Македонија
(Видео) Анима Мунди: Птичји грип не се превенира со кршење вратови, фрлање живи во канта и стрелање со пушки
Птичји грип не се превенира со кршење вратови, фрлање живи во канта и стрелање со пушки: повикуваме на итен прекин, разум и одговорност, реагираат од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“.
„Иако во Македонија не е забележан ниту еден случај на птичји грип кај домашната живина и вирусот на птичји грип е речиси без никаква опасност по здравјето на луѓето, за само еден ден направен е масакар врз птици во Зоо Скопје. Поточно, што е видливо и на овие грозоморни видеа, најсурово – со пушки, кршење вратови, фрлање живи во канти за ѓубре – се ликвидирани 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата. Прашуваме кој извршил тестирање и докажал присуство на птичји грип и кои се шансите да не се во право? Кои се шансите во ЗОО Скопје, каде не е извршен увоз на ниту една птица периодов; да се пријави птичји грип, а никаде во државава да го нема?
Прашуваме, дали птичји грип фаќаат само небитни живи битија, небитни животи кои немаат економска вредност – гуски, патки, чавки, кокошки – или фаќаат и орли, мршојади, ара папагали, птици кои се заштитени со закон, ретки видови птици пред истребување? Како тогаш тие во ова лудило спасиле жива глава, или е во прашање страв од јавноста, домашна и странска која како никогаш до сега е во шок и ова најостро го осудува! Не само тоа, страв од сериозна правна, кривична одговорност во случај кога вака би ликвидирале со закон заштитени птици!“.
Бараме ова лудило да запре, бараме комплетна транспарентност, документи на увид, имиња и презимиња/ евиденција за тоа кој констатирал и докажал птичји грип и најстрога одговорност доколку се докаже дека не се во право!
Ние во ова не веруваме додека не се излезе јавно со сериозни докази, а и доколку е точно за овој терор оправдување нема! Доколку требаше да се преземат одредени мерки за спречување на евентуално ширење на птичјиот грип, тоа би можело да се реши со ставање под карантин на околината која е потенцијален ризик на изворот на вирусот.
Несфатливо е, ако треба да се изврши евтаназија, живината претходно да не биде зашеметена со евтини гасовити анестетици како што е хлороформот, кој му е познат на секој ветеринар.
Наместо тоа, бездушно е извршена болна ликвидација на питома живина со истиснување на нивните вратови и пукање со огнено оружје, што, за уште поголем срам на цела Македонија, утре ќе се нарече хумана евтаназија!
Повикуваме на разум, ако некој ја има и итен прекин на ова лудило! АХВ, Институт за јавно здравје, сите надлежни, бараме итно ова да запре! Бараме одговорност за сите кои наредиле и спровеле вакво умоболие врз животните“, пишува во ФБ објавата на „Анима Мунди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.

