој според владејачкиот дух на времето и според тие што ни го диктираат духот на времето е погрешен филм, рече во своето обраќање годинешниот лауреат на МФФ Киненова, австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл.
– Имено, духот на времето, кој е меѓу нас и кој лебди над нас, има за цел да ја подучи кинопубликата, и тоа да ја подучи и да ја преобрати на таков начин што ќе одговара на неговите ставови и светогледи. Во смисла на моралот – а мора да се признае, и во смисла добронамерноста – овој дух на времето – има за цел да ја лаже, да ја мами и да ја заблудува публиката, затоа неговите претставници мислат дека се на страната на честа, имено на страната на моралот, и тоа на страна на правилниот морал. Тие чувствуваат дека го имаат тоа право и се сигурни во тоа.
Знаат што е правда, а што е неправда, знаат кои се добрите, а кои се лошите.
Зашто во времиња како овие, еден филм е само тогаш правилен, скапоцен, а со тоа и подобен, ако креира посакуван свет што се претставува како животна стварност, макар што воопшто не одговара животна стварност. Во времиња како овие мора да се прикрие животната стварност за да се создаде политички правилен свет, кој не е отслик на вистинскиот свет, туку е диктат во смисла на т.н. добри луѓе, а е и догма што не смее да се преиспитува затоа што догмата во смисла на добрите луѓе е добра догма.
Значи, следната генерација режисерки и режисери не ги обзема само страв, туку кај нив едновремено провејува и самоцензурата. Човек се цензурира себеси, си ги цензурира идеите, приказните и граѓата, станал претпазлив. Има желба да го задоволи духот на времето, се плаши од моќта на општествените медиуми, со кои не сака да се замери. Човек не сака да направи нешто погрешно зашто сака да создаде филм, а сака да постигне и успех со филмот што би го создал.
И затоа што човек сака да создаде филм и не сака да направи нешто погрешно, тој си се подредува себеси и си ги подредува приказните и ликовите, за да биде сè правилно, имено во смисла на духот на времето и секако во смисла на институциите што ја поддржуваат филмската продукција, во смисла на радиодифузиите, на жиријата и на комисиите за селекција на филмови.

Зашто има струи и развојни текови на меѓународната филмска сцена што влијаат врз тоа за кои приказни и за кои луѓе треба да се раскажува во филмот, т. е. за кои приказни и за кои луѓе, пак, НЕ ТРЕБА да се раскажува во филмот
Или, кажано со други зборови, владее тенденција да ни се пропише нам, на режисерките и режисерите, КОИ ТЕМИ се соодветни на времето, за КОИ ПРИКАЗНИ КОИ ЛУЃЕ треба да ги раскажуваме и КАКО да ги раскажуваме. Се создаваат нови табуа, и тоа со т.н. чесна намера. Табуа, како на пример, за КОГО КАКО и ШТО смее или не смее да се каже. А пред сè, КОЈ што смее да каже.
Светот нема да се подобри ако филмовите НЕ ги прикажуваат општествените недостатоци, дискриминацијата, злоупотребата на моќта и погрешното однесување од сите видови како отслик на нашата животна стварност, затоа што човек НЕ сака да го има – сето тоа зло. Напротив.
Како млад режисер, настапив со моите филмови за да го изменам светот. Моите филмови требаше да го ослободат погледот за она што е вистина и за она што е стварност. Имав намера со нив да гребам по површината, да раскажувам за општествените околности, моќта и односите на моќ, за љубовта и за копнежот по љубов, за страдањето што луѓето заемно си го предизвикуваат и за бездната што е скриена во секого од нас.
Но набрзо сфатив. Со филмови, човек, вистина, не може да го измени светот, но и покрај тоа – и дотолку повеќе – мора да се обидува да го измени светот со филмови. А за тоа е потребна храброст.

