Македонија
(Видео) Марковска Илиевска: Мозокот на неспособната Арсовска не работи во насока како да ги заврши проектите во корист на граѓаните
Градоначалничката Данела Аросовска ја ситни последната година од мандатот, а скопјани не можат да видат ниту еден реализиран проект, освен натрупани проблеми, кажа денеска на прес-конференција, Анета Марковска Илиевска, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.
„На лавиринтите на Арсовска се заглавени пари на народот, а таа не ги користи да им го олесни живеењето на главниот град. Еден од тие проекти е и изградбата на булеварот Хасан Приштина. Станува збор за капитален проект на кој на сметка на Градот се легнати 10 милиони евра. Булеварот Хасан Приштина или како што е oпшто познат Качанички пат, во Визбегово до скопската обиколница е од огромна важност со цел растеретување на сообраќајот во овој дел на градот“, вели Марковска Илиевска.
Според неа, булеварот требало да биде готов до февруари годинава, а тој не е ни почнат.
„Мозокот на неспособната Арсовска очигледно не работи во насока како да ги заврши проектите во корист на граѓаните. Очигледно на Арсовка и се важни само личните калкулации или според информации во јавноста парите наместо за булевар се вртеле за други намени, за истиот се правеа тендери за избор на фирми кои ќе го градат, иако има институции што се занимаваат со тоа. Додека Арсовска не ги користи парите кои ги има на сметка за да го подобри живеењето на граѓаните, Владата додели средства за 270 проекти за сите општини во Македонија во вредност од нешто повеќе од 4 милијарди денари што е само прв бран на инвестиции во општините. На неспособната Арсовска и се гледа крајот на владеење со Скопје, ама затоа стартуваше промена на секоја педа на државава во корист на народот“, рече Марковска Илиевска на прес конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за Денот на наставата на турски јазик: Образованието на мајчин јазик е педагошка потреба
Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати честитка по повод Денот на наставата на турски јазик, посочувајќи дека овој ден нè потсетува дека образованието на мајчин јазик е педагошка потреба, но и длабока цивилизациска вредност и уставна определба.
-Преку јазикот се пренесуваат знаењето, културната меморија и чувството на припадност, а преку училиштето тие вредности се претвораат во заедничко богатство на државата, наведе Мицкоски.
Премиерот посочува дека наставата на турски јазик е дел од нашето историско и општествено наследство и придонесува кон градење образовен систем заснован на почит, еднаквост и меѓусебно разбирање.
-Како Влада, ја разбираме одговорноста да обезбедиме услови во кои секое дете ќе има пристап до квалитетно образование, без разлика на мајчиниот јазик. Инвестирањето во образованието и во наставата на мајчин јазик е инвестирање во довербата, во заедништвото и во иднината на државата. Честит Ден на наставата на турски јазик, додава премиерот во објава на Фејсбук.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

