Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди особено во источниот дел. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималните температури ќе се движат од -1 до 9, а максималните од 15 до 21 степен.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Oд УХМР додаваат дека следува период во кој ќе преовладува стабилно и претежно тивко време со ниски утрински температури кои наместа ќе се спуштаат до некој степен под нула. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност, а до средината на работната недела дневната температура ќе биде во благ пораст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Директорот на БЈБ Јанев на Меѓународна асоцијацијa на шефови на полиции во Бостон
Од 19 до 23.10.24 година, се одржува Меѓународната асоцијација на шефови на полиција, во Бостон, САД, каде што македонската делегација предводена од Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев се сретна и со федералнaта Заменик Помошник Јавна обвинителка Никол Арџентиери, раководител на Службата за криминал при Одделот за правда на САД.
На средбата беше упатена благодарност за сите активности кои се спроведуваат за поддршка во градење на капацитетите и модернизација на македонската полиција кои Владата на САД ја дава во рамки на програмата на ИЦИТАП преку Амбасадата на САД во Скопје.
Взаемно беше нагласена заложбата и неопходноста за одржливост на постоечките проекти, а воедно идентификација и воспоставување на нови проекти и зајакната понатамошна соработка во насока на зацврстување на позицијата и потврда на кредибилноста на македонската полицијата во борбата со криминалот од една страна, како и иницијативи за понатамошно градење на полициско-граѓанско партнерство и доверба.
Директорот на БЈБ во рамки на настанот ја искористи можноста и да се сретне со своите колеги и делегации од регионот, со цел здружување на напорите во бескомпромисната борба со криминалот на регионално и глобално ниво преку воспоставување на заеднички операции и заеднички обуки, тренинзи и практични вежби.
Во текот на престојот најавени се и останати средби и активности на Македонската делегација
Македонија
(Фото) Мицкоски со воз до Салцбург, ќе има панел и обраќање на 20-тиот Европски самит
Премиерот Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил објави фотографија од своето патување со воз од Виена до Салцбург, каде утре има свој панел и излагање на 20тиот Европски самит посветен на Европската Унија и реформите на овој пат.
„Имаме јасен план и визија и подготвеност да бидеме вреднувани според нашите напори и залагања. Веќе следниот ден на средби во Австрија со австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг и претседателот на Австрија Александер Ван дер Белен. Ги браниме македонските интереси и работиме за заедничката иднина“, напиша Мицкоски на ФБ.
Македонија
Д-р Даниловски: Ризиците од заразување со птичји грип се мали
По потврдата на птичји грип кај угината гуска во скопската зоолошка градина, епидемиологот д-р Драган Даниловски на својот ФБ профил се обиде да ја смири јавноста.
„Мутации кај вирусот се случуваат кога циркулира меѓу големи популации на животни (во случајов птици), со што може да ја зголеми патогеноста. Но, една угината птица од која е изолиран вирусот не мора да значи дека цела зоолошка градина и цел парк се со заразени птици.
Мерките што Агенцијата за храна и ветеринарство ги презеде (колку и да изгледаат отстрана драматично) – и што ќе ги презема наредните денови, се легитимни и легални. АХВ го превенира ширењето со ригорозни мерки, без толеранција, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца. Тоа е за поздравување.
Кој е под ризик да се зарази? Практично, исклучиво птиците. Ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.
Нема овде многу работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центарот за јавно здравје, освен здравствен надзор над граѓаните што ја посетиле Зоолошката градина и вработените. Сепак, за нивно заразување ризиците се минимални.
Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.
Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо.
Преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.
Периодот на инкубација се движи просечно од 2 до 5 дена, па и до 17 дена.
Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).
Стапката на смртност од инфекција со A(H5N1) кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен.
Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали. Бидете си спокојни“, вели д-р Даниловски.