Потребна е храброст, а потребен е и увид за да се раскажува за вистинитото и за човечкото, за овдешното и за денешното, за ужасното и за ужасувачкото, и тоа на сосема сопствен начин, според сопствените замисли, со сопствена слобода, без оглед на тоа кој дух на времето нè пресретнува и сака да ни пропише што човек смее да прави и што сè не смее да прави.
Во времиња како овие, кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора, а ова е и мој апел до следната генерација режисерки и режисери, да даде отпор. Да се даде отпор против ограничувањата, отпор против прописите, отпор против духот на времето. На европскиот филм му е потребна истрајност Eigensinn и индивидуалност, потребни му се вистинити приказни, а не разубавена стварност.
На крајот, но не и на последното место, би сакал најсрдечно да му се заблагодарам на Меѓународниот филмски фестивал Киненова и на неговиот директор Небојша Јовановиќ што сум денеска одликуван со Наградата за животно дело. Наградата ми претставува голема чест и голема радост и особено признание на мојата досегашна филмска дејност.
Инаку, секако се надевам дека моето „животно дело“ сè уште не е завршено. Се надевам дека ќе продолжам да ги создавам токму оние филмови што сакам да ги создадам. Филмови за кои се чувствувам обврзан да ги создадам, филмови што брануваат и предизвикуваат немир
Според тоа, оваа Награда ја разбирам како повик да продолжам да предизвикувам немир. Срдечно ви благодарам, рече Зајдл, примајќи го признанието за животно дело.

Киненова ги слави и промовира дебитантите, но секогаш ги има на ум и оние од кои учиме, големите филмски раскажувачи, големите мајстори на седмата уметност.
Фестивалот има важно прашање, кое е дел од фестивалскиот слоган оваа година, а тоа е: ШТО Е ПРВО? ПРИКАЗНАТА ИЛИ ФИЛМОТ? Јајцето или кокошката? Сценаристот или режисерот е прв? Кој е прв? Или од кого почнува се?
Ова се чести дилеми кои се отвораат во разни дискусии за филмската уметност.
Можеби и никогаш нема да дојдеме до точен одговор. Веројатно таа дилема ќе постои, и најубавото е кога два погледи на една визија ќе се сплотат и ќе произведат автентично филмско дело кое понатаму ќе комуницира со гледачите.
За нас ПРВО е филмот како уметност, А потрагата по ПРВИТЕ на новите режисери ни е пасија, страст и љубов. Немаме дилема, најубавите чувства се разбудуваат при изненадувањата. А тие ги носат младите, храбрите, субверзивните, автономни филмски уметници. Ние сакаме да изненадуваме со давање предност токму на нив, препознавајќи го креативниот потенцијал уште на почетокот, занемарувајќи некои мали несовршености кои да не се лажеме постојат секаде.
Едно такво изненадување Фестивалот приреди и вечерва со македонскиот филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски. Оваа бескрајно имагинативна филмска анимација е всушност првиот долгометражен анимиран филм во Северна Македонија.
Филм ќе биде дел од главната натпреварувачка програма на КИНЕНОВА 2024, натпреварувајќи се со уште 5 други филма за наградата ГРАН ПРИ, најдобар филм на деветтото издание на фестивалот.
Наредните денови публиката ќе има можнот да ужива богата програма која ќе изобилува со неверојатни, субверзивни и дефинитивно непознати филмски приказни. Покрај шесте филма во главната програма каде ќе има филмови од: Израел, Хрватска, Грција, Иран, Црна Гора и Северна Македонија, за првпат во нашата земја ќе се претстави и финската кинематографија, а ќе може да се проследи и творештвото на лауреатот Улрих Зајдл преку филмовите од неговата филмска трилогија РАЈ или PARADISE.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патувања“ – изложба на колажи изработени на работилниците за одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во објектот Мала станица, на 12 декември, во 12:30 часот, ќе биде отворена изложба на колажи изработени низ работилниците организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Оваа година се работеше на тема – патување. Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена.
„„Патувања“
Креативен инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што нема да биде строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал. Низ нивните креации тие раскажуваат визуелно-емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно. На овој начин, нивната уметност, не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство. Тие креираат визии за иднината, истражувајќи не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми. Ја користат својата уметност за да ги предвидат можните резултати на одредени општествени или еколошки трендови.
Учениците работеа во колаж-техника, со интервенција на боја, и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Проектот „Патувања“ е инклузивен проект во кој заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка, меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца со оштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, водени од доц. м-р Велимир Жерновски и студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата на постоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак се толку универзални. Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот“, пишува во најавата за изложбата од Националната галерија.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува годинешниот „Синедејс“
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.

