Македонија
Левица: Додека функционерите уживаат во луксуз, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија
Секое трето дете во Република Македонија живее во сиромаштија – ова го потврди извештајот на УНИЦЕФ којшто беше објавен вчера, по повод 17 октомври – Меѓународен ден за борба против сиромаштијата. Извештајот содржи фрапантни податоци, огромен број на деца во државава се без здравствена заштита, топол оброк, обувки и облека, велат од Левица.
„Енормниот раст на цените на основните прехранбени продукти, високата стапка на невработеност, високите цени во градинките, минимална плата која не е ускладена со инфлацијата се само дел од причините за ваквиот исход. Условите за стекнување на детски додаток се престроги и ретко кој може да го оствари ова право.
Од друга страна, пак, функционерите, оние кои треба да се борат за социјална правда и благосостојба на сите граѓани, а со тоа и на децата, трупаат енормни приходи, недвижнини и акумулираат милионски суми на име патни и други нерационални трошоци. Додека во анкетните листови ги прикриваат имотот со кој располагаат, фирмите во странство и огромните профити, јавноста ја убедуваат дека државата не може да одвои повеќе средства за социјални политики, целосно бесплатно образование, бесплатни градинки и оброци за децата во воспитно – образовните установи.
Македонија по Устав е социјална држава, но дивиот капиталистички систем на управување и алчноста на политичките елити, целосно ја занемаруваат оваа определба на уставотворецот. Ја повикуваме Владата под итно да изнајде решение за кратење на нерационалните трошоци на функционерите и нивна пренамена за сузбивање на детската сиромаштија. Држава во која секое трето дете живее во сиромаштија, неопходно треба да спроведе даночна реформа, да изврши прераспределба на буџетските средства и да овозможи еднакви можности и пристоен живот за секое дете“, стои во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Зголемување на платите во образованието подразбира повисоки плати за сите вработени, наставници, професори и технички персонал
„Зголемувањето на личниот доход подразбира за сите, вклучително и за техничкиот персонал и сите оние кои што не се наставници и професори средното и основното образование“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на договорот за покачување на платите во образованието.
Премиерот Мицкоски рече дека вработените во образованието ќе земат октомвриска плата со покачување од 5 проценти, додавајќи дека до 2028 година платите ќе пораснат за минимум 46 проценти а може и повеќе во зависност од состојбата на буџетот.
„Ќе ги потсетам сите оние кои се вработени во образованието дека октомвриската плата која ќе биде исплатена сега во ноември ќе биде повисока за 5 проценти. Потоа, почнувајќи од мартовската плата 2025 година која ќе биде исплатена во април 2025 година 7 проценти дополнително зголемување. Од март 2026 година помеѓу 7 и пол до 10 проценти во зависност од состојбата во буџетот. Март 2027 година повторно помеѓу 7 и пол до 10 проценти и март 2028 година помеѓу 10 и 12,5 проценти, или минимум 46 проценти поголема плата ќе имаат наставниците во основното и професорите во средното образование споредбено со сега. Значи минимум, а може и повеќе да биде во зависност од состојбата на буџетот“, дециден е Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека после покачување на пензиите, програмите за млади, договорот со СОНК за повисоки плати во образованието, следува и покачување на платите во здравството, посочувајќи дека примарен интерес на Владата се граѓаните.
„Ова е историско нешто кое до сега не било направено. Исто така и Колективниот договор ќе се прави. Значи после пензиите, после оние програми за младите, после консолидирањето на исплатата на субвенциите на земјоделците, сега е и овој договор со СОНК за вработените во образованието. Ќе следи за вработените во здравството итн. сето она кое што како приоритет ќе биде пред нас. Но, ќе има за сите, бидејќи интересот на граѓаните е примарен интерес на оваа Влада“, истакна претседателот на Владата Мицкоски.
Македонија
Без налог инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа и извршија масакр врз птиците, велат од скопската зоолошка
Скопската Зоолошка градина се огласи со соопштение.
„Од изутринава без налог, решение или било каков друг доказ инспектори на АХВ придружувани од лица со оружје упаднаа во ЗОО Скопје и извршија масакр врз птиците. Без образложение, овие лица по наредба на диркторот на АХВ, а без доказ до овој момент убија неколку десетици птици кои слободно се шетаа во зоолошката градина. Станува збор за украсни видови на шатки и гуски кои живеат во градскиот парк, а имаат природен пристап во зоолошката градина од градскиот парк. Целта на оваа секташка политика е да се предизвика нов измислен проблем, и да се обезбеди алиби за затварање на ЗОО Скопје со цел наштетување на угледот. За ова дело ЗОО Скопје ќе поднесат кривични пријави против директорот на АХВ како и до инспекторите и лицата кои со оружје упаднаа во ЗОО Скопје“, пишува во соопштението на Скопската зоолошка.
Претходно, поранешниот директор на институцијата, Ѓорѓи Галетановски, на ФБ објави дека е најдена смртоносна бактерија.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков во свој пост на Фејсбук пишува: „Скопје ЗОО од утрово е затворена за посетители! Истото тоа е по налог на Агенцијата за храна и ветеринарство под сомнение за опасни вируси! Во моментов инспектори и доктори по ветерина се внатре со скафандери и работат на утврдувањето. Повеќе детали официјално чекаме од АХВ и Град Скопје“.
Наскоро очекуваме став и од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Македонија
(Фото) „Макфакс“ на терен: скопската зоолошка под клуч, на влезот оставено известување
Зоолошката градина во Скопје е затворена за посетители, а пред влезот се спуштени решетките.
Залепено е известување за посетителите на кое пишува:
„Ве известуваме дека поради техничко-оперативни работи, на ден 19.10.2024, сабота, зоолошката градина за посетители нема да биде отворена“.
Пред малку, поранешниот директор, Ѓорѓи Галетановски, објави дека смртоносна бактерија „птичји грип“ е најдена во зоолошка градина Скопје.
Во објавата тој вели дека во моментов Зоолошка е затворена, посетителите се евакуирани, а инспектори се веќе влезени.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков во свој пост на Фејсбук пишува: „Скопје ЗОО од утрово е затворена за посетители! Истото тоа е по налог на Агенцијата за храна и ветеринарство под сомнение за опасни вируси! Во моментов инспектори и доктори по ветерина се внатре со скафандери и работат на утврдувањето. Повеќе детали официјално чекаме од АХВ и Град Скопје“.
Засега нема официјално соопштение од Скопје ЗОО дали ваквите наводи кои се споделуваат на социјалните мрежи се точни.
Повеќе детали наскоро…