Македонија
Три пиштоли, рамки, шаржер, илјада куршуми, шок-бомби и дрога пронајдени во домот на скопјанец, поведена истрага

При претрес во домот и подрумските простории во сопственост на 48-годишен скопјанец, полициски службеници на 14 октомври пронашле поголемо количество оружје и муниција кои тој ги држел неовластено.
Во домот на улица „Козјак“ биле пронајдени три пиштоли, рамки, шаржер за пиштол како и околу 1000 куршуми со различен калибар. Освен тоа, осомничениот поседувал две рачни шок бомби и една рачна флеш бомба кои на граѓаните им се забранети. При претресот била откриена и наркотична дрога – хероин во вкупна нето маса од 7,75 грама, како и сива дигитална вага со остатоци од хероин.
Врз основа на обезбедените докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи по член 396 став 5 во врска со став 3, како и за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз постапката и сведоците, како и оправдан страв дека осомничениот би можел да го повтори делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.