Македонија
Андоновски: Новиот патриотизам значи модернизација на државата

„Само преку целосна дигитална трансформација можеме да создадеме јавен сектор кој навистина ќе служи на потребите на граѓаните во 21-от век. Затоа, работата на нашето Министерство не е ограничена само на имплементација на технички решенија. Ние работиме на сеопфатна трансформација која вклучува промена на процесите, регулаторно кратење на бирократските обврски, обуки за дигитални вештини, и што е најважно – промена на културата во јавниот сектор“, вели Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација на денешната Платформа: 100% посветени за тебе на тема „Унапредување на дипломатијата и надворешната трговија, интеграцијата во ЕУ и дигитална трансформација“.
„Граѓаните избраа патриотизам на 21виот век. Граѓаните добија сериозна влада која гарантира економски напредок и вистински реформи за европска иднина, за доброто на сите. Нашата тема ќе биде иднината. Како да ја ставиме технологијата во функција на подобра иднина. Тоа е вистински патриотизам. Не само што ја исполнивме, туку и далеку ја надминавме нашата првична цел. Наместо 20, испорачавме повеќе од 80 нови дигитални услуги за граѓаните и компаниите. Ова четирикратно зголемување е резултат на нашата посветеност и соработка со други институции. Дополнително, бележиме 56% раст во користењето на постоечките услуги од страна на граѓаните“, рече Андоновски и додаде:
„Сите овие реформи и проекти се во насока на вистинско и реално придвижување на Македонија кон полноправно членство во ЕУ. Сите овие проекти ќе бидат во согласност со Иницијативата за дигитална трансформација на ЕК насловена „ЕУ дигитална декада – дигитални цели за 2030″, Планот за развој на ЕК за Западен Балкан, затоа што дигиталната трансформација на Западен Балкан и зајакнување на неговиот потенцијал како двигател на економскиот раст и просперитет во регионот преку подобрување на пристапот до дигитални добра и услуги е еден од главните приоритети на Реформската агенда. Погледнете ги успешните примери на Естонија, Полска, Словенија, Литванија, Летонија, па дури и Молдавија. Нивниот импресивен развој денес е директен резултат на правилна и брза дигитална трансформација.
Стратегијата ќе исцрта кои институции ќе дигитализираат приоритетно и кои се новите услуги кои ќе ги понудиме на граѓаните во следните 4 години. Рокови, активности, средства“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу: Се зајакнуваат капацитетите на болницата во Прилеп, промовирана нова медицинска опрема во вредност над 50 милиони денари

Министерот за здравство Азир Алиу, заедно со заменик министерот Јовица Андовски, денеска ја посетија Општата болница во Прилеп по повод промоција на нова медицинска опрема, во вредност над 50 милиони денари.
– Со новата медицинска опрема се зајакнуваат капацитетите на оваа јавна здравствена установа. Поголем дел од опремата е наменет за одделението за гинекологија и акушерство и опфаќа современи апарати и нови гинеколошки столови, со што се создаваат подобри услови за работа и третман. Првпат во Прилеп воведуваме лапароскопија и хистероскопија, што претставува голем напредок во гинеколошко-акушерската здравствена заштита. Со тоа, пациентките повеќе нема да имаат потреба да патуваат во други градови за вакви интервенции, информираше министерот Алиу.
За гинеколошкото одделение е обезбеден дигитален електрокаутер – современ апарат за безбедни и прецизни хируршки интервенции и контрола на крварења. По повеќе од 15 години, целосно се обновени и гинеколошките столови за прегледи и породување, кои овозможуваат повисок стандард на удобност и сигурност за родилките и персоналот.
-Покрај новата опрема, во тек е и постапка за вработување 124 лица на неопределено време, од кои 21 доктор, 49 медицински сестри, 34 болничари, 6 физиотерапевти и друг медицински и немедицински кадар. Овие инвестиции претставуват уште еден значаен чекор во континуираната заложба на Министерството за здравство за унапредување на здравствената заштита и обезбедување современи услови за третман и дијагностика на пациентите, истакна Алиу.
Македонија
Министерството за култура: Дозволата за градба кај куќата на Владо Малески ја издало раководството на СДСМ

Министерството за култура и туризам остро ги отфрли обвинувањата од СДСМ во врска со оштетувањето на заштитениот објект – куќата-музеј на Владо Малески во Струга, оценувајќи ги како „неточни, тенденциозни и политички мотивирани“.
Од Министерството посочуваат дека решението за рушење на соседниот објект и изградба на нов, во сопственост на лице од струшкото село Велешта, е издадено на 17 јули 2023 година, во период кога институциите биле под раководство на СДСМ.
„Ова јасно покажува дека токму претходната власт, наместо да го штити културното наследство, го занемаруваше и игнорираше“, стои во реакцијата.
Од Министерството информираат дека веднаш по добивањето на информациите, стручен тим од Завод и музеј – Охрид извршил увид, а на терен е и инспекциската служба од Управата за заштита на културното наследство, која ја проверува состојбата со објектот.
Во соопштението се нагласува дека ресорот останува „посветен на вистинската заштита и унапредување на културното наследство“, додека, како што наведуваат, СДСМ рушеше објекти, а ги рушеше и јазикот, културата и идентитетот. Министерството порача дека културното наследство не смее да биде жртва на политички манипулации и дневнопартиски интереси.
Вчера беше објавено дека поради изградба на објект во Струга, оштетени биле ѕидот и кровот на куќата-музеј на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна, која е споменик заштитен како културно наследство. Од опозициската СДСМ обвинија дека тоа не е изолиран инцидент,туку резултат на системска незаинтересираност, институционална парализа и политичка неодговорност на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Јанков: Масовно излезете на 19 октомври и заокружете го бројот 9 за историска победа во Струмица

Петар Јанков, кандидат за градоначалник на општина Струмица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денес се заблагодари за огромната поддршка која што ВМРО-ДПМНЕ ја добива од граѓаните во Струмица.
„Секојдневно сме меѓу вас, разговараме, добиваме огромна поддршка, благодарност за поддршката“, вели Јанков.
Јанков ги повика граѓаните на 19 октомври масовно да излезат, да го заокружат бројот 9, се со цел огромна победа во Струмица.
„Ве повикувам на 19 октомври масовно да излезете, да го заокружите бројот 9 и да извојуваме една голема победа во Струмица“, истакна Јанков.